Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Радосно ја вршам Божјата волја цел живот

Радосно ја вршам Божјата волја цел живот

Радосно ја вршам Божјата волја цел живот

Раскажал Бил Јармчак

Во март 1947 год., само неколку недели откако дипломирав во осмиот клас на мисионерската школа Гилеад, која тогаш се одржуваше во Саут Ленсинг (Њујорк, САД), тргнав на пат кон земјата во која добив задача да служам — далечниот Сингапур.

ДЕЈВ ФАРМЕР, еден друг Канаѓанец што имаше дипломирано во седмиот клас на Гилеад, ми се придружи бидејќи и тој требаше да служи во Сингапур. Се качивме на поранешниот воен брод Морска змија, кој отплови од Сан Франциско (Калифорнија).

Првото пристаниште во кое застанавме на Далечниот Исток беше Хонг Конг. Она што го видовме таму нѐ остави во краен шок. Последиците од Втората светска војна се гледаа насекаде — луѓе лежеа на тротоарите, изгладнети и на умирање. Набрзо се вративме на бродот и тргнавме кон Манила, главниот град на Филипините.

И таму ги видовме ужасните последици од војната. Низ пристаништето имаше расфрлано јарболи од бродовите што ги потопиле сојузнички бомбардери, и насекаде владееше сиромаштија. Сретнавме неколкумина Јеховини сведоци, кои нѐ одведоа во Салата на Царството. И покрај тешкотиите, тие беа среќни.

Следна станица ни беше Батавија (сегашна Џакарта), во Индонезија. Таму беснееше граѓанска војна и во близина се водеше борба, па затоа не ни дозволија да се симнеме од бродот. Додека пловевме кон Сингапур, почнав да се прашувам што нѐ очекува таму. Дали е тоа сѐ што останало од егзотичниот Ориент за кој имавме читано во туристичките проспекти?

За неколку дена, моите страхувања исчезнаа. Ни претстоеја настани што сигурно ни покажаа дека Дејв и јас сме на задача што ја одобрува Бог.

Како добивме дозвола за влез

Околу еден месец откако заминавме од Сан Франциско, нашиот брод конечно пристигна на островот Сен Џон, каде што се чекаше дозвола за влез во Сингапур. Службениците од инспекторатот за доселеници се качија на бродот за да извршат некои формалности за патниците, и на пасошите ни ставија печат „Дозволен влез во земјата“. Следното утро бродот се укотви на кејот. Откако еден бродски службеник ни ги провери документите, се симнавме од бродот.

Утредента се вративме на пристаништето за да се поздравиме со другите мисионери со кои патувавме. Тие продолжуваа со патувањето до Индија и Цејлон (сега Шри Ланка), каде што требаше да служат. Кога нѐ виде капетанот, се симна и застана пред нас. Вриеше од бес и викаше дека не сме смееле да се симнеме од бродот. Претходно, додека бевме на море, шефот на инспекторатот за доселеници, господин Хаксворт, му наредил да не ни дозволи да го напуштиме бродот кога ќе доплови. Ние не знаевме за таа наредба, а не знаеше ни службеникот што ни дозволи да се симнеме од бродот.

Господин Хаксворт нѐ дочека многу лут. Ни викаше дека ни е забрането да влеземе во Сингапур. Бидејќи не знаевме дека имаме таква забрана, му ги покажавме пасошите со официјалниот печат „Дозволен влез во земјата“. Разбеснет, ни ги грабна пасошите од раце читајќи го она што беше напишано на печатот. Но попусто, бродот веќе исплови! Господин Хаксворт ни ги задржа пасошите цела година, и на крајот ни ги врати со нов печат „Дозволен влез во земјата“.

Успешна служба во Сингапур

Кога пристигнавме во април 1947 год., Џошуа беше единствениот Сведок во Сингапур. Служеше како полновремен проповедник, односно пионер, сѐ до својата смрт во почетокот на 1970-тите. Наскоро, и некои од новите што ја дознаа библиската вистина почнаа да им проповедаат на другите. Добивавме одговор на молитвите за повеќе работници во духовната жетва (Матеј 9:37, 38).

Во 1949 год., додека господин Хаксворт беше на еден долг годишен одмор во Англија, во Сингапур пристигнаа шест мисионери што дипломираа во 11. клас на Гилеад. Во меѓувреме Дејв, кој неколку години ми беше партнер во мисионерската служба, мораше да замине од Сингапур поради лошото здравје. Отиде да живее во Австралија, каде што верно служеше сѐ до својата смрт во 1973 год. Меѓу шесте новодојдени мисионери беше и Ајлин Франкс, со која се оженив во 1956 год.

Минуваа години во кои ја проучувавме Библијата со многу лица што станаа Сведоци. И многу од нивните деца се крстија. Некои од нив до ден-денес се во полновремена служба во други земји. Едно убаво искуство доживеавме со Лестер и Џоуни Хајнес, Американци што се доселија во Сингапур. Почнаа да проучуваат во 1950-тите. Тие брзо напредуваа духовно и се крстија откако се вратија во САД. Подоцна, Лестер и Џоуни беа навистина успешни проповедници. Им помогнаа на многу луѓе да станат Сведоци, вклучувајќи ги и нивните три деца.

Џоуни ни напиша: „Кога ќе се сетам на онаа година во Сингапур, таа навистина ни го промени целиот живот. Да не нѐ ‚посвоевте‘, веројатно сѐ уште ќе одевме натаму-наваму низ светот. Радосна сум што ти беше тој што го научи Лес за вистината бидејќи уште од почетокот имаше учител што всади во него љубов кон Јехова и кон нашите христијански браќа. Тој никогаш не ја изгуби таа љубов“.

Служба како семејство во Сингапур

Во 1962 год., се случи нешто неочекувано што донесе голема промена во нашиот мисионерски живот. Лекарот ѝ кажа на Ајлин дека е бремена. Сакавме и понатаму да служиме како мисионери, но како можевме истовремено да се грижиме и за дете? Натан Х. Нор, кој тогаш ја надгледуваше активноста на Јеховините сведоци во целиот свет, ни напиша писмо и ме советуваше да најдам работа за да можеме да останеме во Сингапур. Тоа не беше воопшто лесно.

Повеќето странци работеа како директори во странските компании. Јас немав искуство во бизнисот, бидејќи започнав со полновремена служба веднаш штом завршив со училиштето, 23 години претходно. Затоа, ѝ платив на една агенција за вработување од Лондон да ми направи кратка биографија врз основа на мојата работа како проповедник во странска земја, и агенцијата ја испрати во многу меѓународни компании што имаа филијала во Сингапур.

Постојано добивав вакви одговори: „Жал ни е што не можеме да најдеме работно место за лице со Вашите квалификации“. Тие сметаа дека сум премногу квалификуван! Поминаа неколку месеци и се роди нашето бебе, Џуди. Брат Нор тогаш беше дојден во Сингапур и отиде да ги посети Џуди и мајка ѝ во болница. Тој ни рече: „Останете во мисионерскиот дом сѐ додека Бил не најде работа“.

По неколку месеци најдов работа како трговски застапник во една меѓународна авионска компанија. Платата едвај ни стигнуваше да врземе крај со крај. По две години се вработив во едно американско туристичко претпријатие, каде што добивав двапати повисока плата. На крајот станав познат во патничкиот сообраќај, и така се создадоа услови да им посветам повеќе време на семејството и на христијанската служба.

Најважна во животот ни беше службата за Јехова, и на прво место ги стававме духовните работи. Затоа можев да извршувам многу задачи во организацијата. Ајлин повторно почна со полновремената служба. Во меѓувреме, проповедничкото дело во Сингапур почна да цвета. Во средината на 1960-тите, купивме еден убав двоспратен објект во центарот на градот. Го преуредивме во Сала на Царството, која ја користеа четири собранија.

Забрана на нашата активност!

По некое време, работите добија поинаков тек — наидовме на противење. На 14 јануари 1972 год., како и секогаш, отидовме во Салата на Царството на редовен состанок. Но, на вратата имаше синџир со катанец. Беше оставено ливче на кое пишуваше дека собранието на Јеховините сведоци во Сингапур повеќе не е регистрирано. Нашата активност беше забранета! *

Иако ни ја затворија Салата на Царството, ние не престанавме да му служиме на Јехова. Сепак, во мислите ми остана прашањето: ‚Каде сака Бог да му служам со моето семејство? Размислував дека, ако се случи да нѐ истераат од земјата, никогаш нема да можеме да се вратиме за да се видиме со нашите пријатели во Сингапур. Затоа го прашав мојот шеф дали би можел да работам во Куала Лумпур, во Малезија. Така би можел да доаѓам и да си одам со моето семејство без никаков проблем. На мое изненадување, тој ми понуди одговорно место во филијалата во Куала Лумпур, со што би имал двојно повисока плата и други повластици.

Тогаш се запрашав: ‚Дали е Божја волја да заминеме од Сингапур и да се разделиме од браќата?‘ Како семејство, му ја изнесовме работата на Јехова во молитва. Сфативме дека Јехова нѐ однесе таму. Затоа, ја донесов конечната одлука — да останеме. Мојот шеф многу се изненади кога ја одбив примамливата понуда.

Не беше лесно да живееме и да ги извршуваме нашите христијански активности под забрана, бидејќи постојано ни се закануваше опасност да нѐ фатат и да нѐ затворат. Имаше моменти кога на своја кожа ги почувствуваме зборовите од Псалм 34:7: „Ангел Јеховин стои улогорен околу оние што се бојат од Бог, и ги избавува“.

Нова задача

На крајот, во 1993 год., откако служевме повеќе од 46 години во Сингапур, ни рекоа да се преселиме на Нов Зеланд, каде што ќе можевме да служиме во полесни услови. Зар треба да ви кажам дека ни беше жал што мораше да се разделиме од нашите драги пријатели во Сингапур, кои многу ги засакавме? Сепак, ни беше мило што нивната вера беше изградена на цврст темел со огноотпорни материјали. Ова им овозможи да останат цврсти и покрај неволјите што сѐ уште ги имаа (1. Коринќаните 3:12-14).

Поминаа повеќе од 14 години откако сме на Нов Зеланд, но Ајлин и јас сѐ уште уживаме во нашата специјална пионерска служба, иако сме во поодминати години. Моите двајца браќа — Мајк, кој има 94 години, и Петар, кој има 90 години — сѐ уште се живи и верно му служат на Јехова во Канада.

Во 1998 год., Џуди се врати на Далечниот Исток, каде што служеше неколку години. Во едно свое писмо ни напиша: „Секојдневно му се заблагодарувам на Јехова за големата чест што ја имам да проповедам овде! Ви благодарам и на вас двајцата што ме воспитувавте со љубов и за жртвите што ги правевте и сѐ уште ги правите за да ми го овозможите сето ова“. Во 2003 год. се врати на Нов Зеланд за да се грижи за мене и Ајлин. *

Благодарни сме му на Јехова што нашите околности ни дозволија да одговориме на повикот на Господарот за повеќе работници на жетвата. Тоа ни донесе неизмерна радост. А кога ‚светот ќе помине‘, како што вели Библијата, ќе го дочекаме исполнувањето на прекрасното Божје ветување: „Оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17).

[Фусноти]

^ Види во англиското издание на Стражарска кула од 1 јуни 1972 год., страници 341-349.

^ Ајлин почина на 24 јануари 2008 год., додека се подготвуваше оваа статија.

[Слика на страница 29]

Џошуа беше единствениот Сведок во Сингапур кога пристигнавме во 1947

[Слика на страница 29]

Со Дејв Фармер во Хонг Конг, на пат за Сингапур, 1947

[Слика на страница 29]

Со Ајлин, 1958

[Слика на страница 31]

Со нашата ќерка, Џуди

[Извор на слика]

Kimroy Photography

[Извор на слика на страница 28]

Kimroy Photography