Наоѓам радост и покрај мојот хендикеп
Наоѓам радост и покрај мојот хендикеп
Раскажала Полет Гаспар
Иако сум имала три килограми кога сум се родила, докторот знаел дека нешто не е во ред со мене. За време на породувањето сум добила скршеници. Страдам од болеста osteogenesis imperfecta која се карактеризира со лесна кршливост на коските. Итно ме однеле на операција, но докторите мислеле дека шансите да преживеам се многу мали. Очекувале да умрам во рок од 24 часа.
РОДЕНА сум во Канбера, главниот град на Австралија, на 14 јуни 1972 год. Спротивно на очекувањата, сум успеала да го преживеам првиот ден. Но, тогаш сум добила пневмонија. Бидејќи докторите мислеле дека и онака ќе умрам, не ми дале никакви лекови, кренале раце од мене и оставиле да видат дали мојот организам сам ќе се избори за живот. Па, навистина успеа да се избори — преживеав!
Можам само да си замислам колку им бил тежок овој период на моите родители. Поради тоа што изгледите да преживеам биле многу мали, медицинскиот персонал со добра намера ги советувал моите родители да не се приврзуваат кон мене. Всушност, за време на првите три месеци додека сум била во болницата не им било дозволено дури ни да ме допрат. Ризикот да ме повредат бил многу голем. Кога станало очигледно дека ќе преживеам, докторите им предложиле на моите родители да ме дадат во дом за хендикепирани деца.
Сепак, тие одлучиле да ме однесат дома. Всушност, мајка ми штотуку почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Поради она што го учела, чувствувала поголема одговорност да се грижи за мене. Сигурно ѝ било тешко да се зближи со мене бидејќи целата своја сила ја трошела на грижата околу мене. Честопати ме носеле во болница. Коските ми се кршеле и при обично капење. Дури и од едно кивање, можело да ми се скрши некоја коска.
Периоди на депресија
Кога потпораснав, не можев да одам никаде без инвалидската количка. Беше невозможно да научам да одам. Но, и покрај тешкотиите, моите родители многу добро се грижеа за моите физички потреби.
Освен тоа, мајка ми даваше сѐ од себе за да ја сфатам утешната порака од Библијата. На пример, таа ми кажа дека во иднина, Бог ќе ја претвори Земјата во рај во кој луѓето ќе имаат совршено духовно, ментално и физичко здравје (Псалм 37:10, 11; Исаија 33:24). Сепак, мајка ми отворено ми кажа дека не може да замисли убав живот за мене сѐ додека не дојде тоа време.
На почетокот, одев во училиште за хендикепирани деца. Учителите не ме поттикнуваа да си поставувам цели, а и јас самата не го правев тоа. Всушност, и самото школување беше голем предизвик. Повеќето деца беа сурови кон мене. Подоцна, одев во обично училиште. Сфатив дека тоа што се трудев да научам како да имам добри односи со другите ме исцрпуваше физички, емоционално и ментално. И покрај тоа, бев решена да го завршам моето 12-годишно образование.
Особено во средно училиште размислував колку празен и бесмислен живот водат моите врсници. Исто така, размислував за она што мајка ми ме учеше од Библијата. Знаев дека, тоа е вистината. Но, во тоа време, библиските учења сѐ уште ме немаа допрено до срце. Едно време, одлучив да си го живеам животот низ забава и смеа, без да мислам што ќе биде утре.
Кога имав 18 години, се иселив од дома и отидов да живеам во една куќа заедно со други хендикепирани лица. Овој потег во исто време беше и возбудлив и застрашувачки. Новата слобода, самостојноста, пријателите и друштвото — сето тоа многу ми се допаѓаше. Мнозина од моите пријатели стапија во брак. И јас имав потреба за љубов и сакав да си најдам брачен партнер. Но, поради мојот хендикеп тоа беше невозможно. Бев навистина тажна.
Сепак, ниту еднаш не го обвинив Бог за мојата состојба. Она што го научив во врска со него беше доволно за да знам дека не е можно тој да постапува неправедно (Јов 34:10). Се обидов да го прифатам животот онаков каков што е. Но, и покрај тоа паднав во депресија.
Долг пат до закрепнување
За среќа, мајка ми сфати во каква состојба сум и затоа стапи во контакт со еден собраниски старешина кој живееше во моја близина. Тој ме побара по телефон и ме покани да одам на христијанските состаноци во Салата на Царството на Јеховините сведоци. Освен тоа, почнав да ја проучувам Библијата секоја седмица со една сестра од собранието.
Откако се потсетив на библиските вистини за кои ме поучуваше мајка ми пред многу години, почнав поинаку да гледам на животот. Уживав во друштвото на сохристијаните. Сепак, не зборував за моите чувства, бидејќи се плашев да не бидам емоционално повредена. Мислам дека поради тоа ми беше тешко да го засакам Бог. И покрај тоа, знаев дека ќе постапам исправно ако му го заветувам мојот живот. Така, се крстив во декември 1991 год.
Се иселив од куќата во која што живеев со другите хендикепирани лица и си најдов свој стан. Оваа промена ми помогна, но од друга страна ми донесе и проблеми. На пример, бев многу осамена. Се плешев од натрапници. Наскоро, повторно паднав во депресија. Иако се смеев и изгледав среќна, не беше сѐ во ред. Ми беше потребен вистински пријател во кого можам да имам доверба.
Почувствував дека Јехова ми најде таков пријател. Старешините од моето собрание се погрижија една мажена сестра, Сузи, да продолжи да ја проучува Библијата со мене. Сузи ми беше повеќе отколку само учителка. Таа ми стана блиска пријателка која многу ја засакав.
Сузи ме обучи да им го кажувам на другите она што го учев — како во службата од куќа до куќа така и во неформални прилики. Така, почнав повеќе да ги ценам Божјите особини. Сепак, иако бев крстена, сѐ уште не чувствував длабока љубов кон Бог. Во една ситуација, си мислев
дури да престанам да му служам. Ѝ се доверив на Сузи, и таа ми помогна да ги совладам тие чувства.Сузи исто така ми помогна да сфатам дека најголемата причина зошто сум несреќна е тоа што се дружев со луѓе кои не го сакаа многу Јехова. Затоа почнав да си барам пријатели меѓу духовно зрелите луѓе — особено постарите. Исто така, не бев баш блиска со мајка ми, па затоа се трудев да си ги подобрам односите со неа и со брат ми. Бев среќна како никогаш порано. Моите духовни браќа и сестри, моето семејство и, пред сѐ, Јехова ми станаа извор на радост и сила (Псалм 28:7).
Нова цел во животот
Откако на еден конгрес слушнав говор во кој беше нагласено колкава радост доживуваат оние што се во полновремената христијанска служба, си помислив: „И јас би можела да служам полновремено!“ Секако, знаев дека тоа ќе биде вистински предизвик за мене поради моите физички ограничувања. Но, откако размислував и се молев, одлучив да поднесам молба да станам полновремен проповедник. Започнав со таа служба во април 1998 год.
Но, како проповедам со оглед на мојата физичка состојба? Не сакам да зависам од другите и да им бидам товар, на пример, да ми помагаат во врска со превозот и за други работи. Затоа Сузи и маж ѝ ми предложија да си купам мотоцикл. Но, како би можела јас да возам мотоцикл? Како што гледате на сликата, мотоциклот е специјално направен според моите потреби. Дури не морам ни да го поместувам од количката моето малечко тело од 19 килограми!
Тоа што не зависам толку од другите ми овозможува да ги посетувам луѓето и да ја проучувам Библијата со заинтересираните во време што им одговара и ним и мене. Морам да признаам дека сакам да го возам мојот мотоцикл и да го чувствувам ветерот на моето лице — едно од малите задоволства на животот!
Се радувам кога започнувам неформални разговори со луѓето на улица, кои главно се љубезни и ме почитуваат. Задоволство ми е да им помагам на другите да учат за Библијата. Се сеќавам на една прилика кога бев во служба од куќа до куќа со еден висок брат. На една врата, тој ја поздрави жената, која зачудено гледаше во мене. Жената го праша братот: „Може ли таа да зборува?“ Јас и братот прснавме да се смееме. Почнав да ѝ проповедам и кога завршив, жената беше сигурна дека навистина можам да зборувам!
Сега уживам во животот и го сакам Јехова Бог. Многу сум ѝ благодарна на мајка ми што ме научи за вистините од Библијата, и со доверба гледам на блиската иднина кога Бог ‚ќе направи сѐ ново‘, вклучувајќи го и моето малечко тело (Откровение 21:4, 5).
[Истакната мисла на страница 30]
„Се обидов да го прифатам животот онаков каков што е. Но, и покрај тоа паднав во депресија“