4. Растерај ги сомнежите
4. Растерај ги сомнежите
„Маловерен, зошто се посомнева?“ (Матеј 14:31)
ЗОШТО НЕ Е ЛЕСНО? Дури и Исусовите ученици понекогаш имале сомнежи (Матеј 14:30; Лука 24:36-39; Јован 20:24, 25). Всушност, Библијата го нарекува недостигот на вера ‚грев кој лесно може да нѐ намами во замка‘ (Евреите 12:1). Апостол Павле напишал: „Не сите имаат вера“ (2. Солуњаните 3:2, Превод на МПЦ). Тоа не значи дека некои не можат да покажуваат вера, туку дека многу луѓе воопшто не се трудат да ја стекнат. Бог ќе го благослови трудот на оние што ја градат својата вера.
КАКО ДА УСПЕЕШ? Утврди за кои работи имаш сомнежи. На пример, ученикот Тома се сомневал дека Исус воскреснал, иако другите ученици рекле дека го виделе. Тома барал доказ. Со каков резултат? Исус му го дал доказот што му бил потребен за да стекне цврста вера (Јован 20:24-29).
Преку Библијата, Јехова Бог ни ги дава одговорите што ни се потребни за да ги растераме сомнежите. На пример, многумина губат вера во Бог затоа што сметаат дека е директно или индиректно виновен за војните, насилството и бедата во светот. Што вели Библијата за тоа?
Бог не владее преку човечки влади. Исус рекол дека „владетелот на светот“ е едно невидливо духовно суштество наречено Сатана (Јован 14:30). Сатана му понудил на Исус власт над сите царства на Земјата ако му се поклони само еднаш. Тој му рекол: „Ќе ти ја дадам власта над сите нив и нивната слава, бидејќи мене ми е предадена, и јас ја давам кому што сакам“. Исус не одрекол дека Сатана имал таква власт. Наместо тоа, рекол: „Напишано е: ‚Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му‘“ (Лука 4:5-8). Сатана и неговите човечки влади се виновни за страдањата во светот, а не Бог (Откровение 12:9, 12).
Наскоро, Јехова Бог ќе ги отстрани сите причини за страдањата. Тој веќе воспоставил едно Царство, или влада, на чие чело е неговиот Син, Исус Христос, и тоа Царство ќе владее со човештвото (Матеј 6:9, 10; 1. Коринќаните 15:20-28). Како исполнување на ова библиско пророштво, добрата вест за ова Царство сега се проповеда по целата Земја (Матеј 24:14). Наскоро, тоа ќе ги отстрани сите што се против него, како и сите причини за страдањата на луѓето (Даниел 2:44; Матеј 25:31-33, 46; Откровение 21:3, 4).
КОЈА Е КОРИСТА? Оние што им подлегнуваат на сомнежите се како бранови што се фрлани од ‚секој ветар на учењето од луѓето кои се служат со измама‘ (Ефешаните 4:14; 2. Петрово 2:1). За разлика од нив, оние што ќе најдат задоволувачки одговор на своите прашања остануваат „непоколебливи во верата“ (1. Коринќаните 16:13).
Јеховините сведоци, кои го издаваат ова списание, би сакале да ти помогнат да најдеш одговор на прашањата кои те спречуваат да стекнеш вера. Те покануваат да стапиш во контакт со нив и самиот да испиташ во што веруваат тие. Тоа многу ќе ти ја зајакне верата во Бог.
Нешто повеќе на оваа тема можеш да прочиташ во 8. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, * со наслов „Што е Божјето Царство?“, и во 11. поглавје, со наслов „Зошто Бог ги допушта страдањата?“
[Фуснота]
^ пас. 10 Издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 9]
Оние што ќе најдат задоволувачки одговор на своите прашања имаат цврста основа за својата вера