Префрли се на текстот

 Тајни на семејната среќа

Како да ги решиме проблемите

Како да ги решиме проблемите

Тој: „Каде се девојчињата?“

Таа: „Отидоа да си купат нови блузички“.

Тој: [Изнервирано и со повишен тон] „Какви ,нови блузички‘? Па минатиот месец купија блузички!“

Таа: [Со одбранбен тон, бидејќи е погодена од зборовите и се чувствува обвинета] „Ама, сега има попуст. Како и да е, децата ме прашаа дали може, и јас им дозволив“.

Тој: [Наеднаш избувнува и се развикува] „Знаеш дека се вадам од такт кога ќе им дозволиш да трошат пари без прво да ме прашаат мене! Не можеше ли да се стрпиш и да видиш што ќе кажам јас пред да ги пуштиш?“

ШТО мислиш, каков проблем има овој брачен пар? Очигледно, на сопругот не му е лесно да се контролира кога е лут. Освен тоа, изгледа дека немаат исто мислење во врска со слободата што треба да им се даде на децата. А се чини и дека тешко се разбираат еден со друг.

Нема совршен брак. Секој брачен пар си има проблеми. Но, без разлика дали проблемите се големи или мали, многу е важно мажот и жената да научат да ги решаваат. Зошто?

Со текот на времето, нерешените проблеми можат да ги затворат вратите за комуникација. „Некои караници се како резе на кула“, рекол мудриот цар Соломон (Изреки 18:19). Како можете повторно да ги отворите овие врати и да разговарате на начин што ќе ги реши проблемите?

Ако разговорот е крвотокот во бракот, тогаш љубовта и меѓусебната почит можат да се споредат со срцето и белите дробови (Ефешаните 5:33). Кога ќе дојде до проблем, љубовта ќе ги поттикне мажот и жената да не се навраќаат на грешките од минатото — и на емоционалните рани што си ги нанеле со тие грешки — туку да гледаат да го решат проблемот што сега го имаат (1. Коринќаните 13:4, 5; 1. Петрово 4:8). Брачните парови кои меѓусебно се почитуваат сакаат другиот да си каже сѐ што му лежи на душа и се трудат да го слушнат и она што тој го мисли, а не само она што го зборува.

Четири чекори што ќе помогнат да се решат проблемите

Подолу се наведени четири чекори кои покажуваат како можат да ти помогнат библиските начела да ги решаваш проблемите со почит и љубов кон другиот.

1. Одвој време за да разговараш за проблемот.

„Сѐ си има свое време... време за молчење и време за зборување“ (Проповедник   3:1, 7). Како што се гледа од препирката која беше наведена во почетокот, некои проблеми можат да предизвикаат силни чувства. Ако се случи такво нешто, обиди се да се совладаш и да не избувнеш — со други зборови, да „молчиш“ — пред чувствата да излезат од контрола. Ќе си го поштедите бракот од многу проблеми ако го послушате овој совет запишан во Библијата: „Кога ќе почне караница, како да се отворила водна брана. Затоа, пред да избие караницата, оддалечи се“ (Изреки 17:14).

Меѓутоа, има и време „за зборување“. Проблемите се како плевел — ако не ги чистиш, се множат. Затоа, немој да оставаш несреден некој проблем и да си мислиш дека со време ќе се заборави. Кога ќе го прекинеш разговорот за да не избие караница, од почит кон својот сопружник одреди кога — во најскоро можно време — ќе поразговарате за проблемот. Ова ќе ви помогне и на двајцата да постапите во духот на библискиот совет: „Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина“ (Ефешаните 4:26). Се разбира, треба и да си го исполниш ветувањето!

ПРЕДЛОГ: Одредете точно време секоја седмица кога ќе разговарате за семејните проблеми. Ако забележите дека во одреден дел од денот сте пораздразливи — на пример, кога ќе се вратите од работа или пред да јадете — договорете се да не разговарате тогаш за проблемите. Најдобро време за разговор е кога и двајцата сте поопуштени.

2. Кажи го своето мислење искрено и со почит.

„Зборувајте ја вистината секој на својот ближен“ (Ефешаните 4:25). Ако си во брак, најблизок од сите ближни ти е твојот брачен другар. Затоа биди искрен и убаво објасни му како се чувствуваш. Маргарета, * која е во брак веќе 26 години, вели: „Во почетокот очекував на маж ми автоматски да му е јасно како се чувствувам кога ќе се појавеше некој проблем. Постепено сфатив дека беше нереално да очекувам такво нешто. Сега се трудам убаво да му објаснам што мислам и како се чувствувам“.

Кога ќе разговарате за проблемот, запомни дека целта не ти е да го победиш другиот или да му докажеш дека не е во право, туку едноставно да му кажеш како размислуваш. Тоа ќе го направиш исправно ако јасно кажеш во што е проблемот, кога се појавил, и ако објасниш како се чувствуваш поради тоа. На пример, ако те нервира неуредноста на твојот брачен другар, со почит можеш да му речеш: „Кога ќе се вратиш од работа и ќе ги оставиш алиштата на под [кога и во што е проблемот], се чувствувам како никому да не му е важно тоа што чистам и средувам низ дома [објаснуваш како точно се чувствуваш]“. Потоа тактично дај предлог како да се реши тој проблем.

ПРЕДЛОГ: За да знаеш што точно ќе му кажеш на својот сопружник, добро е да си запишеш што мислиш дека е проблемот и како би сакал да се реши.

3. Слушај и покажи разбирање за чувствата на брачниот другар.

Апостол Јаков напишал дека христијаните треба да бидат ‚брзи на слушање, а бавни на зборување и бавни на гнев‘ (Јаков 1:19). Малку работи можат да тѐ направат понесреќен во бракот од чувството дека брачниот партнер не сфаќа како се чувствуваш поради некој проблем. Затоа, биди решен никогаш да не му оставиш таков впечаток! (Матеј 7:12).

Волфганг, кој е во брак 35 години, вели: „Кога разговараме околу некој проблем, во себе чувствувам некаква напнатост, посебно ако имам впечаток дека жена ми не сфаќа како гледам на работите“. Дијана, која веќе 20 години е во брак, признава: „Честопати му се жалам на маж ми дека не ме слуша вистински кога разговараме за некој проблем“. Што да се прави во ваков случај?

Немој да си мислиш дека секогаш знаеш како размислува или како се чувствува твојот брачен партнер. „Вообразеноста само предизвикува караници, а мудри се оние што меѓусебно се советуваат“, пишува во Божјата реч (Изреки 13:10). Покажи дека го  почитуваш сопружникот со тоа што ќе го оставиш да се искаже без да го прекинуваш. Потоа, за да биде сигурен дека добро си го разбрал, повтори му го со свои зборови она што ти го кажал, но без зајадливост или лутина. Дозволи му да те исправи ако погрешно си разбрал нешто што било кажано. Немој само ти да зборуваш. Зборувајте еднаш ти, еднаш тој, сѐ додека и двајцата не се согласите дека добро сте разбрале што мисли и што чувствува секој од вас во врска со таа работа.

Се разбира, треба да си понизен и стрплив за внимателно да го слушаш својот брачен партнер и да сфатиш како тој или таа гледа на работите. Но, ако прв покажеш дека го почитуваш својот сопружник на ваков начин, многу ќе му помогнеш и тој да ти покаже почит (Матеј 7:2; Римјаните 12:10).

ПРЕДЛОГ: Кога го повторуваш она што го кажал сопружникот, немој само студено да ги изрецитираш неговите или нејзините зборови. Обиди се сочувствително да му опишеш што си разбрал дека сака да ти каже и како мислиш дека се чувствува (1. Петрово 3:8).

4. Донесете заедничко решение.

„Подобро им е на двајца отколку на еден, зашто имаат добра плата за својот труд. Зашто, ако падне едниот, другиот ќе го подигне другарот свој“ (Проповедник 4:9, 10). Тешко дека ќе ги решите брачните проблеми ако не го правите тоа со заеднички сили и ако не си помагате еден на друг.

Точно, Јехова го поставил мажот за глава на семејството (1. Коринќаните 11:3; Ефешаните 5:23). Но, поглаварството не е диктатура. Мудриот сопруг нема да донесува самоволни одлуки. Давид, кој е женет 20 години, вели: „Се обидувам да увидам во што се сложуваме со жена ми и да најдам решение кое и на двајцата ќе ни одговара“. Тања, која е седум години во брак, вели: „Не е важно кој е во право, а кој не е. Понекогаш едноставно имаме различно мислење како да се реши проблемот. Заклучив дека најважно е да се биде флексибилен и разумен“.

ПРЕДЛОГ: Развивајте дух на соработка, така што и двајцата ќе ги запишете сите можни решенија на проблемот што ќе ги смислите. Кога повеќе ништо не ви текнува, заедно разгледајте го списокот и применете го решението со кое и двајцата се сложувате. Потоа одредете кога точно, но што поскоро, ќе седнете за да видите дали сте постапувале како што сте решиле и колкав бил успехот од тоа.

Влечете заедно, не секој во различен правец

Исус го споредил бракот со јарем (Матеј 19:6, фуснота). Во негово време, јаремот претставувал дрвена греда што ги држела заедно животните за да можат да работат. Ако животните не влечеле заедно во ист правец, работата немало да биде завршена како што треба, а јаремот ќе им ги разранел вратовите. Ако соработувале, ќе можеле да влечат тешки товари или да ги ораат нивите.

Исто е и со мажот и жената — ако не ги здружат силите, јаремот на бракот може да им направи рани. И обратно, ако се научат да го влечат товарот заедно, ќе можат да го решат речиси секој проблем и ќе бидат многу успешни. Еден среќно оженет човек по име Калала, во кратки црти објаснува на што се должи среќата во неговиот брак: „Веќе 25 години, јас и жена ми ги решаваме проблемите така што отворено разговараме за нив, секој се става во кожата на другиот, го молиме Јехова да ни помогне и постапуваме според библиските начела“. Можеш ли и ти да го правиш ова?

ПРАШАЈ СЕ...

  • За кој проблем најмногу би сакал да разговарам со сопружникот?

  • Како да бидам сигурен дека добро разбирам како се чувствува мојот сопружник во врска со она за кое зборуваме?

  • Ако сакам сѐ да биде по мое, какви проблеми би можел да предизвикам?

^ пас. 17 Некои имиња се сменети.