Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Бог ветува дека ќе бидеш богат?

Дали Бог ветува дека ќе бидеш богат?

Дали Бог ветува дека ќе бидеш богат?

‚Бог сака да бидеш богат — да имаш автомобили, добар бизнис. Само верувај во него, отвори го паричникот и дај му сѐ што можеш.‘

ВАКВА порака шират некои верски групи во Бразил, како што известува еден весник од таа земја. Многумина сериозно го сфаќаат ова. Во врска со една анкета во САД спроведена меѓу луѓе кои се изјаснуваат како христијани, списанието Time известува: „Цели 61% веруваат дека Бог сака луѓето да бидат богати. А 31%... се согласиле дека, ако му даваш пари на Бог, тој ќе те благослови со уште повеќе пари“.

Ваквите сфаќања, честопати наречени теологија на благосостојба, сѐ повеќе се шират особено во земјите на Латинска Америка, меѓу кои е и Бразил. Затоа, луѓето нагрнуваат во црквите што ветуваат дека Бог ќе ги благослови во материјален поглед. Но, дали Бог навистина им ветува богатство на оние што му служат? Дали сите Божји слуги во минатото биле богати?

Точно е дека во Хебрејските списи честопати читаме за луѓе кои биле богати затоа што Бог ги благословил. На пример, во 5. Мојсеева 8:18 пишува: „Сети се на Јехова, својот Бог, зашто тој ти дава сила да стекнуваш богатство“. Ова ги уверило Израелците дека, ако го слушаат Бог, ќе бидат богат народ.

Како е со поединци? Верниот Јов бил многу богат, а откако Сатана го довел до крајна сиромаштија, Јехова повторно му дал „двојно повеќе“ богатство (Јов 1:3; 42:10). И Авраам бил богат. Во 1. Мојсеева 13:2 пишува дека ‚поседувал многу стада, сребро и злато‘. Кога здружените војски на четворица источни цареви го заробиле неговиот внук Лот, Авраам ‚ги собрал своите луѓе извежбани за борба, триста и осумнаесет робови родени во неговиот дом‘ (1. Мојсеева 14:14). Со оглед на тоа што имало 318 ‚извежбани луѓе‘ кои вешто ракувале со оружје, домаќинството на Авраам сигурно било прилично големо. Тоа што можел да издржува толку големо семејство покажува дека бил многу богат човек кој имал огромни стада.

Да, многу верни Божји слуги во минатото, меѓу кои се Авраам, Исак, Јаков, Давид и Соломон, биле богати. Меѓутоа, дали тоа значи дека Бог ќе му даде богатство на секој што му служи? Од друга страна, дали тоа што некој е сиромашен значи дека Бог не го благословува? Овие прашања ќе ги разгледаме во следната статија.