Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 Поучете ги своите деца

Марко не се откажал

Марко не се откажал

МАРКО напишал една од четирите библиски книги за животот на Исус. Неговата книга е најкратката и најлесната за читање. Кој бил Марко? Дали можеби го познавал Исус?— * Ајде да разгледаме во какви тешки ситуации се нашол Марко и зошто никогаш не се откажал од христијанството.

Во Библијата, името на Марко за првпат се спомнува откако царот Ирод Агрипа го фрлил апостол Петар в затвор. Една вечер, еден ангел го ослободил Петар и тој веднаш отишол кај Марија, мајка му на Марко, која живеела во Ерусалим. Тоа се случило десетина години откако Исус бил убиен на Пасхата во 33 год. од н.е. (Дела 12:1-5, 11-17).

Знаеш ли зошто Петар отишол кај Марија?— Веројатно затоа што се познавал со некои од нејзиното семејство и знаел дека учениците на Исус одржуваат состаноци во нејзиниот дом. Братучедот на Марко, Варнава, веќе долго време бил ученик на Исус, можеби уште пред празникот Педесетница 33 год. од н.е. Во Библијата пишува дека тој великодушно им помогнал на новите ученици. Според тоа, Исус можеби ги познавал Варнава, тетка му на Варнава, Марија, и нејзиниот син, Марко (Дела 4:36, 37; Колошаните 4:10).

Во своето евангелие, Марко напишал дека вечерта кога Исус бил уапсен, таму било присутно и едно момче, „облечено само во ленена облека“. Марко напишал дека, кога непријателите го фатиле Исус, момчето избегало. Што мислиш, кое би можело да биде ова момче?— Да, тоа веројатно бил Марко! Според тоа, кога Исус и апостолите таа вечер излегле од куќата каде што ја прославиле Пасхата, Марко изгледа само набрзина се наметнал и тргнал по нив (Марко 14:51, 52).

Кој веројатно е овој млад човек? Што му се случува, и зошто?

Во животот, Марко имал убави прилики да соработува со разни слуги на Бог и лично да види важни настани поврзани со Божјата намера. Веројатно бил присутен кога бил излеан светиот дух на Педесетница 33 год. од н.е., а бил и близок со верни слуги на Бог, на пример, со Петар. Но, го придружувал и својот братучед Варнава, кој му помогнал на Савле со тоа што го запознал со Петар околу три години откако Исус му се појавил на Савле во видение. По неколку години, Варнава отишол Тарс за да се најде со Савле (Дела 9:1-15, 27; 11:22-26; 12:25; Галатите 1:18, 19).

 Во 47 год. од н.е., Варнава и Савле биле избрани да служат како мисионери. Го повеле со себе и Марко, но од некоја непозната причина Марко подоцна ги оставил и си заминал дома, во Ерусалим. Савле, кој станал познат по своето римско име Павле, многу се налутил. Сметал дека Марко направил грешка преку која не може лесно да се премине (Дела 13:1-3, 9, 13).

Кога се вратиле од мисионерското патување, Павле и Варнава известиле одлични резултати (Дела 14:24-28). Неколку месеци подоцна, планирале да се вратат и повторно да ги посетат новите ученици во местата каде што проповедале. Варнава сакал да го земат и Марко со нив, но знаеш ли што мислел Павле?— Тој ‚сметал дека тоа не е добро‘ затоа што Марко претходно ги оставил и си се вратил дома. Потоа се случило нешто кое мора многу да го погодило Марко!

Чувствата се распламтиле, и по една „жестока караница“, Павле и Варнава се разделиле. Варнава го зел со себе Марко и отишле да проповедаат на Кипар, а Павле го зел Сила и отишле да ги посетат новите ученици, како што и планирал претходно. На Марко сигурно му било многу тешко што предизвикал проблеми меѓу Павле и Варнава! (Дела 15:36-41).

Не знаеме зошто претходно Марко си заминал дома. Но, веројатно сметал дека има добра причина за тоа. Како и да е, Варнава очигледно бил убеден дека такво нешто нема да се повтори. И бил во право. Марко  не се откажал! Подоцна служел како мисионер заедно со Петар дури во Вавилон. Оттаму, Петар испратил поздрави, и додал дека поздрави праќа „и Марко, мојот син“ (1. Петрово 5:13).

Петар и Марко биле многу блиски затоа што заедно му служеле на Бог. Ова се гледа и кога го читаме Евангелието според Марко. Во него Марко го пренесува она што Петар лично го видел. На пример, спореди ги извештаите за една бура на Галилејското Море. Марко дава детали за тоа каде во чамецот спиел Исус и на што спиел — работи што еден рибар, како Петар, веднаш би ги забележал. Ајде тоа самите да го провериме. Да ги прочитаме заедно и да ги споредиме овие библиски извештаи запишани во Матеј 8:24; Марко 4:37, 38 и Лука 8:23.

Подоцна, кога Павле бил во затвор во Рим, го пофалил Марко за тоа што многу му помагал (Колошаните 4:10, 11). А кога Павле повторно бил затворен во Рим, му пишал на Тимотеј и го замолил да го доведе кај него Марко. Зошто? Павле објаснил: „Зашто ми е корисен за службата“ (2. Тимотеј 4:11). Затоа што не се откажал, Марко имал можност да врши различни посебни задачи во службата за Бог!

Какви благослови доживеал Марко затоа што не се откажал?

^ пас. 3 Ако читаш со дете, цртата означува дека треба да се направи пауза и да се поттикне детето да одговори на прашањето.