Дали Бог ги прифаќа сите религии?
Дали Бог ги прифаќа сите религии?
Вообичаени одговори:
▪ „Сите религиите се различни патишта што водат до Бог.“
▪ „Не е важно во што веруваш ако си искрен.“
Што рекол Исус?
▪ „Влезете низ тесната врата. Зашто, широк и простран е патот што води во пропаст, и мнозина одат по него. А тесна е вратата и тесен е патот што води во живот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14). Исус не рекол дека сите патишта водат до Бог.
▪ „Мнозина ќе ми речат во оној ден: ‚Господару, Господару, не пророкувавме ли во твое име, и не истерувавме ли демони во твое име, и не правевме ли многубројни моќни дела во твое име?‘ Тогаш ќе им речам: Никогаш не сум ве познавал! Бегајте од мене, вие што правите беззаконија!“ (Матеј 7:22, 23). Исус не ги прифаќа сите што тврдат дека го следат.
МНОГУ побожни луѓе се емотивно врзани за своите верувања и традиции. Но, што ако тие учења не се во согласност со Божјата реч, Библијата? Исус покажал колку е опасно да се следат човечки традиции кога им рекол на верските водачи во негово време: „Ја обезвреднивте речта Божја поради вашето предание“. Потоа го цитирал Бог, кој рекол: „Овој народ ме почитува со усните, но срцето му е далеку од мене. Залудно ме почитуваат, бидејќи учењата за кои поучуваат се човечки заповеди“ (Матеј 15:1-9; Исаија 29:13).
Важно е и што правиме, а не само што веруваме. За некои што тврдат дека му служат на Бог, Библијата го вели следново: „Тие тврдат дека го познаваат Бог, но се одрекуваат од него со своите дела“ (Тит 1:16). Всушност, за луѓето што живеат во денешно време, Библијата вели: „Наместо да Го сакаат Бог, на прво место ќе сакаат да уживаат во своите страсти. Навидум ќе изгледаат побожни, но тие ќе ја одбиваат силата што може да ги направи навистина побожни. Држете се понастрана од таквите луѓе!“ (2. Тимотеј 3:4, 5, Радосна Вест).
Иако е потребно човек да биде искрен, тоа не е доволно. Зошто? Затоа што некој може да биде искрен, но за погрешна работа. Затоа е неопходно добро да го запознаеме Бог (Римјаните 10:2, 3). Ако го запознаеме и ако постапуваме во склад со она што го вели Библијата, ќе можеме да му угодиме (Матеј 7:21). Значи, вистинската религија вклучува исправни мотиви, исправни верувања и исправни постапки. А исправните постапки значат секојдневно да се врши Божјата волја! (1. Јованово 2:17).
Ако сакаш да дознаеш нешто повеќе за она што го кажува Библијата за Бог, побарај ги Јеховините сведоци, кои бесплатно ќе ја проучуваат Библијата со тебе.
[Истакната мисла на страница 9]
Вистинската религија вклучува исправни мотиви, верувања и постапки