Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Кај реката Коко, сврти десно“

„Кај реката Коко, сврти десно“

Писмо од Никарагва

„Кај реката Коко, сврти десно“

„ЌЕ ТИ ТРЕБА издржливо возило, сајла и резервни канти гориво. Очекувај да има кал до браници. Кај реката Коко, сврти десно.“

Морам да признаам дека овие зборови што ми ги кажа еден друг мисионер не ме охрабрија многу. Сепак, еден вторник наутро тргнав на пат за да присуствувам на еден христијански собир во Вамблан, мало гратче во северна Никарагва.

Тргнав в зори со моето старо, но јако камионче по рамниот Панамерикански автопат. Кај градот Хинотега, тргнав по неасфалтираниот пат кој локалното население го нарекува фео, што значи грд. Пред да излезам од градот, забележав две продавнички. Едната се викаше „Божје чудо“, а другата „Воскресение“.

Патот имаше многу кривини и водеше по угорнини и удолнини. Со возилото ползев покрај провалии и ендеци. Поминав и покрај едно долго езеро сместено во долина високо на планината, која се издигаше сѐ до облаците. Низ маглата се гледаа орхидеи и дрвја обраснати со мов.

На една многу остра кривина, за влакно избегнав судир со автобус што доаѓаше од спротивната страна и возеше по средината на патот. Зад себе испушташе црн чад, а од под гумите летаа камчиња. Овде во Никарагва, на шофершајбните на автобусите понекогаш е читливо напишан прекарот на агресивниот возач: Освојувач, Скорпија, Питон или Ловец.

Околу пладне стигнав до низината Пантасма. Поминав покрај една дрвена куќичка со земјен двор. Глетката потсетуваше на слика од некоја стара книга: Еден дедо си седеше на клупа, кученце си спиеше под едно дрво, а два вола стоеја впрегнати во запрежна кола со дрвени тркала. Во едно гратче видов како од училиштето излегуваа куп деца. Со своите темносини униформи ја преплавија улицата како некој бран што ја заплиснува плажата.

Сонцето силно печеше кога наближив до Вивили, и тогаш ја здогледав реката Коко. Оваа бујна река е главно обележје на градот и неуморно тече низ него. Се сетив на упатствата што ги добив, свртив десно и го започнав опасното патување до Вамблан, долго 37 километри.

Возејќи низ каменливи и избраздени земјени патишта, со камиончето морав да поминам преку осум или девет потоци. Додека се обидував да ги избегнам браздите во сувата кал, кренав облаци од прав. Како што би рекле мештаните, „се изнаголтав прашина“. На крајот од патот, во дебелата сенка на една шума, се наоѓаше местото каде што бев тргнал, Вамблан.

Следниот ден сите беа станати во 4.30 часот. Бидејќи се разбудив порано поради упорното кукурикање на петлите, станав и се прошетав по главната улица. Планинскиот воздух беше исполнет со мирисот на тортиљи што се печеа во камени фурни.

Овде-онде на ѕидовите можеа да се видат живописни сцени од рајот што ги насликал некој уметник. На продавничките, наречени пулпери́ас, се рекламираа секакви газирани пијалаци. Имаше и плакати кои ги потсетуваа луѓето на ветувањата што ги дале последните три влади. Врз бетонски плочи беа подигнати лимени колипки.

Јас прв ги поздравував луѓето со никарагванскиот поздрав адио́с. Луѓето се насмевнуваа и срдечно ќе кажеа по нешто. Моравме да зборуваме погласно поради бучавата што ја правеше „сообраќајот“ — коњите и маските со тропотот на своите копита.

До петокот вечерта беа дојдени многу фамилии за дводневниот собир. Пристигнуваа пеш, со коњи или со камиончиња. Некои деца пешачеле по шест часа со пластични сандали. Ризикувале да нагазат на копнени мини при преминувањето на реките и храбро газеле низ водата иако има пијавици. Некои доаѓаа од далеку и си носеа само малку храна — ориз зготвен со свинска маст. Зошто беа дојдени сите овие луѓе?

Дојдоа за да си ја зајакнат надежта во една подобра иднина. Дојдоа за да слушаат библиски поуки. Дојдоа за да му угодат на Бог.

Во саботата, под лимен покрив, повеќе од 300 присутни седеа на дрвени клупи и пластични столови. Мајките ги хранеа своите бебиња. Од соседната фарма грофтаа свињи и кукурикаа петли.

Температурата растеше, и набрзо стана речиси неподносливо жешко. Сепак, присутните ги слушаа поуките со огромно внимание. Во своите Библии ги следеа стиховите што ги читаа говорниците, пееја песни со библиска содржина и со почит ги слушаа молитвите што се кажуваа.

По програмата се дружев со другите и играв брканица со децата. Потоа ги разгледувавме белешките што си ги запишале тие. На мојот компјутер им покажував фотографии од ѕвезди и галаксии. Децата се смееја, а родителите беа задоволни.

Собирот ни помина брзо, и секој требаше да си замине дома. Јас си заминав следното утро. Во мислите понесов убави сеќавања, а срцето ми беше исполнето со љубов кон моите нови пријатели. Решив да се угледам на нив — да научам да бидам задоволен со она што го имам и да се потпирам на Бог.

[Слики на страница 17]

Многу семејства патуваа со километри за да присуствуваат на собирот во Вамблан