Можат ли мртвите да им помогнат на живите?
Можат ли мртвите да им помогнат на живите?
ТАМБА, еден млад човек од Западна Африка, спремал испит. * Мајка му го терала да побара помош од своите починати роднини за да положи. Во Палермо (Сицилија), туристите посетуваат катакомби во кои се изложени стотици внимателно зачувани лешеви. Некои веруваат дека овие мумифицирани останки им носат божествена заштита на живите. Секоја година, луѓето одат во Лили Дејл, град во западниот дел на државата Њујорк (САД), кој е познат по неверојатно големиот број спиритистички медиуми што живеат таму. Посетителите доаѓаат со надеж дека ќе стапат во контакт со починатите роднини или пријатели, кои ќе им помогнат.
Во целиот свет луѓето веруваат дека мртвите можат да им помогнат на живите. Што мислиш ти за тоа? Можеби и ти си бил поучен така или, пак, познаваш некои што веруваат во тоа. Сосема е нормално да копнееме по нашите сакани што починале. Спиритистичките медиуми ветуваат дека можат да ја задоволат таа потреба. Во списанието Time била цитирана една жена што била таков медиум, која рекла дека суштествата од духовниот свет „секогаш се тука ако ги викнете на помош“. Дали е точно тоа? Можат ли мртвите навистина да им помогнат на живите? Можеби ќе се изненадиш кога ќе го дознаеш јасниот одговор од Библијата.
Дали мртвите живеат некаде?
Со едноставни, лесно разбирливи зборови, Библијата објаснува во каква состојба се мртвите. Забележи што пишува во Проповедник 9:5: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо“. А дали можеби мртвите чувствуваат нешто? Стих 6 ни го дава одговорот: „Љубовта нивна, и омразата нивна, и љубомората нивна ја снема, и никогаш повеќе нема да имаат дел во ништо што ќе се прави под сонцето“. Исто така, забележи дека 10. стих од истото поглавје кажува дека „нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост во гробот во кој одиш“. Зборот ‚гроб‘ што се користи овде е превод на хебрејскиот збор „шеол“. Интересно е што грчкиот еквивалент на овој збор, кој гласи „ад“, се користи во Библијата за да се каже каде бил Исус Христос некое време откако умрел (Дела 2:31).
Исус им помогнал на многумина додека бил жив, но знаел дека мора да умре. Дали очекувал дека ќе може да им помага на луѓето и додека е во гробот? Не. Тој ја споредил својата претстојна смрт со ноќ кога не може да се работи (Јован 9:4). Исус добро знаел дека, кога ќе им згасне животот на луѓето, тие стануваат „немоќни мртовци“ (Исаија 26:14).
Во една друга прилика кажал нешто слично за смртта. Кога умрел неговиот пријател Лазар, Исус ја споредил смртта со спиење (Јован 11:11-13). Сигурно не очекуваме да ни помогне некој што спие. Заспаниот човек не е свесен за ништо и не може да направи ништо за другите.
Дали душата живее по смртта?
Многумина биле поучени дека душата е нешто невидливо што продолжува да живее по смртта. Но, Библијата учи нешто сосема поинаку. Првата библиска книга, 1. Мојсеева, ни кажува што е душата. Во 1. Мојсеева 2:7 пишува дека, кога бил создаден првиот човек, тој ‚станал жива душа‘. Целиот човек е душа, а и животните се души (1. Мојсеева 1:20-25). Затоа, логично е дека, кога ќе умре човек или животно, умира една душа. Библијата го потврдува тоа (Езекиел 18:4).
Меѓутоа, некои можеби ќе прашаат: ‚Што е со многуте извештаи за луѓе што контактирале со мртвите, ги слушале нивните гласови, па дури и ги виделе?‘ Во многу делови од светот се вообичаени такви извештаи. Тие им влеваат надеж на ужалените роднини или блиски пријатели, наведувајќи многумина да бараат некој спиритистички медиум што тврди дека може да стапи во контакт со мртвите.
Дали се вистинити таквите извештаи? Ако да, зар тоа не би било противречно на она што е запишано во Библијата? Христос Исус рекол дека Божјата реч е вистина (Јован 17:17). Вистината не е противречна. Всушност, во Библијата има јасни совети во врска со тоа како треба да гледаме на тврдењата дека мртвите можат да им помогнат на живите. Библијата ни кажува за еден цар што се обидел да побара помош од мртов човек. Ако внимателно го прочитаме тој извештај, ќе ја дознаеме вистината.
Еден цар бара помош од мртов човек
Настаните се случиле на едно бојно поле во северен Израел. Цар Саул и неговите воени сили се судриле со страшната филистејска војска. Кога Саул го видел филистејскиот логор, ‚срцето силно му затреперило‘. Во тој период од своето царување, Саул отстапил од обожавањето на вистинскиот Бог. Затоа, Јехова не одговорил на неговите молитви. Каде можел да се обрати за помош, со оглед на тоа што Божјиот пророк Самоил бил мртов? (1. Самоилова 28:3, 5, 6).
Саул побарал совет од една жена во Ен-Дор, која знаела да повикува духови. Ја молел ‚да му го викне Самоил‘ од мртвите. Таа повикала еден дух. Овој „Самоил“ му рекол на Саул дека Филистејците ќе победат и дека Саул и неговите синови ќе загинат во битката (1. Самоилова 28:7-19). Дали тој дух навистина бил Самоил, кој наводно се вратил од мртвите?
Размисли за следново. Библијата вели дека, кога човек ќе умре, „се враќа во својот прав“ и тогаш „пропаѓаат неговите мисли“ (Псалм 146:4). И Саул и Самоил знаеле дека Бог осудува секаков контакт со спиритистички медиуми. Па, дури и самиот Саул предводел во потфатот со кој од Израел биле истребени спиритистичките обичаи! (3. Мојсеева 19:31).
Размисли малку за ова. Ако верниот Самоил бил сѐ уште жив како духовно суштество, зар би го прекршил Божјиот закон и би соработувал со спиритистички медиум за да се сретне со Саул? Јехова одбил да зборува со Саул. Можел ли еден медиум да го присили семоќниот Бог да комуницира со Саул преку мртвиот Самоил? Не. Јасно дека овој „Самоил“ не бил Божјиот верен пророк кој преминал во некој друг облик на живот. Се работело за еден дух — зол демон што се преправал дека е мртвиот Самоил.
Демоните се ангели што се побуниле против Божјата власт во почетокот на човечката историја (1. Мојсеева 6:1-4; Јуда 6). Овие демони може да ги набљудуваат луѓето додека се живи, па затоа знаат како зборувал, како изгледал и како постапувал секој човек. Многу сакаат да ја шират идејата дека она што го пишува во Библијата не е вистина. Не е чудо што во неа сме опоменати да немаме никакви контакти со такви духовни сили! (5. Мојсеева 18:10-12). Овие злобни духови се активни и денес.
Сега можеме да сфатиме зошто многумина велат дека ги „чуле“ или „виделе“ своите сакани што умреле. Иако понекогаш изгледа дека таквите духови се добродушни, злобните духовни сили имаат намера да ги измамат луѓето * (Ефешаните 6:12). Исто така, размисли за следново: Јехова е грижлив Бог кој нѐ сака. Ако мртвите живеат на некое друго место и можат да им дојдат на помош на своите пријатели и роднини, дали нашиот љубезен Творец би забранил такви контакти и би рекол дека се ‚одвратни‘? Секако дека не! (1. Петрово 5:7). Тогаш, може ли некаде да се најде помош?
Вистинска помош и за живите и за мртвите
Од претходно кажаното, јасно е дека мртвите се немоќни и затоа не можат да им помогнат на живите. Освен тоа, обидите да се бара помош од нив не само што се бесполезни туку и крајно опасни, бидејќи така го кршиме Божјиот закон и се изложуваме на ризик да потпаднеме под влијание на демоните.
Библијата нѐ упатува кон најдобриот Извор на помош — нашиот Творец, Јехова. Тој може да нѐ избави од смртта (Псалм 33:19, 20). Тој е секогаш спремен да ни помогне со тоа што ни дава вистинска надеж, за разлика од лажната надеж што ја даваат спиритистичките медиуми.
Тамба, кој го спомнавме во почетокот, од лично искуство научил каква е разликата помеѓу лажната надеж што ја даваат спиритистичките медиуми и вистината што ни ја открива Јехова. Медиумите тврделе дека, ако не им принесе жртва на своите мртви предци, нема да го положи испитот на училиште. Некое време пред тоа, Тамба почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Научил во каква состојба навистина се мртвите, а дознал и која е злобната сила што стои зад оние што се преправаат дека се мртвите предци. И покрај големиот притисок од мајка му да побара помош од медиум, Тамба не се согласил, велејќи ѝ: „Ако не положам, следната година ќе учам повеќе“.
Што се случило на крајот? Тој го положил испитот со највисока оценка! Мајка му била одушевена, изгубила верба во медиумите и никогаш повеќе не спомнала такви жртви. Тамба сфатил дека Јехова нѐ опоменува да не ‚им се обраќаме на мртвите во корист на живите‘ (Исаија 8:19). Проучувањето на Библијата му влеало доверба на Тамба дека, ако ужива во Божјиот закон, ќе биде успешен (Псалм 1:1-3).
Но, што е со нашите сакани што починале? Зар за нив нема надеж? Освен што им помага на оние што се живи, Јехова ветил дека ќе им помогне и на оние што се во гробот. Откако опишал колку се немоќни мртвите, забележи што објавил пророкот Исаија во 26. поглавје, 19. стих: „Твоите мртви ќе оживеат... Разбудете се и извикувајте, вие што живеете во правта!“ Пророштвото понатаму вели дека „немоќните мртовци“ повторно ќе живеат.
Замисли си го тоа! Беспомошните милијарди луѓе што спијат во гробот ќе се вратат во живот! Всушност, Библијата открива дека Јехова ‚копнее‘ да ги врати мртвите во живот (Јов 14:14, 15). Дали таквите ветувања ти звучат премногу убави за да бидат вистинити? Исус Христос бил толку уверен во оваа надеж што за мртвите зборувал како да се веќе живи во Јеховини очи (Лука 20:37, 38).
Би сакал ли и ти да ја имаш оваа надеж? * Продолжи да стекнуваш точно спознание од Библијата. Додека проучуваш, ќе се увериш дека Јехова може да им помогне и на живите и на мртвите и дека неговите ветувања се „вистинити и верни“ (Откровение 21:4, 5).
[Фусноти]
^ пас. 2 Името е сменето.
^ пас. 18 Нешто повеќе на оваа тема можеш да прочиташ во брошурата Духови на мртвите — Дали можат да ти помогнат или да ти наштетат? Дали навистина постојат?, издадена од Јеховините сведоци.
^ пас. 26 Нешто повеќе за библиското ветување дека ќе има воскресение можеш да прочиташ во 7. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 19]
Сосема е нормално да копнееме по нашите сакани што починале
[Слика на страница 20]
Дали пророкот Самоил се вратил од мртвите и комуницирал со цар Саул?