Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова се опишува себеси

Јехова се опишува себеси

Приближи му се на Бог

Јехова се опишува себеси

2. Мојсеева 34:6, 7

КАКО би го опишал Бог — каква личност е и како постапува во различни ситуации? Замисли си дека можеш да го замолиш него лично да ти каже нешто за себеси и потоа да слушаш како ти ги опишува своите особини. Пророкот Мојсеј доживеал такво нешто. Можеме да бидеме благодарни што светиот дух го поттикнал да го запише тоа.

На планината Синај, Мојсеј го преколнувал Јехова: „Те молам, покажи ми ја својата слава!“ (2. Мојсеева 33:18). Следниот ден, овој пророк имал чест да види делче од Божјата слава. * Мојсеј не опишал во детали што видел во тоа величествено видение, но запишал нешто многу поважно — зборовите на Бог. Да видиме што рекол Јехова, како што е запишано во 2. Мојсеева 34:6, 7.

Првото нешто што го открил Јехова за себеси е дека е „Бог милосрден и љубезен“ (стих 6). Според еден библичар, хебрејскиот збор за „милосрден“ укажува на Божјето „нежно сочувство, како она што го чувствува татко кон своите деца“. Зборот преведен со „љубезен“ е поврзан со еден глагол што „опишува искрена постапка на некој што има нешто да му даде на оној кој има потреба“. Јасно, Јехова сака да знаеме дека тој се грижи за оние што му служат исто како што родителите се грижат за своите деца — со нежна љубов и длабок интерес за нивните потреби (Псалм 103:8, 13).

Потоа, Јехова вели дека е „бавен на гнев“ (стих 6). Тој не им се лути брзо на своите слуги на Земјата. Наместо тоа, стрплив е со нив, ги поднесува нивните недостатоци и им дава време да се поправат (2. Петрово 3:9).

Понатаму, Бог вели дека е „полн со лојална љубов и вистина“ (стих 6, фуснота). Лојалната љубов е скапоцена особина со која Јехова гради цврста и нераскинлива врска меѓу себе и својот народ (5. Мојсеева 7:9). Јехова е извор на вистината. Тој не може ниту да мами ниту да биде измамен. Бидејќи е ‚Бог на вистината‘, можеме да имаме целосна доверба во сѐ што ќе каже, вклучувајќи го и она што го ветува за иднината (Псалм 31:5).

Друга важна вистина што Јехова сака да ја знаеме за него е дека простува „престап, вина и грев“ (стих 7). Тој е ‚спремен да им прости‘ на грешниците што се каат (Псалм 86:5). Во исто време, никогаш не му прогледува низ прсти на лошото. Тој објаснува дека „не ослободува од казна“ (стих 7). Светиот и праведен Бог нема да ги остави неказнети оние што намерно грешат. Порано или подоцна, ќе ги стигнат последиците од нивниот грев.

Тоа што Јехова ги открил своите особини претставува јасен доказ дека сака да го запознаеме и да знаеме каква личност е и како постапува во различни ситуации. Зар не сакаш да дознаеш нешто повеќе за неговите прекрасни особини?

[Фуснота]

^ пас. 2 Мојсеј не го видел Јехова директно, бидејќи ниеден човек не може да го види Бог и да остане жив (2. Мојсеева 33:20). Очигледно Јехова му ја покажал на Мојсеј својата слава во видение и комуницирал со него преку еден од своите ангели.