Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Зошто една жена што ја изгубила вербата во религијата сега посветува голем дел од своето време за да им помага на другите да го запознаат Бог? Што мотивирало еден човек кој сакал насилни спортови да стане мирољубив? И како успеал да го промени својот живот еден човек што порано земал дрога, се пијанчел и учествувал во улични тепачки? Прочитај што имаат да ни кажат тие.

ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

ИМЕ: ПЕНЕЛОПЕ ТОПЛИЧЕСКУ

ВОЗРАСТ: 40

ЗЕМЈА: АВСТРАЛИЈА

НЕКОГАШ: РАЗОЧАРАНА ОД РЕЛИГИЈАТА

МОЕТО МИНАТО: Родена сум во Сиднеј (Австралија), но кога имав само две години, моите се преселија во Нова Гвинеја. Живеевме скоро две години во Рабаул, а потоа осум години во Бугенвил. Во тоа време немаше телевизија во Нова Гвинеја, па брат ми и јас израснавме надвор — пливавме, нуркавме и кампувавме.

Кога имав 10 години, почнав да се интересирам за религијата. Мајка ми беше католик, па затоа ми предложи да одам на часови по веронаука кај една калуѓерка од нашето место. Го прифатив католицизмот и се крстив на 10 години.

Меѓутоа, откако се вративме во Австралија и влегов во тинејџерските години, почнав да се сомневам во моите верски убедувања. Во средно училиште ја изучував историјата на древните народи, и татко ми и јас често разговаравме за потеклото на религијата и за некои библиски приказни што ги сметавме за митови и легенди. По некое време, се откажав од католичката вера.

Моите родители се разведоа кога имав 16 години. Мајка ми тешко се справуваше со новата ситуација, и јас по некое време отидов да живеам кај татко ми и неговата свршеница. Брат ми остана кај мајка ми, и тие се преселија во друг дел на Австралија. Во тој период се чувствував многу осамена. Ми требаа две години за повторно да воспоставам добри односи со мајка ми. Почнав да пијам, да земам дрога и да одам по забави. Престанав да одам на училиште, си најдов работа и моите рани 20-ти години ги потрошив на неморален живот.

Кога наполнив 25 години, повторно почнав да размислувам за Библијата. Најдов нова работа и таму ја запознав Лина, пријатна девојка што секогаш беше љубезна со нејзиниот шеф, иако тој беше многу груб со неа. Кога ја прашав зошто не му враќа со иста мера, таа ми објасни дека ја проучува Библијата со Јеховините сведоци и се труди да ги применува библиските начела во својот живот. Лина ми предложи да ја проучува Библијата со мене. Не се разбравме добро, и јас си помислив дека само за еден час ќе научам сѐ за Библијата. Вечерта таа одговараше три часа на моите прашања. Ми остави впечаток тоа што сите одговори ги поткрепи со библиски стихови.

Таа вечер, додека возев накај дома по разговорот со Лина, му бев лута на Бог што не ми ја открил порано вистината за себе. Знаев дека Сведоците водат морално чист живот и си мислев дека е предоцна да ги променам моите навики. Исто така, си мислев дека никогаш нема да можам да одам од врата до врата и да проповедам, како што правеа Сведоците. Продолжив да ја проучувам Библијата со нив, но мојот мотив беше да им најдам некоја маана на нивните учења за да можам со чиста совест да престанам да контактирам со нив. Еден ден сфатив дека нема да најдам такво нешто.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Колку повеќе учев за библиските морални мерила, толку повеќе ме мачеше совеста. За да си ја смирам, се откажав од дрогата. Но, тогаш се преселив во друга земја и пак почнав да одам на забави и да пијам. Изгледаше дека секој пат кога ќе се обидев да живеам во склад со библиските начела, пак се враќав на старото. Со чувство на срам, му се молев на Јехова, но сепак се чувствував виновна.

Многу ми олесни кога дознав што направил цар Давид со Витсавеја, а Јехова сепак бил милостив со нив. Давид храбро си ја признал грешката кога добил совет и не се обидувал да се оправда. Исто така, понизно го прифатил укорот што го добил (2. Самоилова 12:1-13). Секогаш кога ќе попуштев, размислував за тој извештај и ми беше полесно да му кажам на Јехова дека се каам. Тогаш одлучив да се молам пред да подлегнам на искушението наместо потоа, и оттогаш сѐ беше поинаку.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Отсекогаш имав лош нарав. Меѓутоа, стихот од Ефешаните 4:29-31 ми помогна да сфатам дека е потребно да отстранам секаква „злобна горчина и лутина и гнев“. Како што учев да си го контролирам наравот, научив да си го контролирам и јазикот. Освен тоа, Исусовиот совет ‚кога ќе речеме: „Да“, тоа да значи „да“‘ ми помогна да станам порешителна (Матеј 5:37).

Мајка ми, која во почетокот се противеше што се дружам со Сведоците, подоцна ми рече дека се гордее со мене. Таа дури рече: „Знам дека ова што си денес не се должи на воспитанието што го доби дома, туку на она што го научи за Јехова“. Многу се израдував кога го чув тоа.

Сега чувствувам дека мојот живот има цел и смисла. Изминативе девет години јас и маж ми сме полновремени проповедници што ги поучуваат другите за Библијата. Да, и јас одам да проповедам од врата до врата, и сега мислам дека тоа е најубавото нешто што сум го правела досега.

ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

ИМЕ: ДЕНИС БУСИГИН

ВОЗРАСТ: 30

ЗЕМЈА: РУСИЈА

НЕКОГАШ: КАРАТИСТ

МОЕТО МИНАТО: Роден сум во градот Перм, а израснав во Фурманов, град со околу 40.000 жители во областа Иваново (Русија). Фурманов е живописен град со многу убави дрвја што наесен добиваат жолта и црвена боја. Во 1980-тите и 1990-тите, во овој град криминалот зеде голем замав. Мојата фамилија живееше скромно со ниски приходи. Јас живеев со родителите и со мојот помлад брат во еднособен стан, па затоа ни беше прилично тесно.

Кога имав 7 години, почнав да тренирам карате. Го сакав тој спорт, и целиот мој живот се вртеше околу него. Секој слободен миг одев да вежбам во фискултурната сала, па затоа сите мои пријатели беа спортисти. На 15 години добив црвен појас, а по една година кафеав. Бев член на еден карате клуб што се натпреваруваше на руски и евроазиски шампионати. Иднината изгледаше светла, но кога имав 17 години ми се промени целиот живот.

Со некои пријатели направивме кривично дело и бевме уапсени. Добив казна од две години затвор. Животот во затворот беше тежок. Меѓутоа, токму таму за првпат видов Библија. Ги прочитав 1. Мојсеева, Псалмите и Новиот завет. Дури и ја научив напамет молитвата Оченаш и си ја кажував секоја вечер пред да си легнам. Мислев дека тоа некако ќе ми помогне.

Излегов од затвор во 2000 год., но мојот живот немаше никаков правец ниту цел. Почнав да земам дрога. Некаде во тоа време почина мајка ми. Многу ја сакав, па затоа ми беше тешко да ја поднесам загубата. Меѓутоа, успеав да се ослободам од дрогата и почнав повторно да одам во фискултурната сала. Исто така, се преселив во градот Иваново. Таму најдов работа во една самопослуга. Шефицата беше Јеховин сведок. Таа ми објасни некои основни вистини од Библијата и договори еден друг Сведок редовно да ја проучува Библијата со мене.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Додека ја проучував Библијата, многу се израдував кога дознав дека Божјата намера е Земјата да биде рај, па сакав и јас да го доживеам тоа. Наскоро сфатив дека Јехова Бог има високи мерила според кои сака луѓето да живеат. Поголемиот дел од животот мислев само на себе. Но, сфатив дека Јехова сака да мислам и на другите и да стекнам особини што во тоа време ги немав — особини како што се љубезноста и мирољубивоста.

Кога почнав длабоко да размислувам за сѐ што имаше направено Јехова за мене — како што е жртвувањето на неговиот Син за моите гревови — благодарноста кон неговата љубов ме поттикна да направам промени. На пример, од Псалм 11:5 дознав дека Јехова го мрази насилството. Затоа, престанав да гледам телевизиски програми што ги величаат насилството и омразата. Исто така, со тешко срце се откажав од насилните спортови. Начелото од 1. Коринќаните 15:33 ми помогна да сфатам дека оние со кои се дружам, имаат големо влијание врз мене. Потврда за ова начело беше тоа што се најдов в затвор. Затоа одлучив да престанам да се дружам со луѓе чиј живот се вртеше околу насилни спортови.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Тоа што се дружев со Јеховините сведоци и ја проучував Библијата ми помогна да станам чесен човек. На пример, од Евреите 13:5 сфатив дека треба да бидам задоволен со она што го имам и да се борам против љубовта кон парите. Примената на овој совет ми помогна да престанам да лажам и да крадам.

Отсекогаш сум ги ценел пријателствата. Во минатото сум видел како пропаѓаат пријателства поради алчност или страв. Јеховините сведоци не се совршени, но сфатив дека ги почитуваат Божјите мерила и се трудат да ги применуваат неговите совети и во односите со другите. Сега си стекнав некои вистински пријатели меѓу нив.

Можам само да нагаѓам каков ќе ми беше животот ако не научев да живеам според библиските мерила. Веројатно пак ќе завршев в затвор или ќе им предизвикував болка и страдања на другите луѓе. Но, сега имам прекрасна жена и два сина, и како фамилија, радосно им помагаме на другите да ја дознаат вистината за Бог.

ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

ИМЕ: ХОЗЕ КАРЛОС ПЕРЕИРА ДА СИЛВА

ВОЗРАСТ: 31

ЗЕМЈА: БРАЗИЛ

НЕКОГАШ: УЛИЧЕН ТЕПАЧ

МОЕТО МИНАТО: Израснав во сиромашните, валкани квартови на Американа, во Сао Пауло. Немавме чиста вода за пиење ниту соодветни санитарни услови. Тие места беа познати по високата стапка на насилство и криминал.

Кога пораснав, станав насилна и агресивна личност. Секогаш бев вмешан во улични тепачки, па затоа луѓето од околината се плашеа од мене. Мојата облека, изглед и однесување оставаа впечаток дека сум опасен. Многу пиев, честопати сѐ додека не изгубев свест. Земав дрога, исто како моите браќа. Всушност, еден од нив умре од предозираност.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Кога ги сретнав Јеховините сведоци, ми покажаа од Библијата дека Бог ќе ја претвори целата Земја во рај (Лука 23:42, 43; Откровение 21:3, 4). Исто така, дознав дека мртвите не се свесни за ништо, што значи дека Бог не ги казнува лошите луѓе во пекол (Проповедник 9:5, 6). Многу ми олесни поради тоа. Она што го научив за Бог ми даде силна желба да си го променам животот. Но, не беше лесно да ги направам тие промени — да се откажам од дрогата, пиењето, тепачките и пцовките на кои бев навикнат.

Меѓутоа, многу ме охрабрија зборовите на апостол Павле запишани во 1. Коринќаните 6:9-11. Тој стих покажува дека некои христијани од 1 век некогаш ги имале истите лоши навики што ги имав и јас. Но, во истиот текст пишува: „Такви беа некои од вас, но испрани сте, посветени, прогласени сте за праведни во името на нашиот Господар Исус Христос и со духот на нашиот Бог“. Тие зборови ми дадоа надеж дека и јас можам да ги направам потребните промени во животот за да му угодам на Бог.

Кога почнав да се дружам со Јеховините сведоци, бев уверен дека тие ја имаат вистинската религија. Иако знаеја дека во минатото бев насилен и агресивен, тие срдечно ме прифатија.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Да не ја проучував Библијата и да не го променев мојот живот, веројатно досега ќе бев мртов. Но, сега се радувам што му помогнав на еден од моите браќа да учи за Библијата и да се откаже од дрогата. Исто така, охрабрив и други мои роднини да ја проучуваат Библијата. Многу сум благодарен што можев да го посветам мојот живот во службата за Бог, кој многу се грижи за нас!

[Истакната мисла на страница 24]

„Одлучив да се молам пред да подлегнам на искушението наместо потоа, и оттогаш сѐ беше поинаку“