Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вистината за Причесната

Вистината за Причесната

Вистината за Причесната

НАСЕКАДЕ во светот луѓето редовно го вршат овој обред — неколку пати годишно, секоја седмица, па дури и секој ден. Сепак, наречен е тајна на верата, и многумина што го прават велат дека не го разбираат. Се смета за свет, па дури и за чудотворен.

Станува збор за Причесната — делот од католичката миса кога свештеникот кажува молитва за лепчето и виното и ги повикува присутните да станат едно со Христос во Света причесна. * Папата Бенедикт XVI рекол дека овој обред е „најважен во [католичката] вера“. Неодамна Католичката црква прогласи своја „Година на причесната“ во обид „повторно да ја разбуди и да ја зголеми верата во овој обред“.

Дури и на католиците што не се согласуваат со учењата на својата црква, овој обред многу им значи. На пример, во една недамнешна статија во списанието Time, една жена, која ја сметаат за млад, прогресивен католик, напишала: „Какви и да се нашите несогласувања со догмите на Католичката црква, сѐ уште го задржуваме она што нѐ обединува во католичката вера: нашето предано држење на Причесната“.

А што е Причесна? Дали Христовите следбеници треба да ја држат? Да видиме најпрво како станало традиција луѓето да се причестуваат. Потоа ќе се задржиме на едно многу поважно прашање: Дали Причесната е истата прослава што ја вовел Исус Христос пред речиси 2.000 години?

Причесната и христијанството

Не е тешко да се сфати зошто Причесната се смета за чудотворна. Клучниот момент во оваа церемонија настапува за време на молитвата кога се врши причестувањето. Тогаш „моќта на зборовите и дејствувањето на Христос, како и моќта на Светиот Дух“ прават Исусовото тело и неговата крв да бидат „во свето присуство“, стои во делото Катехизам на Католичката црква (Catechism of the Catholic Church). Откако самиот ќе земе од лебот и виното, свештеникот ги повикува верниците да се причестат. Тие обично земаат само од лебот, односно нафората.

Католичката црква учи дека лебот и виното на чудотворен начин дословно се претвораат во телото и крвта на Христос — учење што се нарекува транссупстанција. Ова учење се развило постепено, почнувајќи од 13 век, кога за прв пат бил дефиниран и официјално употребен тој збор. Во времето на протестантската реформација биле доведени во прашање извесни аспекти од католичката Причесна. Лутер го отфрлил ова учење на транссупстанција заменувајќи ја со учењето на консупстанција. Разликата е едвај забележлива. Лутер велел дека лебот и виното постојат истовремено со телото и крвта на Исус, а не се претвораат во нив.

Со текот на времето, меѓу христијанските религии се појавиле и други разлики во врска со толкувањето на Причесната, како и во поглед на тоа како и колку често треба да се извршува. Сепак, во некој облик, овој обред задржал важно место во целокупниот христијански свет. Но, каква била првобитната прослава што ја вовел Исус?

Воведувањето на „Господаровата вечера“

Лично Исус ја вовел „Господаровата вечера“, односно Спомен-свеченоста по повод неговата смрт (1. Коринќаните 11:20, 24). Меѓутоа, дали тој вовел некаков мистериозен обред во кој неговите следбеници навистина требало да го јадат неговото тело и да ја пијат неговата крв?

Исус ја прославил еврејската Пасха и веднаш потоа го отпуштил Јуда Искариот, апостолот што се спремал да го предаде. Матеј, еден од 11-те апостоли што биле присутни, напишал: „Додека јадеа, Исус зеде леб, кажа благослов, го раскрши, па им го раздели на учениците и рече: ‚Земете, јадете! Ова го претставува моето тело‘. И зеде чаша, му се заблагодари [грчки: евхаристи́сас] на Бог и им даде, велејќи: ‚Пијте од неа сите, бидејќи ова ја претставува мојата „крв на сојузот“, која ќе се пролее за мнозина заради простување на гревовите‘“ (Матеј 26:26-28).

За Исус, како и за сите други Божји слуги, било сосема нормално да се каже благодарна молитва за храната (5. Мојсеева 8:10; Матеј 6:11; 14:19; 15:36; Марко 6:41; 8:6; Јован 6:11, 23; Дела 27:35; Римјаните 14:6). Има ли некаква основа да се верува дека, со својата благодарна молитва, Исус извршил и некакво чудо, предизвикувајќи неговите следбеници дословно да јадат од неговото тело и да пијат од неговата крв?

„Ова го претставува“ или „Ова е“?

Точно е дека во некои библиски преводи Исусовите зборови се преведени вака: „Земете, јадете, ова е Моето тело“, и „Пијте... сите; зашто ова е мојата крв“ (Матеј 26:26-28, Превод на МПЦ — ревидирано издание; Превод на д-р Д. Х. Константинов). Точно е и дека грчкиот збор е́стин, кој е еден облик на грчкиот глагол „сум“, во основа значи „е“. Но, истиот глагол може да значи и „претставува“. Интересно е што во многу преводи на Библијата, овој глагол честопати е преведен со „значи“ или „претставува“. * Врз основа на контекстот се одредува кој е најточниот превод. На пример, во Матеј 12:7, во многу библиски преводи е́стин е преведен со „значи“: „Ако знаевте што значи [грчки: е́стин]: ‚Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудувате невините“ (Превод на МПЦ — ревидирано издание; Превод на д-р Д. Х. Константинов).

Во врска со ова, голем број ценети библиски изучувачи се согласиле дека зборот „е“ не го пренесува точно она што Исус сакал да го каже овде. На пример, Жак Дипо, кој ги анализирал културата и општеството во кое живеел Исус, дошол до заклучок дека „најприродниот“ превод на овој стих би гласел: „Ова значи моето тело“, или: „Ова го претставува моето тело“.

Како и да е, не е можно Исус да мислел дека неговите следбеници требало дословно да го јадат неговото тело и да ја пијат неговата крв. Зошто? Откако завршил потопот во времето на Ное, кога Бог му дозволил на човекот да јаде месо од животни, јасно му забранил да јаде крв (1. Мојсеева 9:3, 4). Оваа заповед била повторена и во Мојсеевиот закон, на кој Исус потполно му бил послушен (5. Мојсеева 12:23; 1. Петрово 2:22). Апостолите, пак, биле вдахновени од светиот дух да ја повторат заповедта да не се јаде крв, и со тоа овој закон стапил на сила и за сите христијани (Дела 15:20, 29). Дали Исус би вовел обред што бара од неговите следбеници да прекршат еден свет закон на Семоќниот Бог? Во никој случај!

Значи, јасно е дека Исус ги употребил лебот и виното само како симболи. Бесквасниот леб го претставувал неговото безгрешно тело што требало да го даде како жртва. Црвеното вино ја претставувало неговата крв што требало да биде пролеана „за мнозина заради простување на гревовите“ (Матеј 26:28).

Целта на Господаровата вечера

Исус ја завршил првата прослава на Господаровата вечера со овие зборови: „Правете го ова за мој спомен“ (Лука 22:19). Оваа прослава навистина ни помага да се сетиме на Исус и на прекрасните работи што се постигнати со неговата смрт. Таа нѐ потсетува дека Исус го поддржал неприкосновеното право на својот Татко, Јехова, да владее. Исто така, нѐ потсетува дека, со тоа што умрел како совршен, безгрешен човек, Исус го дал „својот живот како откупнина за мнозина“. Откупнината овозможува секој што ќе покаже вера во неговата жртва да биде ослободен од гревот и да добие вечен живот (Матеј 20:28).

Но, најважно од сѐ, Господаровата вечера е заеднички оброк. Во него се вклучени: 1) Јехова Бог, кој ја обезбедил откупнината; 2) Исус Христос, „Божјето Јагне“, кој ја дал откупнината; и 3) Исусовите духовни браќа. Земајќи од лебот и виното, тие покажуваат дека се потполно обединети со Христос (Јован 1:29; 1. Коринќаните 10:16, 17). Исто така, покажуваат дека се во „новиот сојуз“ како ученици на Исус што се помазани со светиот дух. Тие ќе владеат со Христос на небото како цареви и свештеници (Лука 22:20; Јован 14:2, 3; Откровение 5:9, 10).

Кога треба да се одбележува Спомен-свеченоста? За да добиеме јасен одговор, да се потсетиме дека Исус избрал еден посебен датум за да ја воведе оваа прослава — денот кога се прославувала Пасхата. Божјиот народ го одбележувал овој ден секоја година, на 14 нисан според нивниот календар, и тоа го правел преку 1.500 години во знак на сеќавање на чудесниот начин на кој Јехова го спасил својот народ. Јасно е дека Исус, всушност, им дал упатство на своите ученици на истиот датум да одбележат еден многу позначаен чин на спасение што Бог требало да го овозможи преку смртта на Христос. Затоа, Исусовите вистински следбеници присуствуваат на Господаровата вечера секоја година на датумот што се совпаѓа со 14 нисан според хебрејскиот календар.

Дали тоа го прават затоа што многу сакаат да држат обреди? Токму тоа им е привлечно на многу луѓе што одат да се причестат. Авторката на претходно спомнатата статија од списанието Time вели: „Има некое огромно спокојство кога човек учествува во древните обреди што ги држат толку многу луѓе“. Исто како голем број католици денес, оваа авторка повеќе сака церемонијата да се одржува на латински јазик, како што било во минатото. Зошто? Таа пишува: „Сакам да слушам како мисата се пее на јазик што не го разбирам, бидејќи често не ми се допаѓа она што го слушам на англиски јазик“.

Јеховините сведоци, како и милиони заинтересирани лица, со радост ја одбележуваат Господаровата вечера на својот јазик, сеедно каде живеат. Тие сакаат уште повеќе да разберат што значи и зошто е важна Христовата смрт. За ваквите вистини треба да размислуваме и да разговараме во текот на целата година. Сведоците сметаат дека одбележувањето на Спомен-свеченоста е најдобар начин да се сеќаваме на длабоката љубов што ја покажале Јехова Бог и неговиот Син, Исус Христос. Тоа им помага да продолжат да ‚ја објавуваат смртта на Господарот, додека тој не дојде‘ (1. Коринќаните 11:26).

[Фусноти]

^ Овој обред е наречен и Тајна вечера, Последната вечера, света Литургија, света Миса и Евхаристија. Зборот „евхаристија“ е изведен од грчкиот збор евхаристи́а, што значи благодарност, заблагодарување.

^ Види како се преведени и Матеј 9:13; 27:46; Лука 8:11; и Галатите 4:25 во Преводот на МПЦ — ревидирано издание.

[Истакната мисла на страница 27]

Каква била првобитната прослава што ја вовел Исус?

[Слика на страница 28]

Исус ја вовел Спомен-свеченоста на неговата смрт

[Слика на страница 29]

Одбележување на Спомен-свеченоста на Исусовата смрт