Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Во кои други извори освен во Библијата постојат докази дека Исус бил вистинска историска личност?

Исус го спомнале многу световни писатели што живееле отприлика во негово време. Еден од нив бил Корнелиј Тацит, кој ја запишал историјата на Рим за време на владеењето на императорите. Во врска со пожарот што го опустошил Рим во 64 год. од н.е., Тацит раскажува дека се ширеле гласини дека зад таа катастрофа стоел императорот Нерон. Според овој историчар, Нерон се обидел да ја префрли вината врз една група верници што народот ги нарекувал христијани. Тацит пишува: „Христос, од кого доаѓа нивното име, бил погубен од управителот Понтиј Пилат за време на владеењето на Тибериј“ (Annals [Анали], XV, 44).

И еврејскиот историчар Јосиф Флавиј го спомнува Исус. Зборувајќи за настаните што се случиле меѓу смртта на Фест, кој бил римски управител на Јудеја некаде во 62 год. од н.е., и стапувањето на власт на неговиот наследник Албин, Јосиф вели дека првосвештеникот Анан (Ана) „ги собрал судиите на Судскиот совет и го изнел пред нив човекот по име Јаков, братот на Исус, кој бил наречен Христос, како и некои други“ (Jewish Antiquities [Еврејски старини], XX, 200 [ix, 1]).

Зошто Исус бил наречен Христос?

Извештаите од евангелијата покажуваат дека, кога ангелот Гавриел ѝ се појавил на Марија да ѝ каже дека ќе забремени, ѝ рекол дека на синот што ќе ѝ се роди треба да му го даде името Исус (Лука 1:31). Тоа било доста вообичаено име меѓу Евреите во библиско време. Еврејскиот историчар Јосиф спомнува уште 12 други луѓе, освен оние што се среќаваат во Библијата, кои го носеле тоа име. Синот на Марија бил наречен „Назареќанецот“ за да се знае дека тој бил Исус што доаѓал од Назарет (Марко 10:47). Исто така, станал познат како „Христос“, или Исус Христос (Матеј 16:16). Што значи тоа?

Зборот „Христос“ доаѓа од грчкиот збор христо́с, кој има исто значење со хебрејскиот збор машијах (месија). Буквалното значење на двата збора е „помазаник“. Овој термин соодветно се применувал и на други лица пред Исус. На пример, за Мојсеј, Арон и цар Давид било речено дека се помазани, што значи дека Бог им дал одредена власт и ги поставил на одговорни положби (3. Мојсеева 4:3; 8:12; 2. Самоилова 22:51; Евреите 11:24-26). Исус, проречениот Месија, бил најистакнатиот претставник на Јехова. Затоа, со право бил наречен „Христос, Синот на живиот Бог“ (Матеј 16:16; Даниел 9:25).

[Слика на страница 15]

Цртеж на Јосиф Флавиј