Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто Бог го спасил Ное — зошто треба да знаеме?

Зошто Бог го спасил Ное — зошто треба да знаеме?

Зошто Бог го спасил Ное — зошто треба да знаеме?

МНОГУМИНА од нас се сеќаваат на моментот кога чуле некоја важна вест. Се сеќаваме на сите детали — не само каде сме биле и што сме правеле кога сме ја чуле веста туку и како сме реагирале. Без сомнение, Ное никогаш не го заборавил денот кога добил вест од Јехова Бог, Владетелот на целата вселена. А зар можело да има поважна вест од таа? Јехова рекол дека одлучил да го уништи „секое суштество“. Ное требало да изгради огромна арка за да се спаси себеси, својата фамилија и сите видови животни (1. Мојсеева 6:9-21).

Како ја примил Ное таа вест? Дали се израдувал или негодувал? Како им ја пренел на жена си и на целата фамилија? Библијата не кажува ништо за тоа. Сепак, ни го открива следново: „Ное направи сѐ така како што му беше заповедал Бог. Токму така направи“ (1. Мојсеева 6:22).

Тоа сигурно се многу важни зборови, бидејќи ни откриваат една причина зошто Ное нашол милост во очите на Бог — Ное бил спремен да го прави она што Бог го барал од него (1. Мојсеева 6:8). Од која друга причина Бог бил милостив кон Ное? Одговорот е важен бидејќи мора да бидеме како Ное за да преживееме кога Бог повторно ќе ја исчисти Земјата од злото. Но, најнапред да видиме каков бил животот на Ное пред Потопот.

Демони на Земјата

Ное се родил околу илјада години откако биле создадени првите луѓе. Во тоа време немало пештерски луѓе како што си замислуваат многумина — влакнести, малоумни суштества што оделе подгрбавено со стап во раката. Се ковале орудија од железо и бакар, кои Ное веројатно ги користел за да ја изгради арката. Имало и музички инструменти. Луѓето се мажеле и женеле, основале семејства, одгледувале земјоделски култури и чувале стока. Купувале и продавале разни производи. Во овие работи, животот бил многу сличен на денешниот (1. Мојсеева 4:20-22; Лука 17:26-28).

Но во други работи, животот бил сосема поинаков. Една разлика е тоа што луѓето имале многу подолг животен век. Не било ништо необично некој да живее преку 800 години. Ное живеел 950, Адам 930, а Метузалем, кој му бил дедо на Ное, живеел цели 969 години! * (1. Мојсеева 5:5, 27; 9:29).

За една друга разлика читаме во 1. Мојсеева 6:1, 2, каде што пишува: „Кога луѓето почнаа да се множат на земјата и им се родија ќерки, синовите на вистинскиот Бог забележаа дека човечките ќерки се убави, па си ги земаа за жени, сите што ќе ги избереа“. Овие ‚синови на вистинскиот Бог‘ биле ангели од небото што дошле на Земјата во облик на луѓе. Не дошле затоа што Бог ги пратил ниту, пак, за доброто на луѓето. Наместо тоа, ‚го напуштиле своето вистинско живеалиште‘ на небото за да имаат полови односи со убавите жени на Земјата. Така станале демони (Јуда 6).

Бунтовни, изопачени, со натчовечка сила и интелигенција, овие ангели што станале демони влијаеле лошо врз луѓето. Сосема веројатно го држеле во свои раце човечкото општество и управувале со него. Не дејствувале во тајност, како лукавите криминалци што го кријат својот идентитет и прават лоши работи, скриени од очите на јавноста. Наместо тоа, јавно дејствувале како бесрамни бунтовници против Бог.

Овие ангелски Божји синови имале полови односи со жените. Децата што им се раѓале станувале необично силни кога ќе пораснеле. На хебрејски биле познати како „нефили“. Во Библијата пишува: „Во тие денови, а и потоа, синовите на вистинскиот Бог имаа полови односи со човечките ќерки, па тие им раѓаа синови на земјата, кои се викаа нефили. Тоа беа силници, прочуени луѓе, кои живееја во старо време“ (1. Мојсеева 6:4). Нефилите им влевале на луѓето страв во коски. Зборот „нефили“ значи „соборувачи“, оние што ги туркаат другите. Најверојатно за тие убијци и за нивните насилства се раскажува во древните митови и легенди.

Маката на праведниот

Она што го вели Библијата за тогашниот народ ни пренесува слика на длабоко вкоренета и раширена расипаност. Во неа пишува: „Јехова виде дека лошотијата на човекот на земјата е голема и дека сите мисли на неговото срце се секогаш насочени само кон зло. А земјата... се наполни со насилство... Целиот човечки род го расипа својот пат на земјата“ (1. Мојсеева 6:5, 11, 12).

Во еден таков свет живеел Ное! За разлика од другите, ‚Ное бил праведен човек кој одел со вистинскиот Бог‘ (1. Мојсеева 6:9). Не е лесно за еден праведен човек да живее меѓу неправедни луѓе. Колку ли му било тешко на Ное од она што се зборувало и се правело околу него! Веројатно се чувствувал исто како Лот, еден друг праведен човек што живеел по Потопот. Лот, кој живеел меѓу расипаните жители на Содом, ‚страдал поради бесрамните дела на тие дрски беззаконици‘, и ‚она што тој праведник го гледал и го слушал додека од ден на ден живеел меѓу нив и ги набљудувал нивните беззакони дела, ја мачело неговата праведна душа‘ (2. Петрово 2:7, 8). Сигурно така се чувствувал и Ное.

Дали ти е тешко поради шокантните настани за кои се известува на вестите или поради безбожноста на луѓето меѓу кои живееш? Ако да, сигурно сфаќаш како му било на Ное. Замисли си колку мора да му било тешко да издржи во еден неправеден свет цели 600 години, бидејќи на таа возраст бил кога дошол Потопот. Колку ли копнеел да му дојде крајот на злото! (1. Мојсеева 7:6).

Ное имал храброст да биде поинаков

Ное бил „непорочен меѓу своите современици“ (1. Мојсеева 6:9). Интересно е што Библијата вели дека тој бил непорочен меѓу, а не во очите на неговите современици. Со други зборови, Ное бил непорочен во очите на Бог, но во очите на луѓето што живееле пред Потопот, тој бил чуден човек. Можеме да бидеме сигурни дека не се согласувал со општоприфатените гледишта ниту, пак, се впуштал во безбожната забава и во дружење со луѓето во тоа време. Замисли си како гледале тие на него кога почнал да ја гради арката! Веројатно му се смееле и му се подбивале. Не го сфаќале сериозно.

Освен тоа, Ное имал цврсти религиозни убедувања, кои не ги чувал само за себеси. Библијата вели дека тој бил „проповедникот на праведноста“ (2. Петрово 2:5). Без сомнение Ное знаел дека луѓето ќе му се противат. Неговиот прадедо Енох бил праведен човек, кој прорекол дека Бог ќе им суди на злобните. Очигледно затоа бил малтретиран, иако Бог не им дозволил на неговите противници да го убијат Енох (1. Мојсеева 5:18, 21-24; Евреите 11:5; 12:1; Јуда 14, 15). Со оглед на Сатана, демоните, нефилите и рамнодушноста или противењето на повеќето луѓе, на Ное му била потребна храброст, како и вера дека Јехова ќе го заштити.

Оние што му служат на Бог секогаш наидуваат на противење од страна на оние што не му служат. Луѓето го мразеле дури и Исус Христос, како и неговите следбеници (Матеј 10:22; Јован 15:18). Ное имал храброст да му служи на Бог, иако другите луѓе не го правеле тоа. Сфатил дека е многу поважно да најде милост во очите на Бог отколку да им се допадне на оние што му се противеле на Бог. А Ное навистина му бил мил на Бог.

Ное обрнал внимание

Како што видовме, Ное храбро им проповедал на другите. Како реагирале на пораката што им ја пренесувал? Библијата вели дека, пред Потопот, луѓето ‚јаделе и пиеле, се женеле и се мажеле, сѐ до денот кога Ное влегол во арката, и не обрнувале внимание додека не дошол потопот и ги однел сите‘. Тие не го послушале предупредувањето (Матеј 24:38, 39).

Исус рекол дека ќе биде исто и во денешно време. Подолго од сто години, Јеховините сведоци го разгласуваат предупредувањето дека Јехова ќе преземе драстични мерки за да го исполни своето ветување дека ќе воспостави еден праведен нов свет. Иако милиони луѓе ја прифатиле пораката, милијарди жители на Земјата не ѝ обрнуваат внимание. Намерно го игнорираат фактот дека навистина имало Потоп и не ги интересира од каква важност е тој (2. Петрово 3:5, 13).

Меѓутоа, Ное обрнал внимание. Тој верувал во она што му го рекол Јехова Бог, послушал и се спасил. Апостол Павле напишал: „Со вера Ное — откако Бог го предупреди за она што сѐ уште не се гледаше — покажа дека се бои од Бог и изгради арка за спасение на својот дом“ (Евреите 11:7).

Пример за нас

Арката што ја изградил Ное била со џиновски размери — подолга од фудбалско игралиште и висока колку зграда на три ката. Била преку 30 метри подолга од едреникот Вајоминг, за кој се смета дека бил најголемиот дрвен брод што некогаш бил направен. Се разбира, арката не била брод — требало само да се одржува на површината на водата. Сепак, за нејзината изградба биле потребни напредни техники. Исто така, однатре и однадвор требало да се обложи со катран. Можеби биле потребни повеќе од 50 години за да се направи (1. Мојсеева 6:14-16).

Тоа не било сѐ. Ное морал да собира резерви од храна за една година за неговата фамилија и за животните. Пред да дојде Потопот, морал да собере животни и да ги внесе внатре. ‚Ное направил сѐ така како што му заповедал Јехова.‘ Колкаво олеснување почувствувал кога сѐ било подготвено и кога Јехова ја затворил вратата на арката! (1. Мојсеева 6:19-21; 7:5, 16).

Почнал Потопот. Врнело 40 дена и 40 ноќи. Сите морале да останат во арката цела година сѐ додека водите не се повлекле (1. Мојсеева 7:11, 12; 8:13-16). Изгинале сите злобни луѓе. Само Ное и неговата фамилија преживеале и продолжиле да живеат на една исчистена Земја.

Библијата вели дека глобалниот Потоп од времето на Ное служи како „пример... за она што треба да дојде“. Во кој поглед? Читаме: „Сегашните небеса и земја преку истата таа реч се зачувани за оган и се чуваат сѐ до денот на судот и уништувањето на безбожниците“. Меѓутоа, ќе има преживеани, како што имало и во времето на Ное. Биди уверен дека „Јехова знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени“ (2. Петрово 2:5, 6, 9; 3:7).

Ное бил човек што му бил оддаден на Бог, праведник меѓу злобните луѓе што живееле во негово време. Во сѐ го слушал Бог. Имал храброст да го прави она што е исправно иако знаел дека поради тоа ќе го презираат и ќе го мразат оние што не сакале да му служат на Бог. Ако се угледаме на Ное во тие работи, и ние ќе му бидеме мили на Бог и ќе бидеме спасени за да живееме во новиот свет кој наскоро ќе дојде (Псалм 37:9, 10).

[Фуснота]

^ Види ја статијата „Дали навистина живееле толку долго?“ во Разбудете се! од јули 2007, страница 30.

[Истакната мисла на страница 5]

За насилствата на нефилите може да се прочита во древните легенди

[Слика на страница 7]

Ако имаме вера како Ное, Бог ќе биде милостив и кон нас

[Извор на слика на страница 5]

Alinari/Art Resource, NY