Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Земјата ќе биде уништена?

Дали Земјата ќе биде уништена?

Дали Земјата ќе биде уништена?

ДАЛИ некогаш си се прашал: ‚Каква иднина ѝ претстои на Земјата?‘ Гледајќи што сѐ мора да трпи нашата прекрасна планета, мнозина сметаат дека можеби Земјата нема да опстои.

Факт е дека денес Земјата се уништува со експлоатација на скапоцените природни извори, како што се водата, шумите и атмосферата. Освен тоа, некои научници предупредуваат дека на Земјината топка и на животот на неа им се заканува опасност од големи метеори, од експлозија на некоја ѕвезда или, пак, од исцрпување на водородот кој го согорува Сонцето.

Научниците сметаат дека Земјата постепено — веројатно во текот на повеќе милијарди години — ќе ја изгуби способноста да го поддржува човечкиот живот. Encyclopædia Britannica ова го нарекува „неповратно тежнеење кон безредие“.

За среќа, Библијата нѐ уверува дека Јехова Бог нема да дозволи Земјата да биде уништена или да стане неподобна за живот. Како Творец, тој има бескрајна моќ и затоа може да ја одржува вселената во сета вечност (Исаија 40:26). Од таа причина, можеш да имаш доверба во следниве зборови: „[Бог] ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“. „Фалете го, сонце и месечино! Фалете го, сите ѕвезди сјајни... зашто тој заповеда, и тие беа создадени! Ги постави да стојат засекогаш“ (Псалм 104:5; 148:3-6).

Божјата намера со Земјата

Бог никогаш немал намера луѓето да ја експлоатираат и да ја загадуваат Земјата како што го прават тоа денес. Напротив, тој ги создал првите маж и жена, Адам и Ева, и ги сместил во една прекрасна градина. Се разбира, нивниот рајски дом не можел да си остане убав сам од себе. Бог им дал задача на првите луѓе да го ‚обработуваат и да се грижат‘ за него (1. Мојсеева 2:8, 9, 15). Каква прекрасна и задоволувачка работа им дал Бог на нашите родители, кои тогаш биле совршени!

Но, Божјата намера за Земјата не била луѓето да се грижат само за таа градина. Тој сакал целата планета да биде претворена во рај. Затоа Бог им ја дал следнава заповед на Адам и Ева: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја, и владејте над морските риби, над небесните суштества што летаат и над сите суштества што се движат по земјата!“ (1. Мојсеева 1:28).

За жал, еден горделив ангел, кој подоцна бил наречен Сатана, се спротивставил на оваа Божја намера. Тој копнеел Адам и Ева да го обожаваат него. Зборувајќи преку змија, Сатана ги навел првите луѓе да се побунат против Божјето владетелство (1. Мојсеева 3:1-6; Откровение 12:9). Колку мора да било болно за нашиот Творец кога тие покажале себично неценење за сето она што им го дал! Сепак, нивната побуна не ја променила намерата што Јехова Бог ја имал со Земјата. Тој вели: „Ќе се исполни мојата реч што излегува од мојата уста. Нема да се врати кај мене без плод, туку ќе го направи она што го сакам и ќе го изврши она поради кое сум ја испратил“ (Исаија 55:11).

Со добра причина, Јехова дозволил побуната на Сатана да трае сѐ до денешен-ден. Во текот на тоа време, луѓето можеле сами да владеат и да испробаат најразлични видови влади, а резултатите од нивните обиди се јасен доказ дека независноста од Бог, на која ги поттикнува Сатана, води до потполн неуспех * (Еремија 10:23).

Сепак, во текот на изминатите милениуми, имало и убави работи. Имало праведни луѓе кои Бог ги благословил. Исто така, тој зачувал запис во Библијата за тоа што се случува кога некој му е послушен и што се случува со оние кои го отфрлаат неговото владеење. Освен тоа, Јехова направил прекрасни работи од кои ќе можеме да имаме корист во иднина. Тој со љубов го испратил својот сакан Син, Исус Христос, кој, како Спасител на луѓето, нѐ поучил како најдобро да живееме, но го дал и својот живот за нас (Јован 3:16). Бидејќи тој не заслужувал да умре, Бог ја употребил неговата смрт за да го откупи по законски пат она што го изгубиле Адам и Ева, односно, можноста да живеат вечно во рај на Земјата. * За да можат луѓето да живеат вечно, Јехова Бог воспоставил небесна влада која ќе владее над целото човештво, и го поставил својот Син, воскреснатиот Исус Христос, за Цар на тоа Царство. Оваа влада ќе се погрижи Божјата намера со Земјата со сигурност да се исполни (Матеј 6:9, 10).

Според тоа, можеш да имаш потполна доверба во следниве прекрасни ветувања кои се запишани во Библијата: „Оние што прават зло, ќе бидат истребени, а оние што се надеваат на Јехова, ќе ја поседуваат земјата. Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“. „,Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина‘. И Оној што седи на престолот рече: ‚Гледај, правам сѐ ново!‘“ (Псалм 37:9, 29; Откровение 21:3-5).

Библијата не си противречи

Но, некои можеби се прашуваат: ‚Како можеме да ги усогласиме стиховите што беа цитирани погоре со други библиски стихови според кои се чини дека Земјата ќе биде уништена?‘ Да разгледаме неколку примери. Ова подетално разгледување ќе ни помогне да сфатиме дека Библијата не си противречи.

Долго пред научниците да дојдат до заклучокот дека сите работи во материјалната вселена ‚тежнеат кон безредие‘, библискиот псалмист напишал: „[Ти, Боже] ги положи темелите на земјата, и небесата се дело на твоите раце. Тие ќе исчезнат, а ти ќе останеш, и сето тоа ќе изветви како облека. Како алишта ќе ги замениш, и ќе им дојде крајот. А ти си истиот, и на твоите години им нема крај“ (Псалм 102:25-27).

Со овие зборови псалмистот не ѝ противречи на Божјата вечна намера со Земјата. Напротив, тој само прави разлика помеѓу вечното постоење на Бог и минливоста, односно распадливоста на сета материја што ја создал. Без Божјата вечна моќ да обновува, целата вселена — вклучувајќи го и Сончевиот систем од кој зависи стабилноста, светлината и енергијата на нашата планета — би тежнеела кон целосно безредие и на крајот би се уништила. Значи, препуштена сама на себе, нашата планета би ‚изветвила‘, односно би била уништена.

Има и други стихови во Библијата кои можеби, на прв поглед, изгледаат дека не се во склад со намерата што Бог ја има во врска со Земјата. На пример, Библијата вели дека небото и земјата ‚ќе исчезнат‘ (Откровение 21:1). Сигурно овие зборови не можат да му противречат на следново ветување што го дал Исус: „Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5). Тогаш, што се мисли кога во Библијата се вели дека небото и земјата ‚ќе исчезнат‘?

Во Библијата, зборот „земја“ честопати се користи во симболична смисла и се однесува на човечкото општество. На пример, размисли за следниов стих: „Целата земја имаше само еден јазик и исти зборови“ (1. Мојсеева 11:1). Очигледно, со зборот „земја“ овде се мисли на луѓето што живееле на Земјата. Друг пример е Псалм 96:1, кој, според преводот на МПЦ (Псалм 95:1), вели: „Запеј Му на Господа, цела земјо!“ Јасно, и во овој, а и во ред други стихови, зборот „земја“ се користи симболично и ги означува луѓето (Псалм 96:13).

Понекогаш Библијата ги споредува владетелите на Земјата со небото или со небесните тела. На пример, суровите вавилонски владетели биле споредени со ѕвезди бидејќи се возвишиле над оние околу нив (Исаија 14:12-14). Како што било проречено, на симболичното ‚небо‘ на Вавилон, т.е. на владеачката класа, како и на „земјата“, т.е. оние што ги поддржувале тие владетели, им дошол крајот во 539 год. пр.н.е. (Исаија 51:6). Со тоа им бил отворен патот на покајничките Евреи да се вратат во Ерусалим, каде што едни „нови небеса“, односно нова влада, управувале со една „нова земја“ — односно праведно човечко општество (Исаија 65:17).

Очигледно, ‚исчезнувањето‘ на небото и земјата кое се спомнува во Библијата се однесува на крајот на денешните расипани човечки влади и нивните безбожни приврзаници (2. Петрово 3:7). Тоа ќе ѝ го отвори патот на Божјата нова небесна влада да го благослови праведното ново човечко општество бидејќи „според неговото ветување очекуваме нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13).

Според тоа, можеш да имаш доверба во Божјето ветување дека нашиот земен дом ќе постои засекогаш. Освен тоа, Библијата покажува што мора да правиш за да го доживееш тоа прекрасно време кога целата Земја ќе биде претворена во рај. Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Зошто не си поставиш за цел да испиташ што вели Библијата за иднината на Земјата и на човештвото? Јеховините сведоци во твоето место со задоволство ќе ти помогнат во тоа.

[Фусноти]

^ Одговорот на прашањето зошто Бог дозволува луѓето да страдаат можеш да го најдеш на страници 106 до 114, во книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

^ Повеќе информации за жртвената смрт на Исус можеш да најдеш на страници 47 до 56 од книгата Што навистина учи Библијата?

[Истакната мисла на страница 12]

Библијата ветува дека Земјата засекогаш ќе биде наш дом

[Извори на слики на страница 10]

Земјината топка во заднина: NASA/The Visible Earth (http://visibleearth.nasa.gov/); поларна мечка: © Bryan and Cherry Alexander Photography