Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Охрабрувај го семејството со „пријатни зборови“

Охрабрувај го семејството со „пријатни зборови“

Охрабрувај го семејството со „пријатни зборови“

СО СЕКОЈ изминат миг, Дејвид станувал сѐ погневен. Додека ја чекал својата сопруга во автомобилот, постојано погледнувал во часовникот. Кога жена му, Дајен, конечно излегла од дома, не можел да не го излее својот гнев.

„Зошто дозволуваш да те чекам толку долго?“ — ѝ се развикал. „Секогаш доцниш! Зар не можеш барем еднаш да бидеш готова навреме?“

Дајен била скршена. Почнала да плаче и со трчање се вратила дома. Во истиот момент Дејвид ја сфатил својата грешка. Неговиот гнев само ги влошил работите. Што да прави сега? Го изгаснал автомобилот, длабоко воздивнал и со бавни чекори се вратил дома.

Оваа случка е нешто сосема реално, нели? Дали некогаш си посакал да ги повлечеш своите зборови? Кога зборуваме без да размислуваме, честопати кажуваме работи за кои подоцна ќе зажалиме. Со добра причина, Библијата вели: „Срцето на праведникот промислува што ќе одговори“ (Изреки 15:28).

Но, не е баш лесно да размислиме трезвено пред да кажеме нешто, особено кога сме гневни, исплашени или повредени. Посебно во односот со блиските членови на семејството, секој обид да ги изразиме нашите чувства може лесно да премине во обвинување или критикување на другиот. Тоа, пак, може да го повреди или да предизвика караница.

Како да ги подобриме работите? Што да направиме за да не нѐ надвладеат емоциите? Убави совети можеме да добиеме од библискиот писател Соломон.

Размисли што ќе кажеш и како ќе го кажеш

Кога Соломон, кој ја напишал библиската книга Проповедник, ги запишал своите отрезнувачки размислувања за ништожноста на животот, очигледно имал цврсто изградени мислења во врска со таа тема. „Го замразив животот“, рекол. А во една прилика рекол дека животот е „суета над суетите“ (Проповедник 2:17; 12:8). Сепак, книгата Проповедник не е список на замерките што ги имал Соломон. Тој не сметал дека е во ред само директно да ја каже негативната страна на работите. Во заклучокот на својата книга, Соломон открива дека ‚се трудел да пронајде пријатни зборови и да ги напише точните зборови на вистината‘ (Проповедник 12:10).

Соломон очигледно сфатил дека мора да ги контролира своите чувства. Всушност, тој постојано се прашувал: ‚Дали она што сакам да го кажам е навистина точно? Ако ги кажам овие зборови, дали ќе бидат пријатни за другите?‘ Барајќи ‚пријатни зборови на вистината‘, тој успевал да спречи чувствата да му ги поматат мислите.

Резултат од тоа не е само едно литературно ремек-дело туку и извор на божествена мудрост во врска со смислата на животот (2. Тимотеј 3:16, 17). Дали она што го кажал Соломон за една осетлива тема може да ни помогне да комуницираме подобро со нашите најмили? Да разгледаме еден пример.

Научи да ги контролираш чувствата

Да наведеме еден пример. Да речеме дека едно дете се враќа од училиште со ученичката книшка в рака и со натажено лице. Татко му ги погледнува оценките и забележува една слаба. Веднаш му поминуваат пред очи многуте пати кога детето не седнувало да учи, и чувствува како му се качува притисокот. Тогаш му доаѓа да се развика: „Мрзо една! Ако продолжиш вака, ништо нема да стане од тебе!“

Пред да дозволи да реагира под влијание на негативните чувства, таткото треба да се праша: ‚Дали она што го мислам е навистина точно?‘ Ова прашање може да му помогне да стави граница меѓу чувствата и разумот (Изреки 17:27). Дали син му навистина нема да успее во животот затоа што не му оди еден предмет? Дали е секогаш мрзлив или само одложува да учи затоа што му е тешко да го сфати материјалот по тој предмет? Библијата постојано истакнува дека треба да се гледа на работите разумно и реално (Тит 3:2; Јаков 3:17). За да го охрабри детето, родителот треба да каже ‚точни зборови на вистината‘.

Да се пронајдат исправните зборови

Штом таткото ќе одлучи што ќе каже, би можел да се запраша: ‚Како да го кажам тоа со зборови што на син ми ќе му бидат пријатни и убави?‘ Точно е дека не е лесно да се најдат исправните зборови. Но, родителите треба да мислат на тоа дека тинејџерите честопати се склони да размислуваат во крајности — или сѐ или ништо. Тие може да посочат една своја слабост или пропуст и да ја преувеличат нејзината сериозност, па врз основа на неа да оформат мислење за себеси. Ако еден родител претера, може да го засили негативното размислување кај своето дете. Во Колошаните 3:21 стои: „Не огорчувајте ги своите деца, за да не станат малодушни“.

Со зборовите како „секогаш“ и „никогаш“ обично се обопштуваат или се преувеличуваат работите. Кога еден родител ќе рече: „Ти никогаш нема да постигнеш ништо“, зар детето ќе може да си го задржи своето достоинство? Ако во многу ситуации во животот му се повторува истото, едно дете може да почне да мисли дека не го бива за ништо. Се разбира, ова не само што ќе го обесхрабри туку и не е точно.

Обично е многу подобро да се истакнат позитивните аспекти од некоја ситуација. Таткото во нашиот пример би можел да рече нешто како ова: „Сине, гледам дека не ти е сеедно поради слабата оценка. Ама знам дека обично се трудиш. Затоа, ајде да видиме како да го совладаме она што ти е тешко во овој предмет“. За да види како најдобро да му помогне на својот син, таткото ќе треба да постави и некои поконкретни прашања за да открие дали детето го мачат и некои други проблеми.

Со ваквите љубезни и промислени зборови веројатно ќе постигне многу повеќе отколку ако избувне. „Љубезните зборови се саќе со мед“, нѐ уверува Библијата, „слатки за душата и лек за коските“ (Изреки 16:24). Децата — и, всушност, сите од семејството — цветаат ако живеат во мирољубива и пријатна атмосфера.

‚Она со кое е полно срцето‘

Да се вратиме на сопругот што го спомнавме на почетокот. Зар не би било подобро да почека малку за да најде ‚пријатни зборови на вистината‘ наместо само нервозно да ѝ се развика на жена си? Во таква ситуација, еден сопруг треба да се запраша: ‚Дури и ако жена ми треба да се потруди да биде готова навреме, дали е точно дека секогаш доцни? Дали сега е вистинскиот момент да ѝ го спомнам тоа? Дали лутите, критизерски зборови ќе ја мотивираат да се промени?‘ Ако застанеме за да си ги поставиме овие прашања, нема ненамерно да ги повредиме оние што ни се најмили (Изреки 29:11).

Но, што ако семејната дискусија постојано завршува со расправија? Тогаш ќе треба да гледаме под површината и да ги согледаме чувствата што стојат зад кажаните зборови. Она што го велиме, особено кога сме изнервирани или кога сме под притисок, може да открие многу за тоа какви навистина сме однатре. Исус рекол: „Устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Матеј 12:34). Тоа значи дека нашите зборови честопати откриваат какви се нашите најскриени мисли, желби и ставови.

Дали гледаме на животот реално, позитивно и со надеж? Тогаш од тонот и од содржината на нашите разговори најверојатно ќе се види тоа. Дали најчесто сме строги, песимистични или критизерски настроени? Ако да, би можеле да ги обесхрабриме другите со она што ќе го речеме или со начинот на кој ќе го кажеме тоа. Можеби не сме свесни колку негативно сме почнале да размислуваме и да зборуваме. Можеби дури и си мислиме дека исправно гледаме на работите. Но, мора да внимаваме да не се самозалажуваме (Изреки 14:12).

За среќа, ја имаме Божјата реч. Библијата може да ни помогне да ги преиспитаме своите мисли и да процениме кои се исправни, а кои треба да ги исправиме (Евреите 4:12; Јаков 1:25). Независно од тоа какви вродени склоности имаме или како сме биле воспитувани, секој може да одлучи да го промени своето размислување и постапување ако навистина сака (Ефешаните 4:23, 24).

Освен што ќе ја користиме Библијата, можеме да направиме уште нешто за да видиме како комуницираме со другите. Едноставно прашај ги. На пример, прашај го својот брачен другар или своето дете искрено да ти каже каков си на тоа поле. Разговарај со некој зрел пријател што добро те познава. Ќе треба да бидеш понизен за да го прифатиш она што ќе ти го кажат и да се промениш ако е потребно.

Размисли пред да кажеш нешто!

Значи, ако навистина сакаме да не ги повредиме другите со нашите зборови, треба да го правиме тоа што ни е речено во Изреки 16:23: „Интелигентните [т.е. мудрите] луѓе мислат пред да зборуваат. Тогаш она што ќе го кажат е поуверливо“ (Today’s English Version). Нема да биде секогаш лесно да ги контролираме чувствата. Сепак, ако се трудиме да ги разбереме другите наместо да ги обвинуваме или да ги потценуваме, ќе ни биде полесно да ги најдеме исправните зборови за да се искажеме.

Се разбира, никој не е совршен (Јаков 3:2). Понекогаш секој од нас ќе каже нешто непромислено (Изреки 12:18). Но, со помош на Божјата реч, можеме да научиме да размислуваме пред да кажеме нешто и да ги ставиме интересите и чувствата на другите пред своите (Филипјаните 2:4). Да бидеме решени да ги бараме ‚пријатните зборови на вистината‘, особено кога разговараме со членовите на нашето семејство. Тогаш нашите зборови нема да ги повредат или да ги скршат нашите сакани, туку ќе ги излекуваат и ќе ги охрабрат (Римјаните 14:19).

[Слика на страница 12]

Што ќе ти помогне да не кажеш нешто за кое подоцна ќе зажалиш?