Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Древното царство Лидија и ти

Древното царство Лидија и ти

Древното царство Лидија и ти

МОЖЕБИ никогаш не си чул за древното царство Лидија, па затоа веројатно ќе се изненадиш кога ќе дознаеш дека едно тамошно откритие го променило начинот на кој се тргува низ целиот свет. Можеби и оние што ја читаат Библијата ќе се изненадат кога ќе дознаат дека еден изум до кој се дошло во оваа земја ни помага да разбереме едно загадочно библиско пророштво. Што откриле Лидијците? Пред да одговориме на ова прашање, ќе биде интересно да дознаеме нешто за животот и за времето кога владеело ова речиси заборавено царство.

Царевите на Лидија владееле од својата престолнина, Сард, во западниот дел на областа што тогаш се нарекувала Мала Азија, а денес е Турција. Последниот цар на Лидија, Крез, стекнал огромно богатство. Но подоцна, некаде во 546 год. пр.н.е., неговото царство го освоил Персиецот Кир Велики — истиот оној Кир што неколку години подоцна го поразил и Вавилонското Царство.

Се вели дека досетливите трговци во Лидија биле првите што користеле монети. Златото и среброто долго време се користеле како платежно средство, но бидејќи сите златни и сребрени прачки и прстени не биле со иста големина, луѓето морале да ги мерат парите секогаш кога купувале или продавале нешто. На пример, во Израел, Божјиот пророк Еремија купил земја и напишал: „И му ги измерив парите, седум сикли и десет сребреници“ (Еремија 32:9).

Во времето на Еремија, Лидијците откриле нешто што ја олеснило трговијата — употребата на ковани монети чија стандардна тежина била гарантирана со официјален печат втиснат на секоја монета. Првите монети во Лидија биле направени од природна смеса на злато и сребро наречена електрум. Кога Крез станал цар, ги заменил со монети од речиси чисто сребро и чисто злато. Лидијците измислиле биметален ковачки систем, при што 12 монети со помала вредност биле еднакви на една монета од повреден материјал. Но, овој систем бил загрозен од фалсификуваните монети од злато кое било мешано со помалку вредни метали. На трговците им бил потребен лесен начин за да проверат колку е чисто златото.

Лидијците откриле дека нивниот проблем ќе го реши еден вид црн камен, кој го имало во нивната земја па затоа бил наречен лидиски камен. Кога со монетата ќе се повлече по овој мазен, благо абразивен камен, таа остава трага. Ако бојата на трагата се спореди со бојата на трагите што ги оставаат други примероци за кои се знаело колку злато содржат, можело да се открие колку злато содржи монетата. Благодарение на ова откритие — проверка со пробен камен — можело да се утврди сигурен систем на ковање пари. Како овие податоци за пробниот камен ни помагаат да ја разбереме Библијата?

Симболични пробни камења во Библијата

Кога проверката на златото со пробен камен станала вообичаена меѓу трговците, зборот што се користел за „пробен камен“ добил значење и на метода за испитување. Во грчкиот јазик, на кој бил напишан еден дел од Библијата, овој збор означувал и малтретирање на луѓе кои биле сослушувани со мачење.

Бидејќи темничарите биле оние што ги мачеле затворениците, зборот што е изведен од „пробен камен“ се однесувал и на темничарите. На пример, во Библијата е запишана Исусовата споредба за еден неблагодарен роб кој им бил предаден на „темничарите“, или според некои преводи, на „мачителите“ (Матеј 18:34; Превод на д-р Д. Х. Константинов; Превод на МПЦ — ревидирано издание). Во врска со овој стих, во една библиска енциклопедија стои: „Веројатно самото ставање в затвор се сметало за ‚мачење‘ (како што и несомнено било), па затоа ‚мачителите‘ се, всушност, самите темничари“ (The International Standard Bible Encyclopaedia). Ова ни помага да објасниме еден загадочен библиски стих.

Решена е една загатка

Луѓето што со искрен интерес ја читаат Библијата долго време се прашувале што ќе се случи со Сатана. Во неа стои: „Ѓаволот... беше фрлен во езерото огнено и сулфурно, каде што веќе се наоѓаа и ѕверот и лажниот пророк. И тие ќе бидат мачени дење и ноќе во сета вечност“ (Откровение 20:10). Се разбира, Јехова не осудува никого да живее во вечни маки бидејќи тоа е спротивно на Божјата љубов и правда (Еремија 7:31). Исто така, Библијата вели дека вечниот живот е дар, а не казна (Римјаните 6:23). Според тоа, јасно е дека зборовите од Откровение 20:10 имаат симболично значење. Ѕверот и огненото езеро се симболични (Откровение 13:2; 20:14). Тогаш, дали е симболично и мачењето? Што би можел да значи овој израз?

Како што видовме, грчкиот збор за „мачење“ е изведен од зборот што се користи за „пробен камен“ и може да се однесува на мачење в затвор. Значи, вечното мачење на Сатана може да се однесува на тоа што засекогаш ќе биде затворен во најсигурниот затвор — самата смрт.

Пробниот камен од Лидија ни помага да разбереме уште нешто во врска со вечното „мачење“ на Сатана, и тоа разбирање е во склад со Божјата љубов. На некои јазици, изразот „пробен камен“ означува мерило според кое се проверуваат работите, „испит или критериум според кој се одредува дали нешто е квалитетно или оригинално“. Значи, вечното „мачење“ на Сатана укажува дека неговиот суд ќе служи како вечен критериум, или мерило, што може да се употреби ако во иднина некој се побуни против Јехова. Никогаш повторно нема да мора во толкав долг период да биде испитувано дали Јехова има право да владее или не.

Тоа што ќе разбереме зошто трговците насекаде го прифатиле пробниот камен од Лидија како мерило за проверка, како и симболичните изрази што произлегле од овој обичај, ни помага да разбереме што ќе се случи со Сатана. Она што ќе го снајде, засекогаш ќе служи како критериум за осуда, и никогаш повторно нема да има потреба Бог да толерира нечија побуна (Римјаните 8:20).

[Истакната мисла на страница 23]

Симболичното мачење на Сатана покажува дека неговата казна засекогаш ќе служи како пробен камен, односно критериум за осуда

[Карта на страница 21]

(Види во публикацијата)

Црно Море

ЛИДИЈА

САРД

Средоземно Море

[Слика на страница 21]

Урнатини кај древниот Сард

[Слика на страница 22]

Во старо време се користела вага за да се измерат парите

[Извор на слика]

E. Strouhal/Werner Forman/Art Resource, NY

[Слики на страници 22 и 23]

И ден-денес се користи проверка со пробен камен

[Извори на слики]

Монети: Со љубезна дозвола на Classical Numismatic Group, Inc.; пробен камен: Science Museum/Science & Society Picture Library

[Извор на слика на страница 21]

Монета од електрум: Со љубезна дозвола на Classical Numismatic Group, Inc.