Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се воспитуваат деца во попустлив свет

Да се воспитуваат деца во попустлив свет

Да се воспитуваат деца во попустлив свет

СИ ГЛЕДАЛ ЛИ некогаш дете што бара од родителите да му купат играчка која тие не сакаат да му ја купат? Или дете што сака да трча и да си игра иако родителот му рекол: „Седи мирен“? И во двата случаи, родителот би сакал да го направи она што е добро за детето. Сепак, доста често, на крајот попушта. Не можејќи веќе да го трпи кенкањето, го менува своето „не“ во „да“.

Мнозина сметаат дека добрите родители би требало да им ги задоволат речиси сите желби на своите деца. На пример, во САД беше направена анкета меѓу 750 деца на возраст од 12 до 17 години. На прашањето како реагираат кога родителите ќе одбијат да им исполнат некое нивно барање, речиси 60 отсто од нив одговориле дека упорно продолжуваат да го бараат она што сакаат да го добијат. Околу 55 отсто рекле дека оваа тактика најчесто им успева. Можеби родителите си мислат дека тоа што им попуштаат на децата е доказ дека ги сакаат. Но, дали навистина е така?

Една многу стара поговорка вели: „Ако некој го разгалува својот слуга од неговата младост, тој подоцна ќе стане неблагодарен“ (Изреки 29:21). Точно, детето не е слуга. Но, зар не се сложуваш дека, во основа, истото начело важи и за воспитувањето деца? Ако премногу им угодувате на децата и ги навикнете да добиваат сѐ што ќе посакаат, кога ќе бидат возрасни може да станат ‚неблагодарни‘ — разгалени и своеволни личности што ништо не знаат да ценат.

Спротивно на тоа, Библијата ги советува родителите: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди“ (Изреки 22:6). Мудрите родители го прифаќаат овој совет и им поставуваат на децата јасни, доследни и разумни правила, а потоа и се држат за нив. Тие не ја мешаат љубовта со попустливоста ниту, пак, ги наградуваат децата затоа што им кенкаат, им додеваат или збеснуваат. Напротив, постапуваат според мудриот совет што го дал Исус: „Кога ќе речете да тоа нека значи да, а кога ќе речете не тоа нека значи не“ (Матеј 5:37). Но, што вклучува воспитувањето на децата? Да разгледаме една многу поучна споредба.

‚Како стрели во раката‘

Во Библијата, односот помеѓу децата и родителите е опишан со споредба која покажува колку многу на децата им е потребно водство. Во Псалм 127:4, 5 пишува: „Какви што се стрелите во раката на јунакот, такви се синовите на младоста. Среќен е човекот што го наполнил со нив својот тул“. Значи, децата се споредени со стрели, а родителот е спореден со јунак. Исто како што на еден стрелец му е јасно дека стрелата нема да ја погоди целта случајно, и на родителите им е јасно дека воспитувањето на децата не е игра на среќа. Тие сакаат нивните деца да ја погодат целта — да станат среќни, одговорни луѓе кои ќе водат исполнет живот. Сакаат нивните деца да донесуваат паметни одлуки, да бидат мудри за да избегнуваат непотребни проблеми и да достигнат цели што се навистина вредни. Но, за да се постигне ова, мора да се вложи труд.

Што е потребно за една стрела да ја погоди целта? Стрелата мора да биде добро подготвена, добро заштитена и исправно насочена и фрлена кон целта. И децата треба да бидат подготвени, заштитени и исправно насочени за нивниот пат до возрасни луѓе да биде успешен. Да ги разгледаме еден по еден овие три аспекти на воспитувањето на децата.

Добро да се подготви стрелата

Стрелите што се користеле во библиски времиња биле многу внимателно изработени. Долгата дршка, најчесто направена од лесно дрво, требало рачно да се изделка за да биде колку што е можно поправа. Врвот требало да биде наострен. На спротивниот крај од стрелата се прицврстувале пердуви за да ја држат стабилна и полесно да го задржи правецот додека е во лет.

И родителите сакаат нивните деца да бидат како прави стрели — да постапуваат исправно, а не да застранат. Затоа, ако се мудри, нема да им прогледуваат низ прсти на децата за сериозните грешки што ги прават, туку со љубов ќе им помогнат да ги увидат и да се поправат. Нема дете кое не треба често да се исправа, зашто „глупоста е приврзана за срцето на детето“ (Изреки 22:15). Затоа, Библијата ги советува родителите да ги воспитуваат децата со стега (Ефешаните 6:4). За исправно да се оформат и да се поправаат како личности, многу е важно децата да добиваат стега.

Не е чудно што во Изреки 13:24 пишува: „Кој ја штеди прачката, го мрази својот син, а кој го сака, грижливо го опоменува“. Прачката во овој контекст ја означува секоја мерка што се презема за да се исправи детето. Ако со љубов преземе соодветни мерки, родителот ќе му помогне на детето да надмине многу слабости кои, ако се вкоренат во него, скапо ќе го чинат подоцна во животот. Според тоа, слободно може да се каже дека оној што не презема ништо за да го исправи детето, го мрази, а оној што презема, го сака.

Добриот родител, исто така, му помага на детето да разбере зошто му поставил одредени правила. Според тоа, стегата не значи само родителот да му нареди нешто на детето и, ако не го направи тоа, да го казни. Напротив, многу поважно е да му помогне да разбере зошто некоја работа треба или не треба да ја прави. Библијата вели: „Разумниот син се држи за законот“ (Изреки 28:7).

Пердувите што стрелците ги прицврстувале на стрелите помагале тие да летаат право кон целта откако биле фрлени со лакот. Слична улога играат и библиските учења, кои потекнуваат од Основачот на семејството. Овие учења можат да останат со децата дури и откако тие ќе го напуштат домот, и да им помагаат низ целиот живот (Ефешаните 3:14, 15). Но, што да направат родителите за библиските учења навистина да се ‚прицврстат‘ за нивните деца?

Забележи што ги советувал Бог родителите во Израел во времето на Мојсеј: „Овие зборови што ти ги заповедам денес нека ти се врежат во срцето. Всадувај ги во своите деца“ (5. Мојсеева 6:6, 7). Значи, родителите треба да направат две работи. Прво, треба самите добро да ја запознаат Божјата реч и да живеат според неа. Всушност, треба да ги засакаат Божјите закони (Псалм 119:97). Потоа ќе можат да го исполнат и второто барање од стихот, односно да ги ‚всадуваат‘ Божјите закони во своите деца. Тоа значи да ја врежат важноста на тие закони во срцата на своите деца така што добро ќе ги поучуваат и често ќе им ги повторуваат работите.

Без сомнение, воопшто не е старомодно да се поучуваат децата за библиските мерила и со љубов да се преземат мерки за детето да си ги поправи сериозните грешки. Напротив, тоа е неопходно за овие скапоцени „стрели“ да летаат право и стабилно кон зрелите години.

Да се заштити стрелата

Да се вратиме повторно на споредбата запишана во Псалм 127:4, 5. Сети се дека стрелецот ‚го наполнил својот тул‘, со стрели. Откако биле изработени, стрелите требало да се заштитат. Затоа, стрелецот ги носел во тул, односно во кожена торба, каде што не можеле лесно да се оштетат или да се скршат. Интересно, едно пророштво од Библијата зборува за Месијата како за наострена стрела која неговиот Татко ‚ја скрил во својот тул‘ (Исаија 49:2). Јехова Бог, најдобриот Татко што постои, навистина го заштитил својот сакан Син, Исус, од сѐ што можело да му наштети додека не дошол денот кога Месијата, како што било претскажано, требало да умре. Дури и тогаш, Бог не дозволил неговиот Син да претрпи трајна штета со смртта, туку го воскреснал и го вратил на небото каде што му дал вечен живот.

И добрите родители гледаат на секој начин да ги заштитат своите деца од опасностите што ги демнат во овој расипан свет. Затоа, можеби ќе им забранат да прават нешто што без потреба би ги изложило на ризик. На пример, мудрите родители сериозно го сфаќаат начелото: „Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33). Ако не им дозволуваат да се дружат со оние што не живеат според моралните мерила од Библијата, родителите ги штитат децата од грешки кои можат скапо да ги платат, дури и со својот живот.

На децата нема секогаш да им се допаѓа ваквата заштита од родителите. Всушност, понекогаш и ќе се бунат зашто заштитата честопати ќе значи родителот да каже „не“ за нешто што тие го бараат. Една позната авторка на книги за воспитување деца вели: „Иако нема секогаш да ви покажат и најверојатно во тој момент нема да ви се заблагодарат, децата, всушност, сакаат родителите да им обезбедат сигурност и стабилност во животот. Како родители, можеме да го постигнеме тоа ако сме разумно строги и ако им поставиме некои ограничувања“.

За да покажете дека навистина ги сакате своите деца, мора да ги штитите од сѐ што би можело да им го одземе мирот, невиноста или доброто име кај Бог. Со текот на времето, најверојатно ќе разберат од кои причини сте им поставувале правила и ќе ви бидат благодарни што од љубов сте ги штителе.

Исправно да се насочи стрелата

Како што спомнавме, во Псалм 127:4, 5, родителот е спореден со „јунак“. Дали ова значи дека само таткото може да влијае врз децата? Се разбира дека не. Начелото од оваа споредба важи и за татковците и за мајките, а и за самохраните родители (Изреки 1:8). Изразот „јунак“ покажува дека била потребна прилично голема сила за да се фрли една стрела со лак. Во библиски времиња, лаковите понекогаш биле обложени со бакар, а за војниците се вели дека можеби го ‚оптегнувале лакот‘ потпирајќи го со стапалото за да можат што повеќе да ја повлечат жицата (Еремија 50:14, 29). Навистина била потребна сила за да се оптегне цврсто затегнатата жица и потоа да се фрли стрелата кон метата!

И за воспитувањето на децата е потребен голем труд. Тие не можат без да им се помогне „да застанат на свои нозе“, исто како што и една стрела не може сама да се фрли кон метата. За жал, изгледа дека многу родители денес не се спремни да го вложат сиот труд што е потребен. Наместо тоа, одат по линијата на најмал отпор. Оставаат телевизијата, училиштето и врсниците да ги поучат децата за тоа што е исправно, а што погрешно, за моралот, за сексот. Им дозволуваат сѐ што ќе посакаат. И, кога им е тешко да кажат „не“, едноставно ќе речат „да“ — а потоа, за да си најдат оправдание за тоа, велат дека не сакале да ги разочараат децата. Всушност, токму со својата попустливост ќе им наштетат најмногу во животот.

Воспитувањето на децата бара многу работа. Затоа е потребно да дадеме сѐ од себе и да ја користиме помошта од Божјата реч, што воопшто не е лесно, но носи бесценета награда. Во списанието Parents пишуваше: „Истражувањата... покажаа дека децата што се воспитани од родители кои се строги, но им покажуваат голема љубов — родители кои секогаш се тука за своите деца, но сепак одредуваат јасни граници — се подобри ученици, подобро се снаоѓаат со луѓето, имаат поголема самопочит и главно се посреќни отколку децата чии родители се или претерано попустливи или претерано строги“.

Постои уште една, многу подобра награда. Веќе го разгледавме првиот дел од Изреки 22:6: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди“. Стихот завршува со следниве зборови: „Па нема да скршне од него ни кога ќе остари“. Дали овие зборови значат дека успехот ни е загарантиран? Не секогаш. Вашето дете има слободна волја и, еден ден, ќе почне самото да донесува одлуки. Но, со овој стих Бог со љубов ги уверува родителите во една работа. Што е тоа?

Ако ги воспитувате децата онака како што ве советува Библијата, имате најмногу шанси да постигнете извонреден резултат — вашите деца да станат среќни, задоволни и одговорни возрасни луѓе (Изреки 23:24). Затоа, гледајте на секој можен начин да ги подготвите овие скапоцени „стрели“, да ги заштитите, и не штедете труд за да ги насочите. Нема никогаш да зажалите што сте го сториле тоа.

[Слика на страница 13]

Ако родителите им ги исполнуваат сите желби на децата, дали тоа значи дека ги сакаат?

[Слика на страница 15]

Родителот што ги сака децата им објаснува зошто постојат семејните правила

[Слика на страница 15]

Добрите родители ги штитат своите деца од опасностите во овој расипан свет

[Слика на страница 16]

Воспитувањето на децата бара многу работа, но носи бесценета награда