„Војна што ќе им стави крај на сите војни“
„Војна што ќе им стави крај на сите војни“
‚Ви ветувам дека ова ќе биде последната војна — војна што ќе им стави крај на сите војни‘ (ВИДРОУ ВИЛСОН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА САД ОД 1913 ДО 1921 ГОД.)
ВАКВИ големи очекувања имал еден светски водач пред околу 90 години, кога завршила Првата светска војна. Тој воен судир од светски размери бил толку страшен што победниците сакале — а и имале потреба — да веруваат дека нивните големи жртви ќе донесат трајни придобивки. Но, освен тоа што многу ретко ги решаваат проблемите, човечките војни во никој случај не можат да му стават крај на самото војување.
Дваесетина години откако претседателот Вилсон ја даде таа избрзана изјава, избувна Втората светска војна. Последиците од неа беа уште поголеми отколку од претходната војна — и во бројот на човечки жртви и во материјална штета што беше причинета. Во двете децении на технолошки напредок меѓу двете светски војни луѓето, всушност, научија како можат уште помасовно да убиваат. Додека Втората светска војна привршуваше, светските водачи сфаќаа дека тоа не е крај — заканата од војна беше поголема од кога и да било порано.
Во 1945 год., американскиот генерал Даглас Мек-Артур објави: „Ова ни беше последна шанса [да ѝ ставиме крај на војната]. Ако не успееме да воспоставиме едно похумано и подобро општество, Армагедон не ни бега“.
Генерал Мек-Артур добро знаел што се случи пред крајот на Втората светска војна кога беа фрлени атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки. Неописливо страшното уништување на тие два јапонски града го навело да му придаде едно ново значење на зборот „Армагедон“ — нуклеарен
холокауст кој може да значи крај за цивилизацијата на нашава планета.До ден-денес, човештвото живее во страв од можна нуклеарна војна. До 1960-тите, светските суперсили измислија нова стратегија, позната како „заемно загарантирано уништување“. Целта им беше да поседуваат доволно проектили и преносни системи кои би им гарантирале уништување на 25 отсто од непријателското цивилно население, како и 50 отсто од неговите индустриски капацитети — независно од тоа која страна ќе ја започне војната. Малцина се оние што најдоа утеха во оваа стратегија за зачувување на светскиот мир.
Денес, количината на нуклеарно оружје во светот сѐ повеќе расте, а во регионалните војни гинат безброј лица. Опасноста од нуклеарен судир сѐ уште се надвиснува над човештвото. Иако луѓето копнеат да им дојде крај на војните, тешко е да се верува дека ова може да се постигне било со војна било со која и да е друга стратегија.
Меѓутоа, Библијата зборува за една посебна војна која ќе им стави крај на сите војни. Таа ја нарекува оваа војна „Армагедон“ — истото име што луѓето честопати го поврзуваат со нуклеарна катаклизма. Како може Армагедон навистина да му стави крај на војувањето? На ова прашање ќе биде одговорено во следната статија.
[Извор на слика на страница 3]
DTRA Photo
[Извор на слика на страница 4]
Нагасаки (Јапонија), 1945: USAF photo