Дали сите чудотворни лекувања се од Бог?
Читателите прашуваат
Дали сите чудотворни лекувања се од Бог?
Не треба да се сомневаме дека Јехова Бог има моќ да лекува. Исто така, не треба да се сомневаме дека може да им даде таква моќ и на оние што му служат. На пример, во времето на апостолите, да се лекува на натприроден начин било еден од посебните дарови на Божјиот свет дух. Апостол Павле пишува: „Духот се покажува во секого за корисна цел. Имено, на еден, преку духот, му е даден збор на мудрост... на друг — дар за лекување, преку тој еден дух... на друг — пророкување... а на друг — различни јазици“ (1. Коринќаните 12:4-11).
Меѓутоа, во истото писмо до Коринќаните, Павле напишал и дека чудотворните дарови на Божјиот свет дух ќе престанат. Тој рекол: „Даровите на пророкување ќе исчезнат, јазиците ќе престанат, знаењето ќе го снема“ (1. Коринќаните 13:8).
Во првиот век, чудотворни лекувања извршувале Исус Христос и неговите апостоли. Во тоа време од историјата на христијанството, даровите на духот, вклучувајќи ја и способноста да се лекува, му служеле на слава на Бог и биле знак дека Јехова го прифаќа и го благословува новоформираното христијанско собрание. Но, штом тоа созреало и се утврдило, никакви посебни дарови, туку непоколебливата вера, надежта и љубовта на христијанското собрание требало да бидат доказ дека Бог го одобрува (Јован 13:35; 1. Коринќаните 13:13). Затоа, некаде во 100 год. од н.е., Бог повеќе не им давал на луѓето моќ да лекуваат како знак за неговата милост. *
Сепак, можеби се прашуваш: ‚Зошто и денес слушам дека некои луѓе биле излекувани со чудо?‘ На пример, во еден весник пишуваше за некој човек што наводно имал рак. Имал тумори во главата, на бубрезите, па дури и во коските. Сѐ изгледало црно до денот кога Бог „зборувал“ со него. По неколку дена повеќе немал рак, се вели во весникот.
Кога ќе чуеш такви работи, зошто не се прашаш: ‚Дали е тоа вистина? Има ли документиран, проверен доказ што го поткрепува тоа тврдење? Па, дури и да изгледа дека некој навистина бил излекуван, дали Библијата вели дека Бог стои зад сите случаи на чудотворно лекување?‘
Особено е важен одговорот на последното прашање. Исус ги предупредил своите следбеници: „Пазете се од лажните пророци... Мнозина ќе ми речат во оној ден: ‚Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме?‘ И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!‘“ (Матеј 7:15, 21-23, Превод на МПЦ).
Оттука произлегува дека наводните чудотворни лекувања може да дојдат од извор што нема врска со Бог. За да не дозволиме да нѐ измамат оние што тврдат дека прават чуда во Божје име, треба добро да го запознаеме Бог, да го користиме разумот што ни го дал тој и да научиме да ги препознаваме оние што ја вршат неговата волја (Матеј 7:16-19; Јован 17:3; Римјаните 12:1, 2).
[Фуснота]
^ пас. 5 Очигледно, со смртта на апостолите, пренесувањето на даровите завршило, и чудотворните лекувања преку духот сосема престанале кога умреле оние што ги примиле тие дарови.