Тајни на семејната среќа
Помогни им на децата да станат одговорни личности
Џорџ: a „Секоја вечер се повторуваше истото. Мојот 4-годишен син Мајкл ги оставаше играчките расфрлани низ целиот стан. Се обидов да го натерам да ги раскрева пред да си легне. Но, тогаш Мајкл ќе се налутеше и ќе почнеше да вреска и да се палави. Понекогаш толку ме нервираше што му се развикував, ама тогаш ни беше уште потешко и на двајцата. Сакав легнувањето в кревет да му биде убав момент. Затоа, престанав да се обидувам и самиот средував сѐ“.
Емили: „Проблемот почна кога мојата 13-годишна ќерка, Џени, не ја разбрала наставничката како да ја заврши задачата што ѝ ја дала. Кога се врати од училиште, Џени плачеше цел час. Ѝ реков да ја праша следниот час на училиште, ама таа упорно тврдеше дека наставничката е лоша и не се осмелуваше да зборува со неа. Бев на искушение налутено да појдам во училиштето и да ѝ кажам на наставничката што мислам за неа. Сметав дека никој нема право да ми го нервира детето!“
ДАЛИ си се нашол во ситуација како Џорџ и Емили? И на многу други родители им е тешко да гледаат како нивното дете се мачи со некој проблем или се нервира. Сосема е природно родителите да се обидуваат да ги заштитат своите деца. Меѓутоа, факт е дека родителите можат да ги искористат ситуациите што ги спомнавме за да го научат своето дете да биде одговорно. Се разбира, она што може да го научи дете од 4 години и дете од 13 години не е исто.
Но, факт е дека нема секогаш да бидеш крај детето за да го заштитиш од проблемите во животот. Со текот на времето, детето ќе ги остави татка си и мајка си и „ќе го носи својот товар“ на одговорност (Галатите 6:5; 1. Мојсеева 2:24). За да ги научат децата да се грижат за себе кога ќе пораснат, родителите мора да си постават за цел да им помогнат да станат несебични, грижливи и одговорни личности. Тоа воопшто не е лесно!
За среќа, родителите можат да се угледаат на Исус кој дал прекрасен пример со начинот на кој ги поучувал своите ученици. Исус не бил родител во вистинска смисла на зборот. Но, неговата цел кога ги избирал и ги обучувал учениците била да ги оспособи да го извршуваат делото на проповедање, и тоа да го прават дури и по неговото заминување (Матеј 28:19, 20). Она што го постигнал Исус е слично на целта што секој родител би сакал да ја постигне кога ги учи своите деца да станат одговорни личности. Да разгледаме само три аспекти од примерот што им го дал Исус на родителите.
‚Дај му пример‘ на своето дете.
Кратко пред крајот на својот живот, Исус им рекол на учениците: „Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас“ (Јован 13:15). Слично на тоа, и родителите треба да објаснат и со својот пример да покажат што точно значи да се биде одговорна личност.
Прашај се: ‚Дали често зборувам позитивно за моите одговорности? Дали кажувам колку сум задоволен и радосен кога ќе направам нешто за другите, или често се жалам и се споредувам со оние на кои изгледа дека им е полесно во животот?‘
Точно, никој не е совршен. Секој од нас понекогаш се чувствува преоптоварено. Но, веројатно најмногу ќе им помогнеш на своите деца да видат колку е важно и колку е корисно да постапуваат одговорно ако им го покажеш тоа со својот пример.
ПРЕДЛОГ: Доколку е можно, понекогаш земи го детето со тебе на работа и покажи му што правиш за да го издржуваш семејството. Заедно со него помогни му на некој кому му треба помош. Потоа разговарај со него и кажи му колку си радосен што си ја завршил таа одговорна работа (Дела 20:35).
Имај разумни очекувања.
Исус знаел дека на неговите ученици ќе им треба време за да бидат спремни да ги исполнат улогите и одговорните задачи што им ги дал. Еднаш им рекол: „Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да носите“ (Јован 16:12). Исус не барал од своите ученици веднаш да прават нешто сами. Наместо тоа, посветил доста време за да ги научи многу работи. Дури откако проценил дека се спремни, Исус ги испратил учениците сами да ја извршат задачата.
Слично на тоа, неразумно е родителите да бараат од децата да носат одговорности на возрасен пред да бидат спремни за тоа. Сепак, додека децата растат, родителите треба да одредат кои задачи би можеле да ги извршат. На пример, родителите треба да ги научат децата одговорно да се грижат за личната хигиена, да си ја средуваат собата, да бидат точни и да ги трошат парите разумно. Кога едно дете ќе тргне на училиште, родителите треба да очекуваат од него да гледа на задачите на училиште како на важна обврска што мора да ја исполни.
Родителите не треба само да им доделуваат одговорни задачи на своите деца. Тие мора и да му помагаат на детето да успее да ги заврши. Џорџ, таткото што го спомнавме, сфатил дека Мајкл се растревожувал кога требало да ги раскрене играчките затоа што тоа му изгледало многу тешко. „Наместо само да му свикам на Мајкл да ги крене играчките“, вели Џорџ, „се обидов да го научам како да го прави тоа.“
Што направил? Џорџ вели: „Прво, одредивме време секоја вечер кога ќе ги собираме играчките. Потоа заедно со Мајкл средувавме дел по дел од собата. Го правевме тоа преку игра, дури и се натпреварувавме кој ќе заврши прв. Наскоро сето тоа стана дел од подготовката за легнување в кревет. Му ветив на Мајкл дека, ако заврши побрзо, ќе му прочитам уште една приказна пред да си легне. Ама ако се влечка, тогаш ќе читаме приказни пократко време“.
ПРЕДЛОГ: Добро размисли кои домашни обврски би можел реално да очекуваш да ги изврши секое од твоите деца.
Прашај се: ‚Има ли некои работи што сѐ уште ги правам за моите деца, а би можеле да ги прават сами?‘ Ако е така, соработувај со нив сѐ додека не се увериш дека можат сами да ги завршуваат. Јасно кажи им дека ќе има или лоши последици или добри резултати, во зависност од тоа колку добро ќе си ја завршат задачата. Потоа, или спроведи ја предвидената казна или дај им ја наградата што им следува.Дај конкретни упатства.
Исус, како и секој добар учител, знаел дека најдобро се учи кога се применува наученото. На пример, кога проценил дека е вистински момент, ги испратил учениците ‚двајца по двајца пред себе во секој град и во секое место каде што и самиот мислел да дојде‘ (Лука 10:1). Меѓутоа, не ги оставил сами да се снаоѓаат како знаат и умеат. Пред да ги испрати, им дал многу конкретни упатства (Лука 10:2-12). Кога учениците се вратиле и раскажувале колкав успех постигнале, Исус ги пофалил и ги охрабрил (Лука 10:17-24). Покажал дека има доверба во нивните способности и дека е задоволен од нив.
Како реагираш кога твоите деца ќе се најдат пред одговорности што им се тешки? Дали се обидуваш да ги заштитиш од она што ги плаши или од разочарување и неуспех? Можеби инстинктот ќе те тера да го „спасиш“ детето или ти да го земеш товарот на себе.
Но размисли: Секогаш кога ќе се вмешаш и ќе ги „спасиш“ своите деца, каков впечаток им оставаш? Дали со тоа им покажуваш дека имаш доверба во нив и дека веруваш во нивните способности? Или им оставаш впечаток дека сѐ уште ги сметаш за беспомошни деца, кои мора за сѐ да се потпрат на тебе?
На пример, што направила Емили, која ја спомнавме претходно, за да го реши проблемот на ќерка си? Наместо таа да ги земе работите во свои раце, решила да ја остави сама да разговара со наставничката. Заедно напишале список со прашања за Џени да ги однесе на училиште. Потоа размислиле кога да разговара со наставничката. Дури и вежбале како да тече разговорот. „Џени собра храброст да зборува со наставничката“, вели Емили, „а таа ја пофали за тој чекор. Џени многу се гордееше со тоа што го направи — и јас се гордеев со неа.“
ПРЕДЛОГ: На лист хартија запиши со кој проблем се соочува твоето дете во моментов. Потоа напиши што би можел да направиш за да му помогнеш да го реши тој проблем без да го „спасуваш“ ти. Вежбајте ги чекорите што треба да ги преземе за да го реши проблемот. Нека види дека имаш доверба дека може да го направи тоа.
Ако секогаш ги штитиш децата од тешкотии, може да ја задушиш нивната способност да се соочат со проблемите во животот. Наместо тоа, помогни им да созреат така што ќе ги научиш да не бегаат од одговорностите. Тоа ќе биде еден од највредните подароци што би можел да им го дадеш.
a Имињата се сменети.
ПРАШАЈ СЕ...
-
Имам ли реални очекувања од моите деца?
-
Дали им кажувам и им покажувам како да успеат?
-
Кога последен пат го охрабрив или го пофалив моето дете?