Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали еволуцијата е во склад со Библијата?

Дали еволуцијата е во склад со Библијата?

Дали еволуцијата е во склад со Библијата?

ДАЛИ Бог се послужил со еволуција за да ги создаде луѓето од животните? Дали го водел развојот на бактериите, па тие станале риби, кои потоа продолжиле да се развиваат во влекачи и цицачи за, на крајот, еден вид мајмуни да станат луѓе? Некои научници и верски водачи велат дека веруваат и во еволуцијата и во Библијата. Тие сметаат дека библиската книга 1. Мојсеева е алегорична, со преносно значење. Можеби и ти си се прашал: ‚Дали теоријата дека човекот се развил од животните е во склад со Библијата?‘

Многу е важно да знаеме од каде потекнуваме за да можеме да разбереме кои сме, каде одиме и како треба да живееме. Само ако знаеме како настанал човекот, ќе можеме да сфатиме зошто Бог дозволува да страдаме и каква иднина подготвува за човекот. Не можеме да бидеме блиски со Бог ако не сме уверени дека тој нѐ создал. Затоа, да испитаме што вели Библијата за потеклото на човекот, за неговата сегашна состојба и за неговата иднина. Потоа ќе видиме дали теоријата на еволуција е во склад со Библијата.

Кога постоел само еден човек

Еволуционистите тврдат дека животните постепено се развиле во луѓе, и не признаваат дека во почетокот постоел само еден човек. Меѓутоа, Библијата ни кажува нешто сосема друго. Таа вели дека потекнуваме од еден човек, Адам. Во Библијата Адам е прикажан како човек што навистина постоел. Таа ни открива како се викале неговата жена и некои од неговите деца. Ни кажува во детали што правел, што рекол, кога живеел и кога умрел. Исус не мислел дека тој извештај е само приказна за необразовани луѓе. На високообразованите верски водачи им рекол: „Зарем не сте читале дека оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско?“ (Матеј 19:3-5). Потоа го цитирал она што било речено за Адам и Ева во 1. Мојсеева 2:24.

Лука, кој бил библиски писател и совесен историчар, го прикажал Адам како личност што постоела исто како што постоел и Исус. Лука ги наброил сите предци на Исус, враќајќи се наназад до првиот човек (Лука 3:23-38). Исто така, кога апостол Павле зборувал пред многу луѓе, меѓу кои имало и филозофи школувани во прочуените грчки школи, тој им рекол: „Богот кој го создаде светот и сѐ што е на него... од еден човек го направи целиот човечки род за да живее по целото лице на земјата“ (Дела 17:24-26). Јасно е дека Библијата учи дека сите потекнуваме од „еден човек“. Дали она што го вели Библијата за почетната состојба на човекот се совпаѓа со еволуцијата?

Човекот го изгубил совршенството

Библијата ни кажува дека Јехова го создал Адам како совршен човек. Невозможно е Бог да создаде нешто несовршено. Во извештајот за создавањето читаме: „Бог го создаде човекот според својот лик... Потоа Бог го погледна сето она што го беше направил, и гледај, беше многу добро“ (1. Мојсеева 1:27, 31). Што значи да се биде совршен човек?

Еден совршен човек има слободна волја и може во потполност да ги покажува особините што ги има Бог. Библијата вели: „Вистинскиот Бог ги направил луѓето чесни, но тие одат по многуте свои замисли“ (Проповедник 7:29). Адам одлучил да се побуни против Бог. Со својата побуна, тој го изгубил совршенството за себе и за своите потомци. Тоа што човекот повеќе не е совршен објаснува зошто често се разочаруваме од себеси, иако сакаме да го правиме она што е исправно. Апостол Павле напишал: „Не го правам она што го сакам, туку она што го мразам, тоа го правам“ (Римјаните 7:15).

Еден совршен човек може да живее вечно и има совршено здравје. Тоа го вели Библијата. Од она што Бог му го рекол на првиот човек Адам, јасно е дека, ако му останел послушен на Бог, немало да умре (1. Мојсеева 2:16, 17; 3:22, 23). Јехова немало да рече дека човекот бил „многу добро“ создаден ако бил подложен на болести или склон кон бунтовност. Губењето на совршенството објаснува зошто човечкото тело, иако е прекрасно создадено, е подложно на деформитети и на болести. Според тоа, еволуцијата не е во склад со Библијата. Таа го прикажува денешниот човек како животно кое оди кон повисок степен на развојот. Библијата го прикажува денешниот човек како потомок на еден совршен човек кој сѐ повеќе пропаѓа.

Идејата дека Бог се послужил со еволуцијата за да го создаде човекот не е во склад ни со она што го вели Библијата за Бог како личност. Ако Бог го водел процесот на еволуција, тоа би значело дека го довел човештвото до неговата денешна бедна и мачна состојба. Меѓутоа, Библијата ни го вели следново за Бог: „Тој е Карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен е и вистинољубив. Тие се расипаа, тие не му се деца, вината е нивна“ (5. Мојсеева 32:4, 5). Значи, денешното страдање на луѓето не е последица на еволуција која била водена од Бог. Луѓето страдаат затоа што еден човек го изгубил совршенството за себе и за своите потомци со тоа што се побунил против Бог. Сега, откако го разгледавме случајот на Адам, да видиме што е со Исус. Дали еволуцијата се совпаѓа со она што го вели Библијата за Исус?

Можеш ли да веруваш и во еволуцијата и во христијанските учења?

„Христос умре за нашите гревови.“ Веројатно веќе знаеш дека ова е едно од основните учења на христијанството (1. Коринќаните 15:3; 1. Петрово 3:18). За да сфатиме зошто еволуцијата нема никакви допирни точки со овие зборови, најнапред треба да разбереме зошто Библијата вели дека сме грешници и како се одразува врз нас гревот.

Сите сме грешници во таа смисла што не можеме совршено да ги покажуваме прекрасните особини на Бог, како што се неговата љубов и правда. Затоа, во Библијата е запишано: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Библијата ни кажува дека гревот е причина за смртта. „Осилото кое предизвикува смрт е гревот“, стои во 1. Коринќаните 15:56. Значи, гревот што сме го наследиле е главната причина за тоа што се разболуваме. Исус покажал дека постои врска помеѓу болестите и нашата грешност. На еден парализиран човек му рекол: „Простени ти се гревовите“, и човекот оздравел (Матеј 9:2-7).

Како ни помага нам Исусовата смрт? Библијата ги споредува Адам и Исус Христос и вели: „Како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15:22). Жртвувајќи го својот живот, Исус платил за гревот што сме го наследиле од Адам. Затоа, сите што покажуваат вера во Исус и го слушаат, ќе го добијат она што го изгубил Адам — можноста да живеат вечно (Јован 3:16; Римјаните 6:23).

Врз основа на сево ова, сфаќаш ли дека еволуцијата не е во склад со христијанските учења? Ако не се согласуваме со тоа дека „во Адам сите умираат“, како можеме да се надеваме дека „во Христос сите ќе оживеат“?

Зошто луѓето веруваат во еволуцијата

Библијата открива зошто луѓето прифаќаат учења како што е еволуцијата. Во неа стои: „Ќе дојде време кога луѓето нема да го поднесуваат здравото учење, туку, според своите желби, ќе си насоберат учители, кои ќе им го зборуваат она што им годи на ушите. И ќе ги одвратат ушите од вистината, а ќе се свртат кон измислени прикаски“ (2. Тимотеј 4:3, 4). Иако еволуцијата обично се објаснува со научна терминологија, таа е верска наука. Еволуцијата го обликува ставот на луѓето кон животот и кон Бог. Нејзините верувања лукаво ги задоволуваат човечките себични склоности и желбата за независност. Мнозина од оние што веруваат во еволуцијата велат дека веруваат и во Бог. Меѓутоа, си земаат слобода да мислат дека Бог не бил тој што создал сѐ, дека не се меша во работите на човекот и дека нема да им суди на луѓето. Тоа се верувања што им годат на ушите на луѓето.

Оние што ја бранат еволуцијата честопати не се раководат од фактите, туку од „своите желби“ — можеби од желбата да бидат прифатени од научните кругови во кои еволуцијата е призната теорија. Професорот по биохемија Мајкл Бехе, кој поголемиот дел од својот живот ги проучувал сложените процеси што се одвиваат во живите клетки, објаснил дека оние што тврдат дека клетката настанала по пат на еволуција немаат никаква основа за своите тврдења. Можно ли е да имало еволуција на вакво молекуларно ниво? „Молекуларната еволуција нема научна поткрепа“, напишал тој. „Не постои публикација во научната литература — ниту угледно списание, ниту стручно списание, ниту книга — што опишува како дошло до или дури и дека би можело да дојде до молекуларна еволуција на некој реален, сложен, биохемиски систем... Тврдењата на Дарвиновата молекуларна еволуција се само обично фалење.“

Ако еволуционистите не можат да изнесат доволно докази, зошто толку гласно ги пропагираат своите идеи? Бехе објаснува: „Многу луѓе, вклучувајќи и многу важни и високоценети научници, едноставно не сакаат ни да чујат за некоја натприродна сила која создала сѐ“.

Теоријата на еволуција ја прифаќаат и многу свештеници затоа што сакаат да испаднат учени и мудри. Тие се слични на луѓето што се опишани во писмото што апостол Павле им го испратил на христијаните во Рим. Тој напишал: „Она што може да се знае за Бог им е видливо... Неговите невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено, па така тие луѓе немаат изговор. Зашто, иако го запознаа Бог, не му оддадоа слава и не му заблагодарија како на Бог, туку размислувањето им стана залудно и неразумното срце им се помрачи. Тврдеа дека се мудри, но станаа безумни“ (Римјаните 1:19-22). Што ќе ти помогне да не те измамат лажните учители?

Вера во Творецот на темел на докази

Од дефиницијата за вера што ја дава Библијата се гледа колку е важно да се соберат докази. Во Библијата пишува: „Верата е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме, доказ за она што е вистинско, иако не се гледа“ (Евреите 11:1). Вистинската вера во Бог треба да се темели на докази што покажуваат дека навистина постои Творец. Библијата ни ги посочува таквите докази.

Библискиот писател Давид напишал: „Те фалам, полн со страхопочит, зашто сум чудесно создаден“ (Псалм 139:14). Ако одвоиме време да размислиме за тоа колку чудесно е создадено нашето тело и сите други живи суштества, ќе се исполниме со страхопочит кон мудроста на нашиот Творец. Сите делови од илјадниците системи што координирано функционираат за да нѐ одржат во живот се идеално осмислени. Исто така, во вселената гледаме докази за математичка прецизност и ред. Давид напишал: „Небесата ја објавуваат Божјата слава, небесниот свод зборува за делата на неговите раце“ (Псалм 19:1).

И самата Библија е богат извор на докази дека постои Творец. Ако одвоиш време да ја испиташ доследноста на нејзините 66 книги, нејзините високи морални мерила и точното исполнување на пророштвата што се запишани во неа, ќе собереш огромни докази дека нејзин автор е Оној што создал сѐ. Исто така, кога ќе ги разбереш библиските учења, ќе се увериш дека нејзин автор е Творецот. На пример, кога ќе дознаеш што вели Библијата за страдањата, за Божјето Царство, за иднината на човештвото и за тоа како да бидеме среќни, ќе добиеш очигледни докази за Божјата мудрост. Ќе го мислиш истото што го мислел и Павле, кој напишал: „О длабочино на Божјето богатство, мудрост и знаење! Колку се неистражливи неговите судови и несфатливи неговите патишта!“ (Римјаните 11:33).

Додека ги испитуваш доказите и додека твојата вера расте, ќе се увериш дека, кога ја читаш Библијата, ти слушаш што ти кажува самиот Творец. Тој вели: „Јас ја направив земјата и го создадов човекот на неа. Со свои раце ги распнав небесата и ѝ заповедам на целата нивна војска“ (Исаија 45:12). Сигурно никогаш нема да зажалиш што вложуваш труд за да се увериш дека Јехова е Творецот на сѐ што постои.

[Истакната мисла на страница 14]

Апостол Павле им рекол на образованите Грци: ‚Бог од еден човек го направи целиот човечки род‘

[Истакната мисла на страница 15]

Еволуцијата го прикажува денешниот човек како животно кое оди кон повисок степен на развојот. Библијата го прикажува како потомок на еден совршен човек кој сѐ повеќе пропаѓа

[Истакната мисла на страница 16]

„Молекуларната еволуција нема научна поткрепа“

[Истакната мисла на страница 17]

Тоа што живите суштества се чудесно создадени нѐ исполнува со страхопочит кон мудроста на нашиот Творец