Зошто Бог им дава можност на луѓето да живеат вечно?
Читателите прашуваат...
Зошто Бог им дава можност на луѓето да живеат вечно?
▪ Библијата вели дека Бог ни дава можност да добиеме „вечен живот“ (Јован 6:40). Но, зошто го прави тоа? Дали само затоа што тоа е праведно?
Правдата вклучува да се постапува со другите чесно и праведно. Дали ние навистина заслужуваме живот? Не. Библијата вели: „Нема праведен човек на земјата, кој прави само добро и никогаш не греши“ (Проповедник 7:20). Гревот повлекува со себе казна. Бог го предупредил првиот човек, Адам, дека во денот кога ќе згреши, сигурно ќе умре (1. Мојсеева 2:17). Подоцна, под водство на светиот дух, апостол Павле напишал: „Платата за гревот е смрт“ (Римјаните 6:23). Според тоа, ако сите потомци на Адам со право заслужуваат смрт, зошто Бог им дава можност да живеат вечно?
Можноста да живееме вечно е „дар“. Овој дар покажува колку е голема и далекосежна Божјата љубов и неговата незаслужена доброта. Библијата вели: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава, но дар е тоа што преку неговата незаслужена доброта се прогласени за праведни затоа што се ослободени со откупнината што ја плати Христос Исус“ (Римјаните 3:23, 24).
Иако сите заслужуваме да умреме, Бог избрал да им даде вечен живот на оние што го сакаат. Дали тоа е неправедно? Во Библијата пишува: „Тогаш, што да речеме? Има ли кај Бог неправда? Никако! Зашто, на Мојсеј му вели: ‚Ќе му се смилувам на оној на кого сакам да му се смилувам и ќе бидам милостив кон оној кон кого сакам да бидам милостив‘... Човеку, кој си ти да му приговараш на Бог?“ (Римјаните 9:14-20).
Во некои делови од светот, еден висок владин службеник или судија може да помилува некој криминалец што одлежува тешка казна. Ако криминалецот спремно се подложува на казнените мерки и покажува промени во ставот и однесувањето, еден судија или претседател може да одлучи да го помилува со тоа што ќе му ја намали казната или, пак, сосема ќе му ја поништи. Еден ваков чин би можел да се смета за израз на незаслужена доброта.
Слично на тоа, Јехова може да одлучи да не ги казни сите грешници со казната што ја заслужуваат. Наместо тоа, мотивиран од љубов, може да им даде вечен живот на оние што го сакаат и што се држат за неговите мерила. Библијата вели: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).
Најголемиот чин на љубов од страна на Јехова е тоа што го испратил својот Син да страда и да умре за нас. Еве што рекол Исус за својот Татко: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).
Јехова Бог ги прифаќа сите што го сакаат и ја вршат неговата волја, без разлика на нивното потекло. Значи, надежта за вечен живот е првенствено израз на незаслужена доброта, чин на најголема љубов од страна на Бог.
[Истакната мисла на страница 29]
Тоа е првенствено израз на незаслужена доброта, чин на најголема љубов од страна на Бог