Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тој ја сака правдата

Тој ја сака правдата

Приближи му се на Бог

Тој ја сака правдата

Евреите 10:26-31

ДАЛИ некогаш си бил жртва на некоја неправедна или сурова постапка, можеби од страна на некој што навидум си поминал без никаква казна и не покажал никакво каење? Ретко која друга работа ќе те погоди колку некоја таква голема неправда, особено ако те повредил некој за кого си мислел дека те сака и дека му значиш. Можеби се прашуваш: ‚Зошто Бог дозволува такви работи?‘ * Вистината е дека Јехова Бог ги мрази неправдите. Неговата реч, Библијата, нѐ уверува дека закоравените грешници нема да ја избегнат казната од Бог. Да ги разгледаме зборовите на апостол Павле, кои се запишани во Евреите 10:26-31.

Павле пишува: „Ако намерно грешиме, откако добро ја запознавме вистината, повеќе не ни преостанува жртва за гревови“ (стих 26). Оние што намерно грешат заслужуваат најголема казна. Зошто? Прво, тие не прават грев само еднаш, во момент на слабост — како што ние понекогаш грешиме од несовршеност. Тие постојано ги прават истите гревови. Второ, нивните гревови се намерни. Тие ‚грешат своеволно‘ (Превод на МПЦ). Во нивното срце има длабоко вкоренета злоба. Трето, тие не грешат од незнаење, туку ‚добро ја запознале вистината‘ за Божјата волја и ги знаат неговите мерила.

Како гледа Бог на непокајничките, злобни грешници? „Повеќе не ни преостанува жртва за гревови“, вели Павле. Жртвата на Христос — која е Божји дар за луѓето — ги покрива гревовите што ги правиме затоа што сме несовршени (1. Јованово 2:1, 2). Но, оние што прават грев и не се каат покажуваат дека не го ценат овој скапоцен подарок. Во Божји очи, тие ‚го погазиле Синот Божји и сметаат дека крвта на Исус нема никаква посебна вредност‘ (стих 29). Со своите постапки покажуваат дека го презираат Исус и дека во нивни очи неговата крв е „евтина“, како да нема поголема вредност од крвта на некој несовршен човек (Today’s English Version). Таквите неблагодарници нема да извлечат корист од Христовата жртва.

Што ги чека злобните луѓе? Богот на правдата ветил: „Моја е одмаздата, јас ќе возвратам“ (стих 30). Сите што имаат навика да прават грев, без да им е грижа како ќе се одрази тоа на другите, нека имаат на ум дека никој не може неказнето да ги прекрши Божјите праведни закони. Нив честопати ги стигнуваат последиците од злобните дела (Галатите 6:7). Ако не друго, тие ќе застанат пред Бог во блиска иднина, кога ќе дојде да ја исчисти Земјата од секаква неправда (Изреки 2:21, 22). Павле опоменува: „Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог“ (стих 31).

Тоа што знаеме дека Јехова Бог не ги одобрува намерните гревови нѐ теши и нѐ успокојува, особено ако сме повредени од некој закоравен грешник. Со доверба може сосема да ја препуштиме одмаздата во рацете на Бог, кој ја мрази неправдата.

[Фуснота]

^ Нешто повеќе за причините зошто Бог го допушта страдањето можеш да прочиташ во книгата Што навистина учи Библијата?, на страници 106-114. Ја издаваат Јеховините сведоци.