Треба ли да ја држиш саботата?
Треба ли да ја држиш саботата?
КОН крајот на 1980-тите, мали групи методисти го преплавија главниот град на Фиџи, Сува. Мажи, жени и деца — сите облечени како за в црква — ги блокираа патиштата на 70 места. Го запреа сиот комерцијален сообраќај, како и домашните и меѓународните летови. Зошто го направија тоа? Затоа што бараа во државата повторно да се воведе задолжително држење на саботата.
Во Израел, секоја нова повеќекатница изградена по 2001 год. мора да има барем еден лифт што автоматски запира на секој кат. Зошто? За побожните Евреи, кои ја држат саботата од петок навечер до сабота навечер, да не мора да „работат“ со тоа што ќе ги притискаат копчињата на лифтот.
Во Тонга, едно кралство на Јужниот Пацифик, забрането е да се врши секаква работа во недела. Не е дозволено да слета ниеден авион и не смее да вплови ниеден брод. Не се смета за валиден ниту еден договор што ќе се потпише на тој ден. Уставот на Тонга наложува сите луѓе неделата да ја сметаат за „света“, без оглед на нивните лични верски убедувања. Зошто? За да се воведе држење на ден за одмор во целата земја.
Како што покажуваат овие примери, многу луѓе сметаат дека Бог бара од нив да не работат еден ден во
седмицата. Всушност, некои велат дека е многу битно да се држи саботата, верувајќи дека од тоа зависи нашето вечно спасение. Други, пак, сметаат дека празнувањето на саботата е најважната заповед што ја дал Бог. Што е саботата? И дали Библијата ги поттикнува христијаните да ја држат?Што е саботата?
Хебрејскиот збор што се преведува со „сабота“ значи „се одмора, прекинува, престанува“. Иако во извештајот од 1. Мојсеева пишува дека на седмиот ден Јехова Бог почивал од своите дела на создавање, дури во времето на Мојсеј, на Божјиот народ му било речено да држи 24-часовен ден за одмор, или сабота (1. Мојсеева 2:2). Откако Израелците излегле од Египет во 1513 год. пр.н.е., Јехова со чудо им обезбедил мана во пустината. Кога им било кажано да го собираат овој леб, добиле едно додатно упатство: „Шест дена ќе собирате, но седмиот ден е ден за одмор. Тогаш ќе го нема“ (2. Мојсеева 16:26). Потоа е запишано дека ‚народот се одморал на седмиот ден‘, од зајдисонце во петок навечер до зајдисонце во сабота навечер (2. Мојсеева 16:30).
Кратко време откако биле изнесени тие упатства, Јехова дал еден закон во врска со држењето на саботата, кој бил вклучен во Десетте заповеди што му биле дадени на Мојсеј (2. Мојсеева 19:1). Во четвртата од тие заповеди пишувало: „Сеќавај се на денот за одмор и нека ти биде свет. Шест дена работи и извршувај ја сета своја работа. А седмиот ден е ден за одмор посветен на Јехова, твојот Бог“ (2. Мојсеева 20:8-10). Така, држењето на саботата станало составен дел од животот на Израелците (5. Мојсеева 5:12).
Дали Исус држел сабота?
Да, Исус ја држел саботата. За него е запишано: „Кога се наврши времето, Бог го испрати својот Син, роден од жена и подложен на законот“ (Галатите 4:4). Исус бил роден како Израелец и затоа бил обврзан да го држи Законот, а тоа го вклучувало и законот за саботата. Дури по смртта на Исус бил укинат сојузот на Законот (Колошаните 2:13, 14). Тоа што знаеме кога се случиле овие настани ни помага да сфатиме како гледа Бог на оваа работа. (Види ја табелата на 15. страница.)
Точно е дека Исус рекол: „Немојте да мислите дека дојдов да ги обезвреднам Законот или Пророците. Не дојдов да обезвреднам, туку да исполнам“ (Матеј 5:17). Но, што значи изразот ‚да исполни‘? Да наведеме еден пример: Еден градител ќе го исполни договорот да изгради некој објект, не со тоа што ќе го искине договорот, туку со тоа што ќе го направи објектот. Меѓутоа, штом ќе ја заврши работата и муштеријата ќе биде задоволен, договорот е исполнет и градителот повеќе не е обврзан да се придржува за него. Слично на тоа, Исус не го прекршил, односно не го искинал Законот, туку го исполнил со тоа што совршено го држел. Штом бил исполнет тој „договор“ на Законот, Божјиот народ повеќе не бил обврзан да го држи.
Барање и за христијаните?
Бидејќи Христос го исполнил Законот, дали христијаните се обврзани да ја држат саботата? Под водство на светиот дух, апостол Павле дал одговор на ова прашање: „Затоа, никој да не ви кажува што да јадете и да пиете и да не ви заповеда да славите празници или млади месечини или саботи, зашто тоа е само сенка на она што доаѓа, а самата стварност е Христос“ (Колошаните 2:16, 17).
Овие вдахновени зборови укажуваат на една голема промена во она што го бара Бог од своите слуги. Зошто дошло до таква промена? Затоа што христијаните се под еден нов закон, „законот Христов“ (Галатите 6:2). Претходниот сојуз на Законот што му бил даден на Израел преку Мојсеј престанал да важи кога бил исполнет со Исусовата смрт (Римјаните 10:4; Ефешаните 2:15). Дали повеќе не важела ни заповедта во врска со држењето на саботата? Да. Откако рекол дека „сме ослободени од Законот“, Павле се осврнал на една од Десетте заповеди (Римјаните 7:6, 7). Значи, Десетте заповеди — вклучувајќи го и законот за саботата — се дел од Законот кој престанал да важи. Според тоа, од оние што му служат на Бог повеќе не се бара да ја празнуваат саботата, односно да имаат задолжителен ден за одмор секоја седмица.
Промената од израелскиот во христијанскиот начин на служење на Бог може да се илустрира со следниов пример: Една држава може да го промени својот устав. Штом законски се воведе новиот устав, од луѓето повеќе не се бара да го почитуваат стариот. Иако некои од законите на новиот устав можеби се исти како оние во претходниот, други се различни. Затоа, човек мора внимателно да го проучи новиот устав за да види кои закони важат сега. Освен тоа, еден лојален граѓанин ќе се информира и за датумот кога стапува на сила новиот устав.
Слично на тоа, Јехова Бог му дал на Израел преку 600 закони, вклучувајќи ги и десетте главни. Во нив спаѓале законите поврзани со моралот, жртвите, здравјето и држењето на денот за одмор. Меѓутоа, Исус рекол дека неговите помазани следбеници ќе сочинуваат еден нов „народ“ (Матеј 21:43). Почнувајќи од 33 год. од н.е., овој народ добил еден нов „устав“, кој се темелел на два основни закона — љубовта кон Бог и љубовта кон ближниот (Матеј 22:36-40). Иако „законот Христов“ вклучува одредби што се слични на оние од Законот што му бил даден на Израел, не треба да се изненадиме што некои од тие закони се многу поинакви, а други веќе не постојат. Одредбата да се држи саботата спаѓа во оние закони што повеќе не важат.
Дали Бог ги променил своите мерила?
Дали овој премин од Мојсеевиот Закон на законот на Христос значи дека Бог ги променил своите мерила? Не. Исто како што еден родител ќе ги усогласи своите правила со потребите на своите деца, земајќи ја предвид нивната возраст и околности, така и Јехова ги усогласил законите што му ги дал на својот народ. Апостол Павле вака го објаснил тоа: „Пред да дојде верата, бевме чувани под законот, предадени во заточение, чекајќи ја верата која требаше да се објави. Така Законот ни беше воспитувач кој нѐ водеше до Христос, за да бидеме прогласени за праведни поради верата. А откако дојде верата, повеќе не сме под воспитувач“ (Галатите 3:23-25).
Каква врска имаат со саботата овие зборови на Павле? Размисли за следниов пример: Додека оди на училиште, еден ученик можеби треба да учи некој предмет, да речеме дрводелство, во одреден ден од седмицата. Меѓутоа, кога ќе почне да работи, занаетот што го научил ќе треба да го извршува не само тој ден, туку секој ден од седмицата. Слично на тоа, додека биле под Законот, од Израелците се барало да си одвојат еден ден секоја седмица за одмор и за духовни активности. Но, од христијаните не се бара да му служат на Бог само еден ден во седмицата, туку секој ден.
Според тоа, дали е погрешно да се одвојува еден ден секоја седмица за одмор и за духовни активности? Не. Божјата Реч остава таа одлука да си ја донесе секој сам, и вели: „Некој смета дека едниот ден е поважен од другиот, а друг смета дека сите денови се исти. Секој нека биде сосема уверен во своето мислење“ (Римјаните 14:5). Иако некој можеби смета дека еден ден е поважен од другите, Библијата јасно покажува дека Бог не очекува од христијаните да ја држат саботата.
[Истакната мисла на страница 12]
„Шест дена ќе собирате, но седмиот ден е ден за одмор. Тогаш ќе го нема“ (2. МОЈСЕЕВА 16:26)
[Истакната мисла на страница 14]
„Законот ни беше воспитувач кој нѐ водеше до Христос, за да бидеме прогласени за праведни поради верата. А откако дојде верата, повеќе не сме под воспитувач“ (ГАЛАТИТЕ 3:24, 25)
[Рамка/графикон на страница 13]
Меѓународната датумска граница и саботата
Меѓународната датумска граница претставува предизвик за оние што веруваат дека мора да ја држат саботата на ист ден во целиот свет. Датумската граница е замислена линија што се протега низ поголемиот дел на Тихиот Океан по должината на 180-тиот меридијан. Земјите западно од датумската граница се еден ден пред оние што се источно од неа.
На пример, кога е недела на Фиџи и на Тонга, тогаш е сабота на Самоа и Ниуе. Затоа, ако некој го држи седмичниот ден за одмор на Фиџи во сабота, членовите на истата религија што живеат на Самоа, на оддалеченост од само 1.145 километри, работат затоа што таму е петок.
За припадниците на Адвентистичката црква на Седмиот ден што живеат на Тонга задолжителен ден за одмор е неделата, со образложение дека на тој начин ја држат саботата во исто време кога тоа го прават и нивните соверници на Самоа, нешто подалеку од 850 километри. Меѓутоа, во исто време, верниците од истата религија што живеат на Фиџи, нешто поблиску од 800 километри, не одмораат затоа што таму е недела, а тие го држат денот за одмор во сабота!
[Графикон]
\
\
\
\ САМОА
\
— ― ― ― ― ― ― ―
ФИЏИ \
Недела \ Сабота
\
\
ТОНГА \
\
\
\
[Табела на страница 15]
(Види во публикацијата)
Важни податоци во врска со саботата:
Иако во некој библиски стих можеби пишува дека е потребно да се држи саботата, треба да утврдиме во кое време било напишано тоа.
4026 ПР.Н.Е. ПРЕД ВРЕМЕТО НА МОЈСЕЈ
СОЗДАДЕН Е АДАМ Законот за држење ден за одмор не бил
даден пред времето на Мојсеј и
Израелците (5. Мојсеева 5:1-3, 12-14).
1513 ПР.Н.Е. ЗАКОНОТ ШТО БОГ МУ ГО ДАЛ НА ИЗРАЕЛ
НА ИЗРАЕЛ МУ Е Законот за држење на ден за одмор
ДАДЕН ЗАКОНОТ не им бил даден на другите народи
(Псалм 147:19, 20). Тој бил даден како
„знак“ помеѓу Јехова и синовите на
Израел (2. Мојсеева 31:16, 17).
Седмичната сабота била само еден
од многуте периоди за одмор што
требало да ги држат Израелците
(3. Мојсеева 16:29-31; 23:4-8;
33 ОД Н.Е. ЗАКОНОТ НА ХРИСТОС
КРАЈ НА ЗАКОНОТ ШТО МУ Кога утврдувале што бара Бог од
БИЛ ДАДЕН НА ИЗРАЕЛ христијаните, во 49 год. од н.е.,
апостолите и старешините во Ерусалим
не спомнале дека треба да се држи
саботата (Дела 15:28, 29).
Апостол Павле покажал загриженост
за христијаните што тврделе дека
треба да се држат посебни денови
2010 ОД Н.Е.
[Слика на страница 11]
Весници во кои се известува за барикадите од групи методисти, кои бараа на Фиџи повторно да се воведе задолжително држење на саботата
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Fiji Times