Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Твоето царство ќе трае довека‘

‚Твоето царство ќе трае довека‘

Приближи му се на Бог

‚Твоето царство ќе трае довека‘

2. САМОИЛОВА 7:1-16

НИЗ човечката историја, многу владетели ја изгубиле својата положба. Некои не биле повторно изгласани, додека други биле присилно симнати од власт. А што може да се каже за Исус Христос, Царот на Божјето небесно Царство? Може ли нешто да го спречи да владее како Цар поставен од Бог? Одговорот можеме да го најдеме во зборовите што Јехова му ги кажал на Давид, царот на древниот Израел. Тие се запишани во 2. Самоилова, 7. поглавје.

Во почетокот на поглавјето дознаваме дека Давид бил засрамен што тој, како човечки цар, живеел во убава палата, а Божјиот ковчег се наоѓал во обичен шатор. * Овој цар изразил желба да му изгради на Јехова убав дом, односно храм (стих 2). Но, Давид немало да биде тој што ќе изградел таков дом. Преку пророкот Натан, Јехова му кажал дека храмот ќе го направи еден од неговите синови (стихови 4, 5, 12, 13).

Јехова бил трогнат од искрената желба на Давид. Поради верноста на Давид и во склад со пророштвото, Бог склучил со него сојуз дека ќе подигне некој од неговата царска лоза што ќе владее засекогаш. Натан му го пренел на Давид следново свечено ветување од Бог: „Твојот дом и твоето царство ќе траат довека. Твојот престол цврсто ќе стои довека“ (стих 16). Кој е вечниот Наследник на овој сојуз, односно Оној што ќе владее засекогаш? (Псалм 89:20, 29, 34-36).

Исус од Назарет бил потомок на Давид. Кога го објавил раѓањето на Исус, еден ангел рекол: „Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко, и тој ќе царува во домот на Јаков засекогаш, и неговото царство ќе нема крај“ (Лука 1:32, 33). Затоа, сојузот со Давид се исполнил на Исус Христос. Значи, тој не владее затоа што е избран од луѓе, туку е овластен да владее засекогаш на темел на едно свечено ветување што го дал Бог. А да не заборавиме дека Божјите ветувања секогаш се исполнуваат (Исаија 55:10, 11).

Од 2. Самоилова 7. поглавје учиме две важни работи. Прво, можеме да бидеме уверени дека никој и ништо не може да го спречи Исус Христос да владее. Затоа, може да бидеме сигурни дека ќе ја постигне целта на своето владеење, имено, Божјата волја потполно да се извршува на Земјата исто како на небото (Матеј 6:9, 10).

Второ, од овој извештај учиме за Јехова нешто што нѐ воодушевува. Сети се дека тој ја видел и ја ценел желбата што Давид ја имал во своето срце. Колку е утешно да знаеме дека Јехова ја гледа и ја цени службата што ја вршиме за него со сета душа! Понекогаш, некои околности врз кои немаме контрола, како што се слабото здравје или староста, можат да нѐ спречат да го правиме сето она што нашето срце копнее да го прави во службата за Бог. Ако е така, може да црпиме утеха од мислата дека Јехова ги гледа дури и искрените желби во срцето на оној што верно му служи.

[Фуснота]

^ пас. 2 Ковчегот на сојузот бил свет ковчег направен по заповед на Јехова и според планот што го дал тој. Ја претставувал Јеховината присутност во древниот Израел (2. Мојсеева 25:22).