Сиромашна, но среќна и полна со надеж
Писмо од Боливија
Сиромашна, но среќна и полна со надеж
СЛУЖАМ како мисионерка во земја во развој и често можам да видам сиромашни и очајни луѓе. Тоа ми паѓа многу тешко. Би сакала да се најде брзо решение за сите што страдаат, но знам дека само Божјето Царство ќе ги реши овие проблеми. Сепак, многу пати сум видела дека оние што ја следат Божјата реч можат да бидат среќни дури и во тешки околности. Добар пример за тоа е Сабина.
Пред многу години, држејќи ги во рацете своите две мали ќеркички, таа го испратила својот сопруг со еден стар автобус на печалба во странство. Минувале денови, месеци, години, но тој никогаш повторно не се вратил. Од денот кога си заминал, секој нејзин ден е борба за да се прехрани себеси и своите ќерки, Милена и Гиљан.
Сабина ја сретнав првпат едно попладне додека стрпливо ги услужуваше незгодните муштерии во дуќанот на сестра си. Во очите ѝ се читаше умор. Се гледаше дека имала многу напорен ден. Ѝ предложив да ја проучувам Библијата со неа и со нејзините ќерки. „Би сакала, ама премногу сум зафатена“, ми рече таа. „Но, моите ќерки може да проучуваат со тебе.“ Се согласив. Додека девојчињата напредуваа со проучувањето, подобро се запознав со Сабина и со нејзината тешка ситуација.
Денот ѝ почнува во 4 часот наутро. Додека нејзините ќерки сѐ уште спијат во нивното еднособно станче, Сабина го пали огнот и го става на него старото алуминиумско тенџере. Во него го подготвува месото за емпанади (вид мекици полнети со месо) кои ги продава за да го прехрани своето семејство. Тестото за мекиците го замесува од вечер.
Сабина товари на една позајмена количка сѐ што ѝ треба за тој ден — чадор за сонце, решо на плин, плинска боца, масичка, столчиња, тенџериња, масло, месото и тестото и неколку литри домашен овошен сок.
Во 6 часот, Сабина и нејзините ќерки се подготвени и излегуваат од дома. Ја затвораат вратата и ја заклучуваат со катанец. Лицата им се безизразни. Не зборуваат и не се смеат. Сета своја сила ја насочуваат на работата што ги чека. Вакви сцени сум видела многу утра низ прозорецот од нашиот мисионерски дом. Сабина е само една од многуте жени што го напуштаат својот дом пред зори за да продаваат храна и пијалаци по улиците на Боливија.
Околу 6.30, додека сонцето полека се издигнува над планината, Сабина и ќерките пристигнуваат на местото каде што продаваат. Молчешкум ја растовараат количката и ја монтираат својата подвижна кујна. Во врелото масло почнува да чрчори првата емпанада. Низ свежиот утрински воздух полека се шири неодолива арома која брзо ги привлекува гладните муштерии.
„Колку за Вас?“ — го прашува Сабина првиот муштерија. Без да го крене погледот, сонливиот човек покажува два прста. Таа го послужува со две врели, зацрвенети емпанади и ја прима скудната заработувачка. Ова се повторува по стопати на ден. Откако ќе ја продадат и последната емпанада, се пакуваат и се враќаат дома. Иако веќе ја болат нозете од стоење цело утро, Сабина продолжува со работа во дуќанот на сестра ѝ.
Кога првпат отидов таму за да проучувам со нејзините ќерки, во еден ќош беа ставени две мали клупи. Од самиот почеток, Милена и Гиљан, кои тогаш имаа 9 и 7 години, со нетрпение очекуваа да дојдам за да проучуваме, и секогаш беа добро подготвени. По некое време, овие срамежливи девојчиња се опуштија и се зближија со мене. На Сабина ѝ беше многу мило поради тоа. Кратко потоа, и таа реши да ја проучува Библијата со мене и покрај тоа што беше многу зафатена.
Колку повеќе учеше, толку повеќе растеше и нејзината љубов кон Јехова Бог. За првпат почувствува нешто што никогаш порано не го почувствувала — среќа! Некогашната уморна продавачка со тажен поглед сега изгледаше сосема поинаку. Стоеше исправено, со крената глава и со сјај во очите. „Сабина постојано се смее“, вели сестра ѝ. „Порано никогаш не се смееше.“ И други забележаа голема промена кај Сабина и кај нејзините ќерки. Духовната празнина што ја чувствуваше толку долго сега беше исполнета.
Иако уживаше во проучувањето, многуте обврски ја спречуваа да доаѓа на христијанските состаноци. Најпосле, ја прифати мојата покана да дојде во Салата на Царството и оттогаш нема испуштено ниту еден состанок. Во собранието најде вистински пријатели. Исто така, од лично искуство се увери дека Јехова навистина се грижи за оние што го сакаат и се спремни да се жртвуваат за да му служат (Лука 12:22-24; 1. Тимотеј 6:8).
Многу ѝ се допаѓаше она што го учеше и сакаше да им го пренесе тоа на другите. Но, еднаш ми рече: „Нозете ми се пресекуваат од самата помисла да проповедам пред други“. Таа си мислеше: ‚Како можам јас, една срамежлива жена со мало образование, да поучувам некого?‘ Сепак, љубезноста на браќата и прекрасните промени што ги доживеа ја поттикнаа да го преземе овој важен чекор. Освен тоа, беше свесна дека таа треба да им даде пример на своите ќерки. И така, почна да им ја пренесува добрата вест на другите. Ќерките одушевено ѝ се придружија.
Денес Сабина не е само сиромашна жена која секој ден мака мачи да врзе крај со крај. Нејзината економска ситуација не се смени многу. Но, се смени нејзиниот став кон животот. Сега, како крстен христијанин, им ја кажува на другите добрата вест за Божјето Царство — единственото трајно решение за сиромаштијата и очајот (Матеј 6:10).
Сега е 5 часот наутро и Сабина е повторно спремна да го напушти своето еднособно станче. Но, ова утро не оди да продава емпанади, туку да се сретне со други христијани за да сведочи на улица. Тоа што секоја седмица одвојува време за да им помага на другите ја прави уште посреќна. Ја заклучува вратата, и со широка насмевка на лицето излегува на улицата. Наместо да турка количка, во рацете држи голема чанта во која има Библија и библиска литература што ќе ја користи за да им влее надеж на другите. Со весел израз на лицето, Сабина вели: „Никогаш не ми се веруваше дека ќе можам да разговарам со другите за Библијата, но сега уживам во тоа!“