Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што кажал Исус за Божјето Царство

Што кажал Исус за Божјето Царство

Што кажал Исус за Божјето Царство

„Почна да оди од град во град и од село во село, проповедајќи... ја добрата вест за Божјето царство“ (ЛУКА 8:1)

СЕКОЈ сака да зборува за она што му е важно, за она што му значи. Како што рекол и самиот Исус, „устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Матеј 12:34). Врз основа на она што го кажувал Исус додека ја извршувал својата служба, можеме да заклучиме дека нему Божјето Царство му било многу важно.

Што е Божјето Царство? Едно Царство е влада со која управува цар. Според тоа, Божјето Царство е влада што ја воспоставил Бог. Исус зборувал многу за Божјето Царство, кое било главна тема на неговата порака. Во четирите евангелија тоа се спомнува повеќе од 110 пати. Но, Исус не поучувал само со зборови. И неговите постапки многу кажувале за Божјето Царство и за сѐ што ќе направи тоа.

Кој е Царот? Царот на Божјето Царство не е изгласан од луѓе. Напротив, тој Владетел е избран лично од Бог. Кога поучувал, Исус открил дека Бог го одредил него да биде цар.

Исус знаел дека, според библиските пророштва, ветениот Месија ќе владее со едно вечно Царство (2. Самоилова 7:12-14; Даниел 7:13, 14; Матеј 26:63, 64). Сети се дека Исус отворено кажал дека тој е проречениот Месија. Со тоа потврдил дека е Царот што е поставен од Бог (Јован 4:25, 26). Исус со право го употребил неколкупати изразот „моето царство“ (Јован 18:36).

Тој ги поучил луѓето дека ќе има и други што ќе владеат со него во Царството (Лука 22:28-30). Тие совладетели ги нарекол „мало стадо“ бидејќи нивниот број требало да биде ограничен. За нив рекол: „Волјата на вашиот Татко е да ви го даде царството“ (Лука 12:32). Последната книга од Библијата покажува дека вкупно 144.000 лица ќе ја имаат честа да владеат со Христос (Откровение 5:9, 10; 14:1).

Каде е тоа Царство? „Моето царство не е дел од овој свет“, му рекол Исус на римскиот управител Понтиј Пилат (Јован 18:36). Божјето Царство на чело со Христос нема да владее преку човечки застапници. Исус постојано зборувал за Божјето Царство како за „небесното царство“ * (Матеј 4:17; 5:3, 10, 19, 20). Значи, тоа Царство е небесна влада.

Исус со сигурност знаел дека ќе се врати на небото откако бил на Земјата. Рекол дека таму ќе ‚приготви место‘, односно ќе им го отвори патот на своите совладетели да му се придружат (Јован 14:2, 3).

Што прави тоа Царство? Исус ги поучил луѓето да се молат: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Божјата волја веќе се врши на небото. Преку Царството ќе се исполни и Божјата намера со Земјата. За таа цел, Царството ќе направи драстични промени на Земјата.

Што ќе направи Царството на Земјата? Исус поучувал дека Божјето Царство ќе го отстрани злото со тоа што ќе ги истреби сите што упорно прават лоши работи (Матеј 25:31-34, 46). Тоа ќе значи крај на расипаноста и злобата. Тој кажувал дека Земјата ќе биде полна со луѓе што се кротки, праведни, милосрдни, со чисто срце и мирољубиви (Матеј 5:5-9).

Дали таквите верни луѓе ќе треба да живеат на една загадена планета? Се разбира дека не! Исус ветил дека на Земјата ќе настапат прекрасни промени кога ќе владее Божјето Царство. Еден човек што бил прикован на столбот до Исус, рекол: „Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство!“ Исус му одговорил: „Вистина, ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:42, 43). Да, кога ќе владее Божјето Царство, целата Земја ќе биде претворена во рај — сличен на оној што постоел во еденската градина.

Што друго ќе направи Божјето Царство за луѓето? Исус ветил дека Божјето Царство ќе направи многу работи, но и покажал како ќе биде тогаш. Тој со чудо излекувал многу луѓе, и на тој начин открил само дел од она што ќе го направи во многу поголеми размери во иднина, кога ќе владее Царството. Во едно евангелие, кое било напишано под водство на светиот дух, го читаме следново за Исус: „Минуваше низ цела Галилеја, поучувајќи во нивните синагоги, проповедајќи ја добрата вест за царството и лекувајќи секаква болест и секаква немоќ кај народот“ (Матеј 4:23).

Исус лекувал најразлични болести. Тој ‚му ги отворил очите на човек што бил слеп од раѓање‘ (Јован 9:1-7, 32, 33). Со нежен допир излекувал еден човек кој имал одвратна болест наречена лепра (Марко 1:40-42). Кога му донеле „глув човек со говорна маана“, Исус покажал дека може да направи ‚глувите да слушаат, а немите да зборуваат‘ (Марко 7:31-37).

Дури ни смртта не можела да му се спротивстави на Царот поставен од Бог. Во Библијата можеме да прочитаме дека вратил во живот три лица што биле мртви. Го воскреснал синот единец на некоја вдовица, едно 12-годишно девојче и својот драг пријател Лазар (Лука 7:11-15; 8:41-55; Јован 11:38-44).

Опишувајќи ја прекрасната иднина што ги чека поданиците на Божјето Царство, Исус го претскажал следново преку својот апостол Јован: „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 1:1; 21:3, 4). Замисли си — свет во кој ќе нема солзи, тага, болка ни смрт! Тогаш потполно ќе се исполни молитвата да се врши Божјата волја и на Земјата како што се врши на небото.

Кога ќе дојде Божјето Царство? Исус поучувал дека ќе почне да владее како Цар во исто време кога ќе започне и периодот наречен Христова „присутност“. Тој кажал едно пророштво кое во детали опишува кога ќе почне неговата царска присутност. Овој временски период требало да се карактеризира со неволји во целиот свет, вклучувајќи војни, глад, земјотреси, смртоносни зарази и сѐ поголемо беззаконие (Матеј 24:3, 7-12; Лука 21:10, 11). Ваквите и многу други обележја што ги прорекол Исус станале особено очигледни од 1914 година, кога избувнала Првата светска војна. Значи, сега Исус владее како Цар. Наскоро ќе настапи времето кога Царството ќе дојде и ќе ја спроведе Божјата волја на Земјата. *

Што ќе значи за тебе доаѓањето на Божјето Царство? Сѐ зависи од тоа како ќе реагираш на пораката на Исус.

[Фусноти]

^ пас. 8 Во Евангелието според Матеј, изразот „небесното царство“ се појавува околу 30 пати.

^ пас. 17 Нешто повеќе за тоа од каде знаеме дека е близу Божјето Царство можеш да прочиташ во 9. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, со наслов „Дали живееме во ‚последните денови‘?“ Оваа публикација е издадена од Јеховините сведоци.