Дали сте знаеле?
Дали сте знаеле?
Зошто Исус не го излекувал слепиот човек наеднаш?
Во Марко 8:22-26 пишува дека Исус излекувал еден слеп човек од Витсаида. Во извештајот читаме дека Исус најнапред ставил малку плунка на очите на тој човек, а потоа го прашал што гледа. Од она што го одговорил човекот се видело дека бил малку збунет: „Гледам луѓе, односно гледам нешто како дрвја што одат“. Тогаш Исус повторно му ги допрел очите, и ‚човекот потполно прогледал. Оздравел, и сѐ гледал јасно‘. Изгледа дека Исус не го излекувал наеднаш, туку постепено, малку по малку. Зошто?
Библијата не ни дава целосен одговор на ова прашање, но би можеле да разгледаме едно можно објаснување за овој случај. Драстична промена е некој да прогледа првпат откако бил слеп со години — а можеби дури и цел живот. Да наведеме еден пример. Во минатото, во рудниците се чувале пони коњчиња кои се користеле за работа. Тие толку се привикнувале на темнината што, кога ќе излезеле од рудникот, им требало дури и по цел ден за да се привикнат на светлината. Кога се работи за слепило, промената е уште поголема. Во денешно време, хирурзите во некои случаи успеале да ги коригираат механичките оштетувања на очите кај слепите луѓе и повторно да им го вратат видот. Меѓутоа, пациентите честопати биле преоптоварени од приливот на информации што преку очите ги примале во мозокот. Зашеметени од најразличните бои, форми и глетки, биле збунети и не можеле да ги препознаат дури ни вообичаените предмети. Со текот на времето, мозокот учи да го распознава она што го гледаат очите.
Можеби Исус го излекувал тој слеп човек малку по малку сакајќи да покаже љубов и обѕир кон него. На крајот, човекот ‚потполно прогледал‘ и јасно распознавал сѐ што ќе видел.
Зошто во времето на Исус не било толку едноставно да се чита од свиток?
Листовите што се користеле за да се направат свитоци обично биле долги 23 до 28 сантиметри и широки 15 до 23 сантиметри. Повеќе вакви листови се спојувале од страната со лепило или се пришивале со ленен конец. Понекогаш се користеле и подолги листови. Свитокот на Исаија што бил пронајден кај Мртвото Море бил направен од 17 парчиња пергамент, а делот што е зачуван е долг околу 7 метри. Свитокот на Исаија од кој читал Исус во синагогата во Назарет можеби бил отприлика исто толку долг (Лука 4:16, 17).
Во врска со овој извештај, Ален Милард го вели следново во една своја книга: „Читателот ја држел книгата [свитокот] и ја одвиткувал со левата рака, а слободниот крај го земал во десната рака и повторно го завиткувал додека читал, колона по колона. За да го пронајде 61. поглавје од Исаија, кое го читал во синагогата, Исус требало да го одвитка поголемиот дел од свитокот и потоа повторно да го завитка“ (Откритија од времето на Исус — Discoveries From the Time of Jesus).
Во тоа време, текстот во книгата Исаија не бил поделен на поглавја и стихови, како што е поделен денес. Кога во синагогата во Назарет му го подале свитокот на Исаија, Исус морал да го најде пасусот што во нашите Библии е означен како Исаија 61:1, 2. Тој лесно го нашол тоа место, што покажува колку добро ја познавал Божјата реч.