Исус Христос — колку е силна неговата порака
Исус Христос — колку е силна неговата порака
„Нема сомнение дека најголемата оставина на мудрецот од Капернаум е тоа што до ден-денес успева да допре до срцето и умот на луѓето“ * (ПИСАТЕЛОТ ГРЕГ ИСТЕРБРУК)
ЗБОРОВИТЕ имаат огромна моќ. Добро избраните мудри зборови можат да допрат до срце, да влеат надеж и да променат животи. Ниеден човек не кажал зборови што имале толку силно влијание како зборовите на Исус Христос. Еден од оние што ја чуле неговата прочуена Проповед на гората напишал: „Кога Исус го заврши својот говор, мноштвата беа восхитени од неговото поучување“ (Матеј 7:28).
И во денешно време, многу изјави што ги кажал Исус им се познати на луѓето низ целиот свет. Да наведеме само неколку негови изреки што имаат длабоко значење.
„Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“ (Матеј 6:24).
„Според тоа, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12).
„Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог!“ (Матеј 22:21).
„Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).
Иако е точно дека Исус кажувал работи што се запаметени до ден-денес, тоа не било сѐ. Пораката што ја проповедал имала моќ затоа што ја содржела вистината за Бог, им помагала на луѓето да најдат вистинска смисла во животот и јасно покажала кое е решението за човечките страдања — Божјето Царство. На следните страници ќе ја разгледаме оваа порака и ќе видиме зошто Исус сѐ уште „успева да допре до срцето и умот“ на милиони луѓе.
[Фуснота]