Дали Бог се интересира за мене?
Дали Бог се интересира за мене?
Вообичаени одговори:
▪ „Бог е премногу зафатен за да мисли на моите проблеми.“
▪ „Мислам дека не му е грижа за мене.“
Што рекол Исус?
▪ „Зарем не се продаваат пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено пред Бог. А вам и сите влакна на главата ви се изброени. Не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња!“ (Лука 12:6, 7). Нема никакво сомнение: Исус нѐ поучил дека Бог е заинтересиран за нас.
▪ „Немојте да бидете загрижени и да велите: ‚Што ќе јадеме?‘ — или: ‚Што ќе пиеме?‘ — или: ‚Што ќе облечеме?‘ Зашто, со сето ова се преокупирани луѓето од светот. А вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“ (Матеј 6:31, 32). Исус бил сигурен дека Бог знае кои се нашите потреби.
БИБЛИЈАТА јасно кажува дека Бог е заинтересиран за нас (Псалм 55:22; 1. Петрово 5:7). Тогаш, зошто денес има толку многу страдања? Ако Бог нѐ сака и е семоќен, зошто не направи нешто за да им стави крај на страдањата?
Одговорот вклучува нешто што не им е познато на многумина — Сатана Ѓаволот е владетел на овој злобен свет. Кога го искушувал Исус, Сатана му ги понудил сите царства на светот, велејќи му: „Ќе ти ја дадам власта над сите нив и нивната слава, бидејќи мене ми е предадена, и јас ја давам кому што сакам“ (Лука 4:5-7).
Како станал Сатана владетел на овој свет? Кога нашите први родители, Адам и Ева, го послушале Сатана и му свртеле грб на Бог, тие, всушност, го избрале него за свој владетел. Откако се случила таа побуна, Јехова Бог стрпливо дозволил времето да покаже дека владеењето на Сатана е бедно промашување. Јехова не ги присилува луѓето да му служат, но го отворил патот да се вратиме кај него (Римјаните 5:10).
Бидејќи е заинтересиран за нас, Бог направил подготовки Исус да нѐ избави од власта на Сатана. Во блиска иднина, Исус ќе го „уништи оној што ја има моќта да предизвикува смрт, односно Ѓаволот“ (Евреите 2:14). Притоа, ќе „ги уништи делата на Ѓаволот“ (1. Јованово 3:8).
На Земјата повторно ќе има рај. Во тоа време, Бог ‚ќе ја избрише секоја солза од очите на луѓето и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина‘ (Откровение 21:4, 5). a
[Фуснота]
a Нешто повеќе за причините зошто Бог ги допушта страдањата, можеш да прочиташ во 11. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 8]
На Земјата повторно ќе има рај