Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каков е нашиот небесен Татко?

Каков е нашиот небесен Татко?

Каков е нашиот небесен Татко?

МНОГУ луѓе ја знаат напамет молитвата Оченаш, која Исус им ја кажал на своите ученици за да ги поучи како да се молат (Матеј 6:9-13). Секогаш кога ја кажуваат таа молитва, го нарекуваат Бог „Оче наш“ или „Татко наш“. Но, колкумина можат да речат дека добро го познаваат?

А ти? Колку добро го познаваш Бог? Дали си близок со него, дали разговараш со него и дали му кажуваш кога си радосен или тажен? Што, всушност, значи да го познаваш Бог?

„Јехова е неговото име“

За дете кое штотуку проодило, неговиот татко е само „тато“. Меѓутоа, како што расте така дознава како се вика татко му и каква личност е, и веројатно се гордее со него. А што знаеш ти за нашиот небесен Татко? Знаеш ли како се вика и што значи неговото име?

Иако многумина ги повторуваат зборовите „Да се свети името твое“ кога ја кажуваат молитвата Оченаш, тие можеби нема да знаат да одговорат кога некој ќе ги праша: „Кое е тоа име?“ Небото послано со ѕвезди, прекрасните планини и живописните корални гребени богати со жив свет даваат доказ дека постои Бог. Но, тие не ни кажуваат како се вика тој. За да го дознаеме тоа, треба да ја читаме Библијата. Во неа кратко и јасно е кажано: „Јехова е неговото име“ (2. Мојсеева 15:3).

Бог сака да го знаеме неговото име, Јехова. Зошто? Затоа што неговото име ни открива каква личност е тој. Божјето име буквално значи „Оној што предизвикува да стане“. Со други зборови, тој станува сѐ што е потребно за да ја исполни својата намера. Тоа подобро ќе го разбереме преку следниов пример: Додека се грижи за своето семејство, еден татко станува хранител, советник, судија, посредник, заштитник и учител, во зависност од моменталните потреби на семејството и од околностите. Слично постапува и Јехова Бог, а неговото име ни дава гаранција дека потполно може да ја исполни својата волја и да ги благослови сите што му служат, сеедно што ќе се случи.

Да ги разгледаме различните улоги што ги презема нашиот грижлив Бог во склад со значењето на своето име. Тоа ќе ти помогне да сфатиш каков Бог е Јехова и да дознаеш што треба да правиш за да се зближиш со него.

„Богот на љубовта и на мирот“

Апостол Павле го нарекол нашиот Творец „Богот на љубовта и на мирот“ (2. Коринќаните 13:11). Зошто? Исус Христос рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Затоа што многу ги сакал луѓето, Бог го дал својот сакан Син како откупнина за да можат оние што покажуваат вера во него да добијат вечен живот — живот без никаква болка или страдања што се последица од гревот. Затоа, апостол Павле го рекол и следново: „Платата за гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“ (Римјаните 6:23). Зар тоа не е доволен мотив да го сакаме Бог и да се зближиме со него?

Бог не покажува љубов само кон луѓето како група туку и кон секој верен човек како поединец. На древните Израелци, кои честопати биле непослушни, Мојсеј им рекол: „Зар на Јехова му го правиш тоа, безумен народе што немаш мудрост? Не е ли тој Таткото кој те создаде, те направи и те утврди?“ (5. Мојсеева 32:6). Сфаќаш ли што значат овие зборови? Како нежен татко, Јехова се грижел за својот народ, иако гледал дека тие правеле грешки. Освен тоа, им давал сѐ што им било потребно — во материјален, емоционален и духовен поглед.

Сите имаме и убави и неубави моменти во животот и понекогаш сме несреќни, па дури и депримирани. Треба некој да ни помогне исправно да гледаме на нашата ситуација и на проблемите што ги имаме. Кој може да ни помогне? Преку својата Реч, Библијата, Јехова станува грижлив Советник и Помошник. Таа света книга ни открива зошто има толку многу страдања и како можеме да ги поднесеме. Исто како што еден татко со љубов му помага на својот син што паднал и се повредил, и Јехова во својата голема љубов се наведнува, така да се каже, за да ни помогне. Навистина, Јеховината рака не е прекратка кон оние што покажуваат вера во него (Исаија 59:1).

Бог ја покажува својата љубов кон нас и со тоа што „ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Зошто го велиме ова? Апостол Павле објаснува: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7). Ако искрено му се молиш на Бог и ако го следиш водството што ти го дава преку својата Реч, и ти ќе го имаш „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“.

„Бог кој знае сѐ“

Во Библијата е речено дека Јехова Бог „има совршено знаење“. Бидејќи е „Бог кој знае сѐ“, тој ја разбира човечката природа и човечките потреби подобро од кој и да е друг (Јов 36:4; 1. Самоилова 2:3). Преку својот слуга Мојсеј рекол дека „човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (5. Мојсеева 8:3; Матеј 4:4). Ова значи дека ни е потребно нешто повеќе отколку материјални работи за да бидеме вистински среќни.

Нашиот Творец ни го дава потребното водство и корисни совети преку својата Реч, Библијата. Кога ја проучуваме Библијата и ги применуваме тие совети во својот живот, извлекуваме корист „од секој збор што излегува од Јеховината уста“. На пример, Сузана, една мажена христијанка, го вели следново за својот брак: „Си го зајакнавме бракот со тоа што заедно ја читаме Библијата, заедно одиме на христијанските состаноци и им зборуваме на другите за она што сме го научиле. Благодарение на духовните поуки што ги добиваме од Бог, имаме исти цели, и нашата врска е поцврста“.

Дали би сакал и тебе да ти користат духовните совети и водството што го дава Бог? Ако редовно ја проучуваш Библијата и ги применуваш советите што ќе ги прочиташ во неа, ќе добиеш многу духовни благослови од него (Евреите 12:9).

‚Богот на спасението‘

Живееме во немирен свет. Никој не може да биде сигурен што ќе му се случи утре. Ако твојата земја е растргната од војни, можеби копнееш по мир. Во многу други делови од светот, луѓето живеат во страв од криминал и насилство, економска нестабилност и тероризам. Кој ќе нѐ спаси од сево ова? Денес, повеќе од кога и да е порано, на човештвото му треба заштита и избавување.

„Името на Јехова е цврста кула. Во неа бега праведникот и наоѓа заштита“, вели Библијата (Изреки 18:10). Тоа што го знаеме Божјето име и се потпираме на Бог може да ни помогне да размислуваме за она што го направил и за она што допрва ќе го направи за да ги избави луѓето што покажуваат вера во него. Јехова Бог непобитно докажал дека може да го избави својот народ. На пример, го спасил Израел со тоа што ги уништил бојните коли и војската на фараонот. Јехова покажал дека е верен Бог, Бог кој мисли на угнетените и сака да им помогне (2. Мојсеева 15:1-4).

Нашата вечна иднина зависи и од тоа дали веруваме дека Јехова Бог е Спасител. Давид, кој бил цар на древниот Израел и поминал низ многу тешки моменти во животот, покажал таква вера кога го напишал следново за Јехова: „Ти си Богот на моето спасение“ (Псалм 25:5). А апостол Петар, со потполна доверба, рекол: „Јехова знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени“ (2. Петрово 2:9).

Еве што ветил Бог дека ќе направи за секој што ќе побара помош од него: „Ќе го заштитам, бидејќи го познава моето име“ (Псалм 91:14). Божјите слуги во денешно време го доживеале исполнувањето на ова ветување. Хенрик од Полска верно му служи на Јехова 70 години, иако минал низ многу неволји и прогонство. Кога имал само 16 години, татко му го испратиле во концентрациониот логор Аушвиц. Хенрик и брат му биле ставени во нацистички поправен дом. Потоа го префрлале од еден во друг концентрационен логор. За настаните од тоа време, Хенрик вели: „Јехова не ме напушти во ниедна тешка ситуација. Секогаш ми помагаше да останам верен, иако неколку пати ѝ гледав на смртта право в очи“. Јехова навистина им дава на своите слуги вера и сила да издржат.

Наскоро Бог ќе дејствува како Спасител на сите оние што покажуваат вера во него и имаат доверба дека тој ќе ги избави. Бог вели: „Јас сум Јехова, и освен мене нема спасител“ (Исаија 43:11). Во „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“, тој ќе ги уништи злобните и ќе ги избави праведните (Откровение 16:14, 16; Изреки 2:21, 22). Јехова нѐ уверува: „Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11).

Како да станеме ‚Божји деца‘

Во времето на пророкот Малахија, Израелците тврделе дека нивен Татко е Јехова. Меѓутоа, кога требало да му укажат почит и да му покажат дека му се оддадени, за жртва принесувале валкан леб и слепи и сакати животни. Затоа Јехова ги прашал: „Ако сум јас татко, каде е почитта кон мене?“ (Малахија 1:6).

Немој да ја направиш истата грешка како тие неверни Израелци. Наместо тоа, запознај го Јехова Бог и зближи се со него. „Приближете му се на Бог“, советувал ученикот Јаков, „и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јаков 4:8).

Но, тоа што Јехова е наш Татко носи извесни одговорности. Ако му оддаваш чест на Бог со тоа што лојално ќе се држиш за неговите мерила на секое поле од животот, тој нема да го заборави твојот труд. Напротив, ќе ти помогне да одиш по правиот пат што води во ветениот нов свет, во кој „смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:4). Тогаш сите послушни луѓе ‚ќе бидат ослободени од робувањето на распадливоста и ќе ја добијат славната слобода на Божјите деца‘ (Римјаните 8:21).

[Истакната мисла на страница 5]

Бог сака да го знаеме неговото име, Јехова, кое буквално значи „Оној што предизвикува да стане“

[Истакната мисла на страница 6]

„Јехова не ме напушти во ниедна тешка ситуација“ (ХЕНРИК)

[Истакната мисла на страница 7]

„Си го зајакнавме бракот со тоа што заедно ја читаме Библијата, заедно одиме на христијанските состаноци и им зборуваме на другите за она што сме го научиле“ (СУЗАНА)