Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Ќе ја прочитам вечер, додека седам крај огнот“

„Ќе ја прочитам вечер, додека седам крај огнот“

Писмо од Австралија

„Ќе ја прочитам вечер, додека седам крај огнот“

ВНАТРЕШНОСТА на Австралија е предел со спржени пустини, високи температури и огромни празни пространства. Сепак, овде живеат околу 180.000 луѓе, приближно 1 отсто од населението на овој континент.

Кога бев мал, моите родители, кои се Јеховини сведоци, ме зедоа со себе да проповедаме во внатрешноста. Недогледните пространства и природните убавини на дивината ја разгоруваа мојата фантазија. Ги засакав и издржливите, безгрижни жители на тој крај. Подоцна основав своја фамилија, па сакав жена ми и нашите две деца, едното на 10, а другото на 12 години, да го доживеат истото.

Планови за пат

Најнапред седнавме да го пресметаме трошокот. Колку далеку сме во можност да патуваме? Колку време ќе останеме? Една брачна двојка и двајца полновремени проповедници од нашето собрание сакаа да дојдат со нас. Се договоривме кога да тргнеме на пат — за време на зимскиот училишен распуст. * Пишавме до австралиската подружница на Јеховините сведоци во Сиднеј за да ни одредат подрачје. Нѐ упатија да проповедаме на едно оддалечено подрачје во близината на Гундивинди, мало планинско гратче на околу 400 километри западно од Бризбен, каде што живееме.

Дознавме дека таму има едно мало собрание на Јеховините сведоци. Тоа беше уште еден благослов. Врв на нашето патување ќе биде да се запознаеме со тие сохристијани. Се јавивме во собранието за да им кажеме дека доаѓаме. Од нивниот воодушевен одговор се виде дека едвај нѐ чекаат.

Кратко пред да тргнеме, се состанавме за да се договориме како да ја презентираме добрата вест за Божјето Царство во тоа место. Особено сакавме да покажеме почит кон културата и обичаите на тамошните Абориџини. На пример, некои племиња сметаат дека нивната земја е нивни заеднички дом. Да се влезе без покана, би било многу неучтиво.

На подрачјето во внатрешноста

Конечно дојде големиот ден. Со два автомобила полни со луѓе и багаж, тргнавме за Гундивинди. Пејзажите покрај патот полека се менуваа — обработените полиња им го отстапуваа месото на тревните рамнини со по некој еукалиптус. Топлото зимско сонце блескаше на ведрото небо. По неколку часа стигнавме во Гундивинди и се сместивме во бунгалови во еден камп, каде што ја минавме ноќта.

Следниот ден, недела, осамна сончев и свеж — совршено време за проповедање. Летните температури овде обично се качуваат до 40 степени Целзиусови! Најнапред бевме во една абориџинска заедница оддалечена околу 30 километри. Ни рекоа да појдеме кај Џени, една постара, белокоса жена што беше водач на луѓето од таа заедница. Внимателно нѐ сослуша и со задоволство ја зеде книгата Учи од Големиот учител. * Потоа ни дозволи да влеземе во заедницата и да им проповедаме на тамошните жители.

Децата трчаа пред нас за да го најават нашето доаѓање. Секој што ќе го сретневме внимателно ја слушаше нашата порака и земаше библиска литература. Наскоро ги раздадовме сите публикации и беше време да се вратиме во градот за да одиме на собранискиот состанок. Пред да си заминеме, ветивме дека ќе се вратиме за да ги посетиме оние со кои не успеавме да разговараме.

Тоа попладне Салата на Царството беше исполнета со џагор од весели разговори бидејќи новите познанства почнаа да преминуваат во пријателства. Дваесет и петте Сведоци од тоа место верно им ја пренесуваа пораката на околу 11.000 луѓе распрснати на подрачје од 30.000 квадратни километри. „Ви благодариме што дојдовте да ни помогнете“, со ценење рече еден Сведок. По убавиот состанок, сите отидовме да каснеме нешто. Пред да си легнеме таа ноќ, ги нахранивме опосумите што се шеткаа низ кампот.

„Вечер, додека седам крај огнот“

Следните два дена, со двата автомобила одевме на оддалечените фарми распрснати по границата меѓу Квинсленд и Нов Јужен Велс. Во тој предел главно можеа да се видат суви еукалиптуси и, овде-онде, рамни, пространи тревни површини каде што пасат овци и друга стока. По патот здогледавме неколку кенгури, кои брзо мрдаа со ушите внимавајќи на нашето присуство. Во далечината, емуата достоинствено чекореа по правливата ливада.

Беше вторник попладне кога наидовме на едно огромно стадо, кое полека одеше по патот. Платените говедари веќе одамна го селат добитокот низ овие предели, особено кога има суша. Еден од нив, кој јаваше на коњ, помина близу до нас. Го паркирав автомобилот крај патот и со силен глас го поздравив. „Здраво, пријателе“, ми одговори. Остарениот човек, со кучето-чувар крај него, запре да поразговараме.

Откако разменивме збор-два за сушата, почнав да му проповедам. „Не сум чул ништо за Библијата од кога бев дете!“, рече тој. Сметаше дека верските водачи се виновни за падот на моралот во светот. Сепак, имаше длабоко ценење за Библијата. По една убава библиска дискусија, му ја понудив книгата Што навистина учи Библијата? * Веднаш ја зеде, ја стави во џебот од кошулата и рече: „Ако ми каже што учи Библијата, ќе ја прочитам вечер, додека седам крај огнот“.

На пат за дома

Таа вечер им ги раскажавме нашите искуства на духовните браќа и сестри во Салата на Царството. Ветија дека ќе појдат кај заинтересираните што ги запознавме. Кога заврши состанокот, ни беше тешко да се разделиме. Љубовта многу нѐ поврза. Сите се чувствувавме збогатени од размената на духовно охрабрување (Римјаните 1:12).

Следниот ден си заминавме. Кога размислувавме за патот, сите бевме едномислени дека Јехова богато го благослови нашиот потфат. Се чувствувавме духовно освежени. Кога стигнавме дома, ги прашав децата: „Каде би сакале да одиме следниот училишен распуст? На планина?“ „Не, тато“, одговорија тие, „да одиме пак да сведочиме во внатрешноста“. Жена ми рече: „И јас би сакала да одиме таму. Тоа ни беше најубавиот годишен одмор досега!“

[Фусноти]

^ Зимата во Австралија трае од јуни до август, а летото од декември до февруари.

^ Издадена од Јеховините сведоци.

^ Издадена од Јеховините сведоци.