Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Зошто на Јуда му биле понудени 30 сребреници за да го предаде Исус?

Кога Јуда Искариот отишол кај главните свештеници за да се договори колку пари ќе му дадат ако им го предаде Исус, тие му понудиле „триесет сребреници“ (Матеј 26:14, 15). Од оваа сума се гледа колку го презирале Исус и колку бил безвреден во нивни очи.

Веројатно се работело за сребрени сикли, стандардна парична единица кај Евреите. Што можело да се купи за 30 сикли? Според Мојсеевиот закон, тоа било цената на еден роб. Со 30 сикли можело да се купи и парче земја (2. Мојсеева 21:32; Матеј 27:6, 7).

Кога пророкот Захарија побарал од неверните Израелци да му платат за тоа што служел како пастир на Божјиот народ, тие му исплатиле „триесет сребреници“. Со овој гест намерно сакале да го понижат овој Божји пророк, покажувајќи му дека во нивни очи не вредел повеќе од роб. Затоа, Јехова му заповедал на Захарија: „Фрли ја во ризницата таа голема вредност со која ме проценија!“ (Захарија 11:12, 13). Захарија ја послушал оваа заповед и ги фрлил парите во ризницата. Тоа нѐ потсетува на она што го направил Јуда со парите добиени за предавството на Оној што Јехова го поставил за пастир на Израел (Матеј 27:5).

Каква била ‚потврдата за развод‘ што се спомнува во Библијата?

Во Мојсеевиот закон стои: „Ако некој човек земе жена и ако се ожени за неа, па се случи таа да не му биде по волја зашто нашол на неа нешто недолично, нека ѝ напише потврда за развод, нека ѝ ја предаде в раце и нека ја испрати од својата куќа“ (5. Мојсеева 24:1). За што служел овој документ? Библијата не ни открива што пишувало во таа потврда, но без сомнение требало да послужи за да се заштитат правата и интересите на жената чиј маж ја оставил.

Во 1951/52 год., во пештерите на северната страна од Вади Мурабат, суво речно корито во Јудејската Пустина, беа откриени древни предмети. Меѓу бројните ракописи што беа пронајдени таму, имаше и една потврда за развод напишана на арамејски јазик и датираше од 71 или 72 год. од н.е. Во неа е наведено што се случило на првиот ден од месецот мархешван, во шестата година откако Евреите се побуниле против Рим. Јосиф, син на Наксан, кој живеел во Масада, се развел од Маријам, ќерка на Јонатан од Ханаблата. Оттогаш таа била слободна да се омажи за кој било друг Евреин. Јосиф ѝ го вратил миразот и ѝ надоместил четирикратно за секаква штета што била нанесена на нејзиниот имот. Потврдата ја потпишале лично Јосиф и уште тројца сведоци — Елиезер, син на Малка; Јосиф, син на Малка; и Елеазар, син на Ханана.

[Слика на страница 25]

Пештерите кај Вади Мурабат

[Слика на страница 25]

Потврда за развод од 71/72 год. од н.е.

[Извори на слики на страница 25]

Пештери: Todd Bolen/Bible Places.com; потврда: Clara Amit, со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority