Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Извор на вода што донесува вечен живот

Извор на вода што донесува вечен живот

Извор на вода што донесува вечен живот

„А кој ќе пие од водата што ќе му ја дадам јас, нема никогаш да ожедни, туку водата што ќе му ја дадам јас ќе стане во него извор на вода, која донесува вечен живот“ (ЈОВАН 4:14).

„ОДЕДНАШ, од зад Месечината,.. се појави еден брилијантен сино-бел скапоцен камен, една светла, нежна, небесносина топка украсена со бели ленти што бавно се лелееја. Полека се креваше како некој мал бисер во длабоко море од црни тајни“ (опис на Земјата како што ја видел од вселената астронаутот Едгар Мичел).

Што ѝ дава на нашава планета таков блескав сјај што го инспирирал астронаутот да се изрази толку поетски? Тоа е водата, која покрива речиси три четвртини од површината на Земјата. Водата не само што ѝ дава убавина на нашава планета туку го одржува и животот на неа. Всушност, околу 65 отсто од човечкото тело се состои од вода. Затоа, во врска со водата, во една енциклопедија стои: „Неопходна е за животот бидејќи учествува во речиси секој процес што се одвива во растенијата и во животните“ (Encyclopædia Britannica).

Благодарение на еден ефикасен систем за рециклирање, Земјините резерви на вода никогаш не треба да се надоместуваат. „Речиси секоја капка што ја користиме се враќа во океаните“, објаснува една друга енциклопедија (The World Book Encyclopedia). „Оттаму испарува под дејство на Сонцето. Потоа повторно паѓа на Земјата во вид на дожд. Водата постојано се користи. Никогаш не се троши.“ Пред околу 3.000 години, овој извонреден процес бил опишан во Библијата со следниве зборови: „Сите реки течат во морето, а морето сепак не се преполнува. Реките одново се враќаат на своите врутоци и одново го започнуваат својот тек“. Колку е прекрасно осмислен овој кружен тек на водата! (Проповедник 1:7).

Бидејќи водата игра многу важна улога во одржувањето на животот и поради чудесниот начин на кој ни е обезбедена, не треба да се изненадиме што во Библијата се спомнува преку 700 пати. За да се истакнат некои работи поврзани со нашиот однос со Бог, во Библијата честопати се спомнуваат извонредните својства на водата — особено нејзината моќ да чисти и да го одржува животот (Исаија 58:11; Јован 4:14).

Моќта на Библијата да чисти

Бидејќи Израелците редовно се капеле и се миеле со вода, физичката чистота меѓу нив била на многу високо ниво. Било обичај секој да си ги измие нозете пред да влезе некаде да јаде (Лука 7:44). Освен што со водата ја одржувале чистотата на своето тело и на личните работи, Израелците ја користеле и за да ја одржуваат својата церемонијална чистота. Свештениците што служеле во светиот шатор морале често да се мијат и да ја перат својата облека (2. Мојсеева 30:18-21). Подоцна, во храмот во Ерусалим, Соломон направил едно „излеано море“ од бакар што обично собирало 44.000 литри вода, доволно за да се исполнат барањата за чистење според Божјиот закон (2. Летописи 4:2, 6). Какво значење има за христијаните денес таквата употреба на водата?

Апостол Павле објаснил дека Исус го очистил христијанското собрание „со капење во вода, во речта Божја“. Како што водата ја чисти телесната нечистотија, вистината од Божјата реч има моќ да исчисти морално и духовно. По ваквото чистење, Христовите ученици се ‚свети и неизвалкани‘ (Ефешаните 5:25-27). Затоа, сите што сакаат да ја стекнат Божјата милост, мора да работат на тоа да останат морално и духовно „неизвалкани и неосквернети“ (2. Петрово 3:11, 14). Како им помага во тоа Божјата реч?

Оние што сакаат да го радуваат Јехова Бог, земаат од духовната вода преку редовно проучување на Библијата. Кога знаењето што ќе го стекнат ќе ги допре нивниот ум и срце, кај нив се раѓа силна желба да го прават она што е заповедано во Библијата: „Преобразете се така што ќе го обновите својот ум, за да утврдите која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“ (Римјаните 12:2).

Кога точно ќе ја запознаат Божјата волја, таквите лица ќе можат да ги откријат дамките и флеките во нивното однесување и размислување. Додека ги применуваат библиските начела во својот живот, Божјата реч, како вода, ќе им помогне ‚да се исперат‘ дури и од тешки гревови (1. Коринќаните 6:9-11).

Еве како еден млад Шпанец доживеал ваква промена. „Кога имав 18 години, не бев среќен во животот“, објаснува Алфонсо. Станал наркоман и закоравен криминалец. „Се чувствував валкано поради начинот на кој постапував со своето тело и со другите луѓе.

На училиште забележав една моја врсничка што изгледаше чисто и невино, и затоа се разликуваше од другите ученици. Гледајќи го нејзиниот пример, ми се јави желба да водам чист живот како неа. Таа ми предложи да појдам на еден состанок на Јеховините сведоци. Наскоро почнав да ја проучувам Библијата и да градам пријателство со Бог. За една година го исчистив својот живот и се крстив како Јеховин сведок. Оваа драматична промена наведе многу родители од мојата населба да дојдат кај мене и да ме замолат да им помогнам на нивните деца што почнале да земаат дрога“.

Вода што донесува вечен живот

На една Самарјанка што црпела вода од Јакововиот бунар, Исус еднаш ѝ зборувал за „жива вода“. Тој рекол: „Кој ќе пие од водата што ќе му ја дадам јас, нема никогаш да ожедни, туку водата што ќе му ја дадам јас ќе стане во него извор на вода, која донесува вечен живот“ (Јован 4:10, 14). Исусовите зборови покажуваат дека ‚живата вода‘ симболизира сѐ што прави Бог за да добиеме живот, како што е објаснето во Неговата реч, Библијата. Благодарение на тоа, луѓето ќе можат да живеат вечно. Една важна состојка на оваа симболична вода е откупната жртва на Исус Христос. „Бог толку многу го сакаше светот“, објаснил Исус, „што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).

Алфонсо стекнал високо ценење за ‚живата вода‘ од Бог. Зборувајќи за оние што продолжиле со криминалот и дрогата, тој вели: „Брат ми е мртов, а и сите мои поранешни другари. Она што го научив од Божјата реч ме спаси да не завршам како нив. Благодарение на сѐ што прави Јехова за наше духовно добро, јас сум жив“. Освен тоа, откако дознал што вели Божјата реч, Алфонсо едвај чека да живее вечно во новиот свет што го ветил Бог (2. Петрово 3:13).

Повик до сите

Во последната книга од Библијата наоѓаме опис на една „река со вода на животот, бистра како кристал, како тече од престолот на Бог и на Јагнето“ (Откровение 22:1). Реката претставува сѐ што прави Бог за да можат луѓето повторно да станат совршени како што биле Адам и Ева во почетокот.

Откако е опишана таа река, упатен е следниов повик: „Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Откровение 22:17). Денес, тој повик се разгласува низ целиот свет. Секоја година, Јеховините сведоци во повеќе од 235 земји посветуваат над една милијарда часови за да им помогнат на луѓето добро да ги запознаат библиските учења и да добијат живот.

Дали жеднееш по водата на животот? Ако земаш од оваа кристално чиста вода, односно ако учиш за сѐ што прави нашиот Творец за нас и ако постапуваш во склад со тоа, и ти ќе можеш да бидеш еден од оние што „го собираат она богатство што е добар темел за иднината, за да го освојат вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 6:19).

[Истакната мисла на страница 14]

Како што водата ја чисти телесната нечистотија, библиската вистина има моќ да исчисти морално и духовно

[Рамка/слики на страница 15]

РЕЗЕРВИ ВОДА ВО БИБЛИСКИТЕ ВРЕМИЊА

Во библиските времиња, луѓето вложувале голем труд да најдат извори на вода. Авраам и Исак копале бунари во близина на Вирсавеја за да има доволно вода за нивните домаќинства и за стадата (1. Мојсеева 21:30, 31; 26:18).

Плитките бунари честопати секнувале во долгите, топли лета. За да биде сигурен извор на вода, морало бунарот да биде длабок (Изреки 20:5). Еден бунар во Лахис е длабок 44 метри. Друг бунар, кој се наоѓа во Гаваон, е длабок 25 метри и широк 11 метри. За да се ископа, требало да се отстранат околу 3.000 тони карпи. Самарјанката што дошла да црпи вода од Јакововиот бунар му рекла на Исус: „Бунарот е длабок“. Водата веројатно била на 23 метри под земјата (Јован 4:11).

Резервоарите биле уште еден извор на вода за луѓето на Блискиот Исток во старо време. Во овие подземни дупки се собирала дождовницата што паѓала од октомври до април. Се риеле канали во ридските падини за да се насочи дождовницата во дупките. Израелците длабеле големи резервоари за да ја складираат таа вода (2. Летописи 26:10, фуснота).

Да се нацрпи вода од бунарите и резервоарите било, и сѐ уште е, многу напорно. Жените како Ревека и ќерките на Јотор вршеле многу важна работа секојдневно црпејќи вода за своето семејство и за стоката (1. Мојсеева 24:15-20; 2. Мојсеева 2:16).

[Слика на страница 15]

Денес Алфонсо ја проповеда Божјата реч