Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каде ќе се води војната Армагедон?

Каде ќе се води војната Армагедон?

Читателите прашуваат

Каде ќе се води војната Армагедон?

Војната Армагедон нема да се води на ниту едно посебно бојно поле. Напротив, целата Земја ќе се претвори во бојно поле. Зошто? Затоа што двете спротивставени страни се преголеми за да се борат на која и да било локација на Земјата.

Армагедон е познат и како „војната... во големиот ден на Семоќниот Бог“. Јехова Бог ќе го употреби својот Син, Христос Исус, на чело на ангелска војска, за да се бори против здружените војски на сите злобни владетели на Земјата (Откровение 16:14; 19:11-16).

На некој начин, сатанските сили ќе ги намамат државите да влезат во таа војна. Библијата вели дека „изјави вдахновени од демони... одат кај царевите [владетелите] од целиот свет за да ги соберат... на местото кое на хебрејски се вика Ар-Магедон“ (Откровение 16:14-16).

Ниту една друга библиска книга не ја разгорува фантазијата на безброј читатели на Библијата како што тоа го прави Откровението. Мнозина од оние што сметаат дека Откровението треба да се разбере дословно укажуваат на точно одредено место каде што сметаат дека ќе започне таа војна, и постојано и загрижено ги следат настаните што се случуваат во тој регион. Толкувањето дека Армагедон се однесува на точно одредена локација може да се најде во најстариот постоечки грчки коментар на книгата Откровение, кој го напишал Екумениј, кој живеел во 6 век од н.е.

Одразувајќи го општоприфатеното гледиште на фундаменталистичките цркви, Џон Ф. Валвурд, поранешен ректор на Теолошката семинарија во Далас, вели дека Армагедон е „последната самоубиствена битка во еден очајнички светски судир, која главно ќе се одигра на Блискиот Исток“. Според Валвурд, средиштето на овој голем судир, кој ќе се случи во иднина, ќе биде „,ридот кај Мегидо‘, мала планина во северна Палестина, која се наоѓа на работ на една широка рамница“.

Меѓутоа, книгата Откровение не е автокарта што објаснува како да се стигне до некое дословно место наречено Армагедон. Во нејзините уводни зборови е наведено дека извештајот му е даден на Јован „во знаци“ (Откровение 1:1). Во својата публикација Студии на Светото писмо (Studies in the Scriptures), том IV, Јеховините сведоци уште одамна напишале: „Не треба да мислиме дека луѓето дословно ќе се соберат на ридот кај Мегидо“.

Настаните што во минатото се случиле кај Мегидо укажуваат на една безизлезна состојба во која Божјите непријатели ќе нема каде да бегаат. Според тоа, Бог ќе се погрижи во Армагедон да биде уништена целокупната расипаност и злоба во сите делови на светот (Откровение 21:8).

Оние што ги сакаат Јехова Бог и неговиот Син, Исус Христос, не треба да се плашат од Армагедон. Бог ќе се бори само против оние луѓе кои тој ги смета за непоправливо злобни. Во таа војна, тој ќе уништува селективно. „Јехова знае како да ги избави... луѓето што му се оддадени“ (2. Петрово 2:9). Псалм 37:34 содржи едно охрабрувачко ветување: „Надевај се на Јехова и држи се за неговиот пат. Тој ќе те возвиши, и ти ќе ја поседуваш земјата. Кога злите ќе бидат истребени, ти ќе го видиш тоа“.