Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тајни на семејната среќа

Како да се води сметка за парите

Како да се води сметка за парите

Тој: „Мислам дека жена ми, Лора, a троши пари на непотребни работи — или барем јас мислам дека не ни требаат. И ми се чини дека не знае да штеди! Ова е вистински проблем кога имаме непредвидени трошоци. Често велам дека, ако таа има пари во џебот, ќе ги потроши како ништо.“

Таа: „Можеби не ме бидува многу за штедење, ама маж ми не е свесен колку е скапо сѐ — храната, покуќнината, домашните трошоци — а јас сум таа што најчесто е дома. Знам што ни треба и го купувам тоа, дури и ако треба да водиме уште еден ‚разговор‘ за парите.“

ПАРИТЕ може да бидат една од темите за кои е најтешко да се води смирена дискусија во бракот. Не е чудо што честопати се на врвот на списокот со највообичаени причини за брачни расправии.

Двојките што немаат урамнотежено гледиште за парите може да се најдат под стрес, да имаат несогласувања и да страдаат емоционално, па дури и духовно (1. Тимотеј 6:9, 10). Родителите што не водат добро сметка за парите можеби ќе бидат принудени да работат повеќе, а така ќе имаат помалку време за да обрнат внимание на емоционалните и на духовните потребни на семејството. Исто така, ги учат децата да бидат неразумни во поглед на парите.

„Парите се заштита“, отворено вели Библијата (Проповедник 7:12). Но, парите ќе ти ги заштитат бракот и семејството само ако научиш да водиш сметка за нив, но и да разговараш за нив со својот сопружник. b Всушност, наместо разговорите за парите да водат до расправии, тие можат да ја зајакнат врската помеѓу брачните другари.

Но, зошто парите се причина за толку проблеми во бракот? И кои практични чекори можеш да ги преземеш за парите да бидат конструктивна тема за разговор, а не причина за расправии?

Кои се предизвиците?

Кога ќе дојде до несогласување во врска со парите, вистинската причина, всушност, не се парите туку недостигот на доверба или некои стравови. На пример, сопругот што бара од жена си да му поднесе сметка за секое денарче што ќе го потроши, можеби, всушност, сака да каже дека нема голема доверба во нејзината способност да води сметка за семејниот буџет. А жената што се жали дека маж ѝ не знае да штеди, можеби само изразува страв дека ќе се случи нешто поради кое семејството може да се најде во финансиска криза.

Брачните другари имаат уште еден предизвик — растеле во различни околности. „Жена ми доаѓа од семејство каде што добро се водело сметка за парите“, вели Метју, кој е во брак осум години. „Неа не ја мачат моите стравови. Татко ми беше алкохоличар и страстен пушач, и понекогаш беше без работа подолго време. Често останувавме и без најосновното, па кај мене почна да се јавува вистински страв дека ќе западнеме во долгови до гуша. Понекогаш овој страв ме тера да бидам неразумен со жена ми кога станува збор за парите.“ Која и да е причината за напнатите односи, што можеш да направиш за парите да му помогнат на твојот брак, а не да го поткопуваат?

Што ти е поважно — парите или бракот?

Четири фактори за успех

Библијата не е прирачник за финансии. Сепак, таа содржи практични совети што можат да ѝ помогнат на една брачна двојка да избегне финансиски проблеми. Размисли за нејзините совети и обиди се да ги примениш следниве предлози.

1. Научи смирено да зборуваш за парите.

„Мудри се оние што меѓусебно се советуваат“ (Изреки 13:10). Во зависност од средината во која си растел, можеби ти е незгодно да се советуваш со другите, особено со својот сопружник, во врска со парите. Сепак, мудроста налага да научиш да разговараш на оваа важна тема. На пример, би можел да му опишеш на својот сопружник како влијаел врз тебе ставот кон парите што го имале твоите родители. Исто така, обиди се да сфатиш како влијаело воспитанието врз ставот на твојот брачен другар.

Не мора да чекате да се појават проблеми за да разговарате за парите. Еден библиски писател прашал: „Одат ли двајца заедно ако најнапред не се договориле да се најдат?“ (Амос 3:3). На што се однесува ова начело? Ако си одредите конкретно време да разговарате за финансиски работи, ќе имате помалку расправии поради обични недоразбирања.

ПРЕДЛОГ: Договорете си редовен термин кога ќе разговарате за семејните финансии. Би можеле да разговарате првиот ден од месецот или да си одредите ден секоја седмица. Разговорот нека биде краток, 15-ина минути или помалку. Изберете време кога двајцата ќе бидете опуштени. Договорете се кога воопшто да не разговарате за пари, како на пример, за време на вашите оброци или кога се одморате со децата.

2. Договорете се како ќе гледате на приходите.

„Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ (Римјаните 12:10). Ако земаш плата само ти, можеш да му искажеш почит на својот сопружник со тоа што на твојот приход нема да гледаш како на твои туку како на семејни пари (1. Тимотеј 5:8).

Ако и двајцата сте вработени, ќе покажете почит еден кон друг со тоа што секој ќе знае колку заработува другиот и на што троши најмногу. Ако криете некоја од овие работи, ќе ја поткопате меѓусебната доверба и ќе си го нарушите односот. Не мора да се консултирате за секоја ситница што ќе ја купите, но ако разговарате за поголемите трошоци, ќе покажете дека го почитувате мислењето на другиот.

ПРЕДЛОГ: Договорете се колкава сума може да потроши секој од вас без да се консултира со другиот, на пример, 500, 1.000 денари или некоја друга сума. Секогаш кажувај му на другиот ако сакаш да потрошиш повеќе од таа сума.

3. Запишете си што планирате.

„Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изреки 21:5, фуснота). Еден начин да планирате за иднината и да не ви пропадне трудот е да си одредите семеен буџет. Нина, која пет години е во брак, вели: „Кога ќе ги видиш на хартија сите приходи и трошоци, работите ти стануваат многу јасни. Не можеш да ги побиеш фактите“.

Планирањето на буџетот не мора да биде некоја комплицирана работа. Дарен, кој е во брак 26 години и има два сина, вели: „Во почетокот користевме пликови. Парите што ни беа планирани да ги потрошиме таа седмица ги стававме во различни пликови. На пример, имавме плик со пари за храна, плик за разонода, па дури и плик за фризер. Ако ги потрошевме парите од еден плик, позајмувавме од друг, но секогаш гледавме да ги вратиме што поскоро“. Особено е важно да имаш план и да си запишуваш колку си потрошил ако најчесто не ги плаќаш сметките во готово туку користиш чекови или кредитна картичка.

ПРЕДЛОГ: Запишете си ги сите фиксни трошоци. Договорете се колкав дел од приходот да тргате настрана. Потоа запишете ги сите други променливи издатоци, како што се трошоците за храна, струја и телефон. Исто така, запишувајте си колку пари сте потрошиле во текот на неколку месеци. Ако е потребно, сменете нешто во начинот на живот за да не западнете во долгови.

4. Договорете се кој што да прави.

„Подобро им е на двајца отколку на еден, бидејќи ќе завршат поголема работа ако работат заедно“ (Проповедник 4:9, 10, New Century Version). Во некои фамилии, мажот се грижи за финансиите. Во други, оваа должност вешто ја извршува жената (Изреки 31:10-28). Но, многу двојки избираат да си ја поделат одговорноста. „Жена ми се грижи за сметките и помалите трошоци“, вели Марио, кој е во брак 21 година. „Јас водам сметка за даноците, кредитите и киријата. Си кажуваме еден на друг до каде се работите и соработуваме.“ Што и да сте се договориле, најважно е да работите заедно како тим.

ПРЕДЛОГ: Откако ќе ги земете предвид вашите јаки и слаби страни, договорете се кој за што ќе се грижи. По неколку месеци проверете како ви оди. Бидете спремни да промените нешто ако увидите дека е потребно. За да стекнеш поголемо ценење за она што го прави твојот сопружник, како што е плаќањето на сметките или пазарувањето, понекогаш би можеле да ги смените задачите.

Што откриваат разговорите околу парите

Вашите разговори за парите не мора да ја задушат љубовта. Ова го сфатила и Лија, која е во брак пет години. Таа вели: „Маж ми и јас научивме да разговараме за парите отворено и искрено. Затоа сега работиме како тим, а љубовта ни се зацврсти“.

Кога брачните двојки разговараат за тоа како да ги трошат парите, си ги споделуваат своите надежи и сништа и си ја зајакнуваат брачната врска. Кога се советуваат пред да купат нешто поголемо, покажуваат почит кон мислењата и чувствата на другиот. Кога си даваат слобода да потрошат одредена сума пари без да се консултираат, покажуваат доверба еден во друг. Овие работи се неопходни за една навистина добра врска. Таквата врска сигурно вреди повеќе од парите, па затоа, зошто да се расправате за парите?

a Имињата се сменети.

b Библијата вели дека „мажот е глава на жената“, па затоа тој ја има главната одговорност за тоа како да се користат парите во семејството и должен е да постапува со својата жена со љубов и несебично (Ефешаните 5:23, 25).

ПРАШАЈ СЕ...

  • Кога последен пат јас и мојот сопружник смирено зборувавме за парите?

  • Што можам да кажам и да направам за да покажам ценење за финансиската помош што мојот сопружник му ја дава на семејството?