Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тој се борел со страв и со сомнежи

Тој се борел со страв и со сомнежи

Угледајте се на нивната вера

Тој се борел со страв и со сомнежи

ПЕТАР со последните сили напнувал на веслото гледајќи во темнината. Дали она што го видел на источниот хоризонт било слаб блесок, знак дека конечно доаѓа зората? Мускулите на грбот и на рамениците го болеле од долгото веслање. Ветрот што му ја бушавел косата кренал високи бранови и на Галилејското Море. Додека брановите без престан удирале во клунот на рибарскиот чамец, а студената вода го прскала, Петар продолжил да весла.

Некаде зад нив, на брегот, тој и другите ученици го оставиле Исус сам. Истиот ден виделе како Исус нахранил илјадници гладни луѓе со само неколку леба и риби. Поради тоа народот сакал да го постави за цар, но тој не сакал да има ништо со политиката. Освен тоа, бил решен да ги поучи и своите следбеници да немаат такви амбиции. Пред да се раздели од мноштвото, им рекол на своите ученици да влезат во чамецот и да тргнат кон спротивниот брег, а потоа отишол сам на планината за да се моли (Марко 6:35-45; Јован 6:14, 15).

Кога учениците испловиле, месечината, речиси полна, била високо над нивните глави, а сега полека се спуштала кон западниот хоризонт. Сепак, успеале да одвеслаат само неколку километри. Од силното напрегање и од постојаното бучење на ветрот и брановите, било речиси невозможно да разговараат. Петар веројатно бил потонат во своите мисли.

Колку работи имал за размислување! Тој го следел Исус од Назарет повеќе од две години кои, биле исполнети со возбудливи настани. Научил многу, но имал уште да учи. Заради неговата спремност да се бори против пречки како што биле сомнежите и стравот, тој ни дал извонреден пример што треба да го следиме. Да видиме како.

„Го најдовме Месијата!“

Петар никогаш немало да го заборави денот кога се сретнал со Исус од Назарет. Брат му, Андреј, прв му ја донел возбудливата вест: „Го најдовме Месијата!“ Тие зборови биле пресвртница во животот на Петар. Веќе ништо не било како порано (Јован 1:41).

Петар живеел во Капернаум, град на брегот на слатководното езеро наречено Галилејско Море. Тој и Андреј се занимавале со рибарење и биле ортаци со Јаков и Јован, синовите на Зеведеј. Освен неговата жена, во домот на Петар живееле и нејзината мајка и брат му Андреј. За да се прехрани тоа семејство со риболов, сигурно требало многу работа, сила и снаодливост. Можеме да си ги замислиме безбројните ноќи работа, кога мажите ги фрлале мрежите меѓу два чамца, а потоа ги извлекувале со сѐ што успеало да се фати во нив. Можеме да си ги замислиме и мачните денови работа, кога ја сортирале и ја продавале рибата и ги крпеле и ги чистеле мрежите.

Библијата ни кажува дека Андреј бил ученик на Јован Крстител. Петар сигурно со жив интерес слушал како неговиот брат раскажува за пораката на Јован. Еден ден, Андреј го видел Јован како покажува кон Исус од Назарет, и вели: „Еве го Јагнето Божје!“ Андреј веднаш тргнал по Исус и радосно му ја кажал на Петар возбудливата вест дека дошол Месијата! (Јован 1:35-40). Околу 4.000 години пред тоа, после побуната во еденската градина, Јехова Бог ветил дека ќе дојде една посебна личност и ќе му даде вистинска надеж на човештвото (1. Мојсеева 3:15). Андреј го сретнал токму тој Спасител, лично Месијата! И Петар брзо отишол да го види Исус.

До тој ден, Петар бил познат како Симон, или Симеон. Но, Исус го погледнал и му рекол: „,Ти си Симон, синот на Јован. Ќе се викаш Кифа‘. (,Кифа‘ на грчки е ‚Петар‘.)“ (Јован 1:42). „Кифа“ е општа именка што значи „камен“ или „карпа“. Очигледно, зборовите на Исус имале пророчко значење. Тој претскажал дека Петар ќе стане како карпа — односно, дека ќе има цврсто, здраво и стабилно влијание врз Христовите следбеници. Дали Петар го мислел истото за себеси? Изгледа дека не. Дури и некои денешни читатели на евангелијата не гледаат во Петар цврстина на карпа. Некои сметаат дека тој бил променлив, непостојан и колеблив.

Петар си имал маани и Исус не бил слеп за нив. Но Исус, исто како својот Татко, Јехова, секогаш го гледал доброто кај луѓето. Тој видел колку, всушност, би можел да направи Петар и се трудел да му помогне да ги зацврсти убавите особини што ги имал. Јехова и неговиот Син го бараат доброто и кај нас денес. Можеби ни е тешко да веруваме дека и кај нас можат да видат нешто добро. Меѓутоа, треба да имаме доверба во она што го мислат за нас и да дозволиме да нѐ поучат и да нѐ обликуваат, како што било случај со Петар (1. Јованово 3:19, 20).

„Не плаши се!“

Петар веројатно го придружувал Исус на дел од проповедничкото патување што следело. Значи, веројатно видел како Исус го направил првото чудо, односно ја претворил водата во вино на една свадба во Кана. Што е уште поважно, ја чул Исусовата прекрасна порака за Божјето Царство, која им влевала надеж на луѓето. Сепак, тој се одвоил од Исус и му се вратил на рибарењето. Но, по неколку месеци, повторно се нашол лице в лице со Исус — и, овој пат Исус го повикал да го следи постојано.

Тој штотуку поминал една ноќ во која не уловиле ништо. Секогаш кога ќе ги фрлеле мрежите, рибарите ги извлекувале празни. Петар сигурно го употребил сето свое искуство и досетливост за да уловат барем нешто, и ги фрлал мрежите на различни места од езерото за да најде каде се хранат рибите. Без сомнение, имало моменти кога и тој, како многу други рибари, посакувал да продре со погледот низ темната вода и да ги најде јатата риби или некако да ги натера да влезат во мрежите. Се разбира, таквите мисли само му ја зголемувале напнатоста. За Петар тоа не било хоби, бидејќи со рибата што ќе ја уловел си го прехранувал семејството. На крајот, стигнале на брегот без никаков улов. И покрај тоа, мрежите требало да се исчистат. Тој бил зафатен со чистење кога му пристапил Исус.

Околу Исус се собрало мноштво народ, кое внимателно го слушало секој негов збор. Бидејќи бил опкружен од сите страни, тој влегол во чамецот на Петар и му рекол да се оддалечи малку од брегот. Со глас кој јасно одекнувал над водата, Исус почнал да го поучува мноштвото. Петар и луѓето на брегот слушале со големо внимание. Никогаш не му било здодевно да го слуша Исус како зборува за Божјето Царство — главната тема на неговото проповедање. Колку голема чест би било да му се помогне на Христос да ја шири оваа порака на надеж насекаде! Но, дали тоа би било изводливо? Од што би живееле? Можеби Петар повторно помислил на долгата ноќ во која не успеале да фатат ништо (Лука 5:1-3).

Кога престанал да поучува, Исус му рекол на Петар: „Отплови таму каде што е длабоко, фрлете ги своите мрежи и ловете!“ Петар бил полн со сомнежи. Рекол: „Учителе, цела ноќ се мачевме и ништо не уловивме, но штом ти така велиш, ќе ги спуштам мрежите“. Секако дека последното нешто што Петар сакал да го направи било да ги спушти мрежите уште еднаш — особено сега, во време кога рибите не се хранеле! Сепак, послушал, веројатно давајќи им знак на своите ортаци во другиот чамец да тргнат по нив (Лука 5:4, 5).

Петар се изненадил колку биле тешки мрежите кога почнал да ги влече. Зачуден, влечел сѐ посилно, и за некој миг на површината се појавиле куп риби кои се препелкале во мрежата! Избезумено им мавнал со раката на мажите во другиот чамец да дојдат да му помогнат. Додека влечеле, станало јасно дека сите тие риби нема да ги собере во еден чамец. Ги наполниле и двата чамца, но сепак имало премногу риби — чамците почнале да тонат од тежината. Петар не можел да се прибере од тоа чудо. Веќе ја имал видено Христовата моќ и пред тоа, но овој пат таа моќ била применета во негова корист! Пред него стоел човек што можел да ги натера рибите да влезат во мрежите! Уплашен од она што го видел, Петар паднал на коленици и рекол: „Оди си од мене, Господару, бидејќи сум грешен човек!“ Се чувствувал сосема недостоен да биде во близина на Оној што на таков начин се служел со Божјата сила! (Лука 5:6-9).

Исус благо му рекол: „Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе“ (Лука 5:10, 11). Не било време за сомнежи и страв. Сомнежите на Петар за такви секојдневни работи како рибарењето биле неосновани, како што биле неосновани и неговите стравови во врска со сопствените маани и способности. Исус требало да изврши едно огромно дело, служба што ќе го сменела текот на историјата. Тој му служел на еден Бог што ‚простува великодушно‘ (Исаија 55:7). Јехова ветил дека ќе се грижи за нивните потреби, како физички така и духовни (Матеј 6:33).

Петар веднаш го прифатил повикот на Исус, а го прифатиле и Јаков и Јован. „Ги извлекоа чамците на копното, оставија сѐ и појдоа по него“ (Лука 5:11). Петар поверувал во Исус и во Оној што го испратил. Тоа била најдобрата одлука што можел да ја донесе во животот. И денес, христијаните што ги совладуваат своите сомнежи и стравови, кои можеби ги спречувале да му служат на Бог, исто така покажуваат вера. Јехова навистина ја заслужува таквата доверба (Псалм 22:4, 5).

„Зошто се посомнева?“

Како што спомнавме во почетокот, околу две години откако го сретнал Исус, Петар веслал на Галилејското Море во ветровитата ноќ. Се разбира, не знаеме кои сѐ работи му се враќале во мислите. Навистина имало многу! Исус ја излекувал тештата на Петар. Ја одржал Проповедта на гората. Секогаш одново, со она што го поучувал и со моќните дела што ги правел, докажувал дека е Јеховиниот избраник, Месијата. Како што поминувале месеците, Петар сигурно сѐ помалку ги покажувал своите маани — како што била неговата склоност да им подлегнува на стравот и сомнежите. Всушност, Исус го избрал дури и да биде еден од неговите 12 апостоли! Сепак, Петар наскоро сфатил дека не ги победил сосема стравот и сомнежите.

За време на четвртата ноќна стража, односно некаде помеѓу 3 часот и изгрејсонце, Петар одеднаш престанал да весла и се исправил. Пред него, нешто се движело над брановите! Дали можеби пената од брановите блескала на месечевата светлина? Не, туку она што го гледал било нешто многу постабилно, исправено. Тоа бил човек! Да, човек кој одел по површината на водата! Додека силуетата се приближувала, изгледало дека ќе помине покрај нив. Исплашени, учениците си помислиле дека е некое привидение. Тогаш силуетата рекла: „Бидете храбри, јас сум! Не плашете се!“ Тоа бил Исус! (Матеј 14:25-28).

Петар одговорил: „Господару, ако си ти, заповедај ми да дојдам кај тебе по водата!“ Во прв момент, Петар покажал храброст. Целиот возбуден од ова необично чудо, посакал уште повеќе да си ја зајакне верата. Сакал и самиот да има удел во она што се случувало. Исус му рекол да дојде кај него. Петар се прекачил преку работ на чамецот и зачекорил по разбрануваната површина на морето. Замисли си како му било кога под себе почувствувал цврсто тло и застанал на површината на водата! Сигурно бил занемен од чудо додека чекорел кон Исус. Меѓутоа, наскоро во него се јавил друг нагон (Матеј 14:29).

Петар требало да го задржи своето внимание на Исус. Исус бил тој што, со помош на силата од Јехова, го одржувал над брановите, а го правел тоа затоа што Петар покажал вера во него. Но, Петар дозволил за момент вниманието да му отиде на нешто друго. Читаме: „Кога го виде бурниот ветар, се исплаши“. Кога ги видел брановите што се кревале околу него и удирале во чамецот, прскајќи и пенејќи се од ветрот, го фатила паника. Веројатно се замислил дека тоне и се дави во езерото. Како што го обземал страв, верата му се намалувала. Човекот што бил наречен Карпа затоа што во себе имал потенцијал да биде цврст, почнал да тоне како камен затоа што му се поколебала верата. Петар знаел добро да плива, но во овој момент не се потпирал на тоа. Гласно викнал: „Господару, спаси ме!“ Исус го фатил за рака и го повлекол нагоре. А потоа, додека сѐ уште стоел на површината на водата, му посочил една важна работа: „Маловерен, зошто се посомнева?“ (Матеј 14:30, 31).

„Се посомнева“ — колку добар опис! Сомнежот може да има многу штетно влијание. Ако му подлегнеме, може да ни ја поткопа верата и да почнеме духовно да тонеме. Затоа, треба со сите сили да се бориме против сомневањата! Како? Така што ќе го задржиме вниманието на исправните работи. Ако размислуваме за она што нѐ плаши, за она што нѐ обесхрабрува, за она што нѐ одвлекува од Јехова и од неговиот Син, нашите сомнежи ќе растат. Но, ако мислиме на Јехова и на неговиот Син, на она што тие го направиле, го прават и ќе го направат за луѓето што ги сакаат, успешно ќе ги победиме сомнежите кои, во спротивно, би можеле да ја поткопаат нашата вера.

Кога Петар се вратил со Исус во чамецот, видел како бурата стивнува. На Галилејското Море завладеал мир. Заедно со другите ученици, и Петар рекол: „Навистина, ти си Божји Син“ (Матеј 14:33). Додека зората самнувала над езерото, срцето на Петар сигурно се исполнило со благодарност. Научил дека треба да ги растера сомнежите и стравот. Точно, морал да направи уште многу промени пред да стане христијанин цврст како карпа, онаков каков што го гледал Исус. Но, бил решен да биде упорен и да напредува. Дали и ти си решен на истото? Сигурно ќе се согласиш дека вреди да се угледаме на верата што ја покажал Петар.

[Слика на страници 22 и 23]

Исус видел колку многу би можел да направи овој понизен рибар

[Слика на страница 23]

‚Господару, јас сум грешен човек‘

[Слика на страници 24 и 25]

„Кога го виде бурниот ветар, се исплаши“