Заблуда бр. 4: Бог е троеден
Од каде потекнува оваа заблуда?
„Би можеле да помислиме дека учењето за тројството е воведено кон крајот на 4 век. Во извесна смисла, тоа е точно... Формулацијата ‚еден Бог во три личности‘ не била цврсто втемелена, и секако не сосема прифатена во христијанскиот живот и во христијанската вера пред крајот на 4 век“ (New Catholic Encyclopedia од 1967, том 14, страница 299).
„Концилот во Никеја се одржал на 20 мај 325 год. [од н.е.]. Претседавал самиот Константин, кој активно ги водел дискусиите и лично ја предложил... пресудната формула со која е изразен односот помеѓу Христос и Бог во верувањето изнесено од концилот, според кое Исус е ‚едно битие со Таткото‘... Уплашени од императорот, сите бискупи, освен двајца, го потпишале верувањето, а мнозина од нив го сториле тоа против своите уверувања“ (Encyclopædia Britannica од 1970, том 6, страница 386).
Што вели Библијата?
„Стефан, исполнет со Дух Свети, кога погледна кон небото, ја виде славата Божја и Исуса како стои од десната страна на Бога, и рече: ‚Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога‘“ (Дела 7:55, 56, Превод на МПЦ).
Што дознаваме од ова видение? Исполнет со Божјиот дух, Стефан го видел Исус „како стои од десната страна на Бога“. Значи, ова јасно покажува дека Исус не станал Бог откако воскреснал на небото, туку бил посебно духовно суштество. Во овој извештај не се спомнува дека имало и трета личност до Бог. И покрај обидите да се најдат библиски стихови што ќе го потврдат тројството, доминиканскиот свештеник Мари-Емил Буамар напишал во својата книга Зачетоците на христијанството — раѓањето на догмите (À l’aube du christianisme—La naissance des dogmes): „На ниедно место во Новиот Завет не може да се прочита... дека има три личности во еден Бог“.
Учењето за кое се залагал Константин имало за цел да им стави крај на неслогите во Црквата во 4 век. Меѓутоа, ова само повлекло уште едно прашање: Дали Марија, жената што го родила Исус, била „Богородица“?
Спореди ги следниве библиски стихови: Матеј 26:39; Јован 14:28; 1. Коринќаните 15:27, 28; Колошаните 1:15, 16.
ФАКТ:
Учењето за тројството е воведено кон крајот на 4 век