Како да го следиме Христос
Што учиме од Исус
Како да го следиме Христос
Кога некој ќе поверувал во него, Исус честопати му велел: „Појди по мене“ (Матеј 9:9; 19:21). Што значи тоа да се оди по Исус, односно да се биде христијанин? Да го разгледаме одговорот на три важни прашања.
Како треба да постапуваш со другите?
▪ Еден ученик на Исус треба да ги следи упатствата во врска со тоа како да постапува со другите. На пример, Исус рекол: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“. Што ако те навреди некој? Исус рекол: „Брзо реши го спорот со оној што те тужи“. А на своите следбеници им го рекол и ова: „Ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вам вашите престапи“ (Матеј 5:25; 6:15; 7:12).
За оние што се во брак, Исус го дал овој совет: „Сте чуле дека било речено: ‚Не врши прељуба!‘ А јас ви велам: секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“. Еден вистински христијанин дозволува Исусовите учења да влијаат и врз неговиот ум и врз неговото срце (Матеј 5:27, 28).
Вистинските христијани се откажуваат од личната удобност за да им помагаат на другите. Исус бил самопожртвуван. На пример, за време на едно напорно проповедничко патување, тој и неговите апостоли немале време дури ни да јадат. Затоа, Исус ги повел со чамец на едно осамено место за да се одморат. Но, луѓето чуле каде ќе оди и отрчале на тоа место пред него. Во Библијата читаме: „Кога излезе, виде многу народ, па се сожали на нив, зашто беа како овци без пастир. И почна да ги поучува за многу работи“ (Марко 6:30-34). Можеш да се угледаш на Исус со тоа што ќе го правиш она што Бог го бара од тебе, иако при тоа ќе наидеш на тешкотии.
Зошто треба да ја проповедаш добрата вест?
▪ Исус ги поучил своите следбеници да ја шират добрата вест. На апостолите им рекол: „Додека одите, проповедајте: ‚Се приближи царството небесно‘“ (Матеј 10:7). Следбениците на Исус носат една многу вредна порака. Во молитва, Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог“ (Јован 17:3).
Исус прорекол дека ќе се извршува едно дело во кое ќе учествуваат милиони негови следбеници. Тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:14). Ако си научил нешто за Божјето Царство и веруваш во она што го пишува во Библијата, без сомнение, со радост ќе им зборуваш на другите за она што го знаеш. Мнозина почнуваат така што најнапред им кажуваат на своите роднини за Божјето Царство (Јован 1:40, 41).
Зошто треба да се крстиш?
▪ Кога се крстил во реката Јордан, Исус во молитва рекол: ‚Дојдов да ја вршам твојата волја, Боже‘ (Евреите 10:7). Ако сакаш да ја вршиш Божјата волја, и ти треба да се крстиш. Исус заповедал: „Правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги“ (Матеј 28:19).
Кои одговорности и благослови доаѓаат со крштавањето? Крстените следбеници на Исус му служат на Бог со сета своја душа. Исус го цитирал Божјиот закон: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа“ (Матеј 22:37). Исто така, тој рекол: „Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе“ (Матеј 16:24). Со крштавањето едно лице покажува дека решило да се откаже од себе и дека наместо тоа сака да му припаѓа на Бог. Оние што имаат таков близок однос со Бог, може да го молат да им даде чиста совест (1. Петрово 3:21).
Нешто повеќе можеш да прочиташ во 18. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.