Постење — дали те зближува со Бог?
Постење — дали те зближува со Бог?
‚Постењето ти помага да размислуваш за духовните работи и те потсетува дека материјалните работи не се најважни во животот‘ (ЕДНА КАТОЛИЧКА)
‚Постењето ти помага да се поврзеш со Бог‘ (ЕВРЕЈСКИ РАБИН)
‚Во мојата вера постењето е задолжително, главен начин на кој покажувам колку сум му посветена и благодарна на Бог. Постам затоа што го сакам Бог‘ (ПРИПАДНИЧКА НА ВЕРАТА БАХАИ)
ПОСТОТ е обичај во многу религии во светот, вклучувајќи ги будизмот, хиндуизмот, исламот, џаинизмот и јудаизмот. Многу луѓе веруваат дека ќе се зближат со Бог ако не јадат во одредени периоди.
Што мислиш ти? Треба ли да постиш? Што вели Божјата реч, Библијата, за тоа?
Постењето во библиски времиња
Во библиски времиња, луѓето постеле од различни причини што Бог ги одобрувал. Некои постеле за да ја изразат својата огромна болка или каење за своите гревови (1. Самоилова 7:4-6), кога го молеле Бог да им се смилува и кога барале совет (Судиите 20:26-28; Лука 2:36, 37), или за да имаат поголема концентрација додека размислувале за духовни работи (Матеј 4:1, 2).
Меѓутоа, во Библијата се спомнуваат и постови што Бог не ги одобрувал. Цар Саул постел пред да отиде кај една жена што повикувала духови (3. Мојсеева 20:6; 1. Самоилова 28:20). Некои злобни луѓе, како што биле Језавела и фанатиците што планирале да го убијат апостол Павле, прогласиле пост (1. Царевите 21:7-12; Дела 23:12-14). И фарисеите биле познати по тоа што редовно постеле (Марко 2:18). Сепак, Исус ги осудил, а Бог воопшто не гледал со одобрување на нивниот пост (Матеј 6:16; Лука 18:12). Слично на тоа, Јехова не го прифатил постот на некои Израелци затоа што правеле лоши работи и имале погрешни мотиви (Еремија 14:12).
Овие примери покажуваат дека постењето само по себе не е тоа што го радува Бог. Меѓутоа, многу искрени луѓе што му служеле на Бог постеле и имале одобрување од Бог. Затоа, се поставува прашањето: ‚Дали христијаните треба да постат?‘
Дали христијаните мора да постат?
Мојсеевиот закон им заповедал на Евреите ‚да ги жалостат своите души‘, односно да постат еднаш годишно на Денот на искупувањето (3. Мојсеева 16:29-31; Псалм 35:13). Тоа бил единствениот пост што Јехова му го заповедал на својот народ. * Евреите што живееле под Мојсеевиот закон требало да ја слушаат таа заповед. Но, од христијаните не се бара да го држат Мојсеевиот закон (Римјаните 10:4; Колошаните 2:14).
Иако Исус постел како што се барало со Законот, тој не бил познат по тој обичај. Им кажал на учениците што да прават ако решат да постат, но не им заповедал да постат по секоја цена (Матеј 6:16-18; 9:14). Тогаш, зошто Исус рекол дека учениците ќе постат по неговата смрт? (Матеј 9:15). Тоа не било заповед. Исусовите зборови едноставно покажуваат дека по неговата смрт учениците ќе бидат многу тажни и нема да имаат желба да јадат.
Два библиски извештаи за некои од првите христијани што постеле покажуваат дека, ако некој од исправни мотиви реши да не јаде, Бог го прифаќа таквиот пост (Дела 13:2, 3; 14:23). * Значи, христијаните не се обврзани да постат. Сепак, оној што ќе реши да пости, треба да биде свесен за извесни опасности.
Внимавај на замките
Една замка што треба да се избегнува во врска со постењето е самоправедноста. Библијата опоменува да не попримаме ‚лажна понизност‘ (Колошаните 2:20-23). Исусовата споредба за гордиот фарисеј што сметал дека е подобар од другите затоа што редовно постел јасно покажува дека на Бог не му се допаѓа таквиот став (Лука 18:9-14).
Исто така, би било погрешно да разгласуваш дека постиш или, пак, да постиш затоа што некој друг ти рекол да го правиш тоа. Според Матеј 6:16-18, Исус рекол дека постењето треба да биде лична работа, нешто помеѓу тебе и Бог, и да не им се фалиш на другите дека постиш.
Никогаш да не мислиме дека со постењето ќе надоместиме за своите гревови. За постот да биде прифатлив за Бог, оној што пости мора да биде послушен на Неговите закони (Исаија 58:3-7). Каењето од срце, а не самото постење, води до простување на гревовите (Јоил 2:12, 13). Библијата истакнува дека ние добиваме простување преку Јеховината незаслужена доброта, која ни ја покажал преку жртвата на Христос. Никој не може да заслужи простување на темел на своите дела, вклучувајќи го и постењето (Римјаните 3:24, 27, 28; Галатите 2:16; Ефешаните 2:8, 9).
Во Исаија 58:3 е изнесено уште едно вообичаено погрешно гледиште. Израелците рекле дека Јехова им должел нешто за возврат за тоа што постеле, како да му правеле услуга на Бог со својот пост. Тие прашале: „Зошто постиме, ако ти не гледаш, и зошто ја жалостиме својата душа, а тебе не ти е грижа за тоа?“ Многу луѓе и денес мислат дека, затоа што постат, може да очекуваат Бог да им направи некоја услуга за возврат. Никогаш да не покажуваме такво непочитување и таков небиблиски став!
Други веруваат дека е можно да се стекне Божјата милост со тоа што ќе се измачува телото со постење, камшикување и слично. Божјата реч го осудува таквото гледиште, покажувајќи дека ‚строгоста спрема телото нема никаква вредност во борбата против‘ погрешните желби (Колошаните 2:20-23).
Разумно гледиште
Постењето не е задолжително, но не е ни погрешно. Може да биде корисно во некои околности ако се избегнат опасностите што ги спомнавме. Меѓутоа, постењето не е најважната работа со која ќе му угодиме на Бог. Јехова е „среќниот Бог“, па сака и неговите слуги да бидат среќни (1. Тимотеј 1:11). Неговата реч вели: „За нив нема ништо подобро отколку... секој човек да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд. Тоа е дар Божји“ (Проповедник 3:12, 13).
Ние треба да бидеме радосни додека му служиме на Бог, но Библијата никогаш не го поврзува постењето со радост. Освен тоа, ако нејадењето се одразува лошо врз нашето здравје или ни ја одзема силата што ни е потребна за да го извршуваме радосно делото кое Творецот им го доверил на вистинските христијани — да ја објавуваме добрата вест за Царството — тогаш постењето сигурно ќе биде штетно.
Сеедно дали ќе одлучиме да постиме или не, не треба да им судиме на другите. Меѓу вистинските христијани не треба да се водат полемики на оваа тема, „зашто, царството Божје не е јадење и пиење, туку праведност и мир и радост преку светиот дух“ (Римјаните 14:17).
[Фусноти]
^ пас. 12 Постот на Естира, непосредно пред празникот Пурим, не бил по заповед на Бог, иако е очигледно дека тој го одобрил нејзиното постење.
^ пас. 14 Во некои Библии мислата за постење е вметната во некои стихови, но тие додатоци ги нема во најстарите грчки ракописи (Матеј 17:21; Марко 9:29; Дела 10:30; 1. Коринќаните 7:5, сите Превод на МПЦ).
[Истакната мисла на страница 28]
Фарисеите попримале лажна понизност кога постеле
[Истакната мисла на страница 29]
„Царството Божје не е јадење и пиење, туку праведност и мир и радост“
[Рамка на страница 29]
Што е со Великите пости?
Луѓето ги држат Великите пости, кои траат 40 дена, затоа што и Христос постел 40 дена. Меѓутоа, Исус никогаш не им заповедал на своите ученици и тие да држат таков пост ниту, пак, има некакви докази дека учениците го правеле тоа. Се смета дека 40-дневните пости пред Велигден првпат се спомнуваат во писмата на црковниот отец Атанасиј, кои датираат од 330 год. од н.е.
Бидејќи Исус постел откако се крстил, а не пред да умре, можеби изгледа чудно што во некои религии се држат Велики пости во седмиците пред Велигден. Меѓутоа, кај древните Вавилонци, Египќани и Грци било вообичаено да се пости 40 дена во почетокот на годината. Овој „христијански“ обичај очигледно бил земен од нив.