Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Кои привилегии и одговорности ги носело со себе правото на првородство?

Уште од времето на патријарсите, Божјите слуги им давале на своите првородени синови посебни права. Кога ќе умрел таткото, најстариот син ја преземал улогата на семеен поглавар. Се грижел за семејството и имал авторитет над сите членови на домаќинството што останувале да живеат под неговиот покрив. Освен тоа, првородениот го претставувал семејството пред Бог. Иако сите синови добивале наследство, првородениот го добивал најголемиот дел. Во споредба со имотот што го наследувале другите синови, тој добивал двојно повеќе.

Но, можело да се случи најстариот син да го изгуби своето право на првородство. На пример, Исав му го продал тоа право на својот помлад брат (1. Мојсеева 25:30-34). Јаков го пренел правото на првородство од својот прв син Рувим на помалиот син Јосиф. Рувим го изгубил тоа право затоа што извршил неморал (1. Летописи 5:1). Меѓутоа, додека бил на сила Мојсеевиот закон, човекот што имал повеќе жени не можел да го префрли правото на првородство од својот првороден син од една жена на првородениот син од друга жена само затоа што неа ја сакал повеќе. Таткото требало да го почитува правото што му припаѓало на првородениот (5. Мојсеева 21:15-17).

Зошто книжниците и фарисеите носеле филактерии?

Исус им приговорил на своите верски противници, книжниците и фарисеите, затоа што ги зголемувале филактериите, односно ‚кутичињата за чување на делови од текстот на Мојсеевиот закон, кои се носеле како амајлии‘ (Матеј 23:2, 5, фуснота). Припадниците на тие верски групи си врзувале на челото мали, црни, кожени кутичиња во форма на коцка или квадар. Исто така, ги врзувале и под мишката за да им бидат близу до срцето. Во тие кутичиња имало извадоци од Светото писмо. Обичајот да се носат такви кутичиња, познати како филактерии, доаѓал од буквалното толкување на заповедта што Бог им ја дал на Израелците, која гласела: „Овие зборови што ти ги заповедам денес нека ти се врежат во срцето... И врзи си ги на рака како знак“ и „како лента на челото“ (5. Мојсеева 6:6-8). Не е познато кога точно бил воведен обичајот да се носат филактерии, но повеќето изучувачи сметаат дека тоа било некаде во третиот или вториот век пр.н.е.

Исус не го одобрил овој обичај од две причини. Прво, книжниците и фарисеите ги зголемувале своите филактерии за да им покажат на другите колку се побожни. Второ, тие погрешно си мислеле дека таквите кутичиња во кои имало делови од Светото писмо ќе им служат како амајлии за заштита. Грчкиот збор за тие кутичиња, филактерион, во небиблиската литература се преведува како „стража“, „зајакнување“ или „средство за заштита“.