Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Апологетите — бранители на христијанството или само филозофи?

Апологетите — бранители на христијанството или само филозофи?

Апологетите — бранители на христијанството или само филозофи?

РОДОСКВЕРНАВЕЊЕ, убивање деца, канибализам — ова биле само некои од бесмислените обвиненија против христијаните во вториот век од н.е. Тие воделе до толкав бран на прогонство што писателите кои се изјаснувале како христијани се чувствувале обврзани да ја бранат својата вера. Овие писатели, кои подоцна станале познати како апологети, или бранители на своите верувања, си поставиле цел да докажат дека нивната религија е безопасна, и така да ги придобијат римските власти и јавното мнение. Тоа бил ризичен потфат, бидејќи државата и јавноста биле задоволни само ако другите им се подложувале. Исто така, постоела вистинска опасност да дојде до уште поголемо прогонство или до разводнување на верата доколку христијаните почнеле да прават неосновани отстапки. На кој начин апологетите ја бранеле својата вера? Кои аргументи ги користеле? До што воделе нивните настојувања?

Апологетите и Римското Царство

Апологетите биле образовани луѓе кои живееле во вториот и почетокот на третиот век. Најпознати биле Јустинијан Маченик, Клемент од Александрија и Тертулијан. * Нивните списи главно биле наменети за безбожниците и за римските власти, и целта им била да ја објаснат христијанската вера. Во нив често ја спомнувале Библијата. Пред сѐ, апологетите зборувале против прогонителите, ги побивале нивните обвиненија и ги прикажувале христијаните во поволно светло.

Една од најважните цели на апологетите била да ги уверат властите дека христијаните не им се непријатели на императорот и на империјата. Тертулијан рекол дека императорот е „поставен од нашиот Бог“, а Атенагора ја бранел идејата дека царскиот престол треба да го наследува некој од семејството, и така се замешал во политиката во тоа време. На тој начин, тие не покажале почит кон она што го рекол Исус Христос: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36).

Освен тоа, апологетите велеле дека има врска меѓу Рим и христијанската вера. Според Мелито, овие две работи оделе една со друга и биле за доброто на империјата. Анонимниот писател на Посланието на Диогнет (The Epistle to Diognetus) рекол дека христијаните се душата на светот која ‚го држи заедно‘. А Тертулијан напишал дека христијаните се молат за процвет на империјата и за тоа крајот на овој поредок да дојде подоцна. Од тоа произлегло дека не е толку потребно да дојде Божјето Царство (Матеј 6:9, 10).

„Христијанството“ станува филозофија

Филозофот Целзиј подбивно ги нарекол христијаните „обични работници, чевлари, земјоделци, најнеуки и најпрости луѓе“. Апологетите веќе не можеле да ги поднесат таквите подбивања. Тие решиле да ја придобијат јавноста служејќи се со една нова тактика. Иако претходно ја отфрлиле световната мудрост, сега почнале да ја користат во одбрана на „христијанството“. На пример, Клемент од Александрија рекол дека филозофијата била „вистинска теологија“. Јустинијан, кој тврдел дека ја отфрлил паганската филозофија, прв употребил филозофски термини и концепти за да ги изрази „христијанските“ идеи, сметајќи дека таквата филозофија „е безопасна и корисна“.

Од тој момент, стратегија на апологетите не била да ѝ пружат отпор на филозофијата, туку наводната христијанска мисла да ја претворат во поголема филозофија дури и од онаа на паганите. Јустинијан напишал: „За некои работи го учиме истото што го учат поетите и филозофите кои ги почитувате, а за други работи нашите учења се уште подлабоки и побожествени“. Украсена со својата нова филозофска наметка, „христијанската“ мисла сега била претставена како нешто цврсто утврдено и вредно за почит. Апологетите истакнувале дека христијанските книги биле далеку постари од оние на Грците и дека библиските пророци живееле пред грчките филозофи. Некои апологети дошле дури и до заклучок дека филозофите земале идеи од пророците. Отишле дотаму што Платон го направиле ученик на Мојсеј!

Извртување на христијанството

Оваа нова стратегија водела до мешање на христијанството и паганската филозофија. Се правеле споредби меѓу грчките богови и библиските личности. Исус бил спореден со Персеј, а неговото зачнување било споредено со зачнувањето на Персеј, чија мајка, Данаја, наводно исто така била девица, како што била и Марија, мајката на Исус.

Некои учења биле многу променети. На пример, во Библијата Исус е наречен „Логос“, што значи Божја „Реч“ или Гласноговорник (Јован 1:1-3, 14-18; Откровение 19:11-13). Уште во почетокот, ова учење го извртел Јустинијан кој, по примерот на филозофите, ги искористил двете можни значења на грчкиот збор логос: „реч“ и „разум“. Тој рекол дека христијаните ја примиле речта преку самиот Христос. Меѓутоа, логос во смисла на „разум“ се наоѓа во секој човек, вклучувајќи ги и безбожниците. Така, заклучил тој, сите што живеат во склад со разумот се христијани, па дури и оние што се изјаснувале или биле сметани за атеисти, како што биле Сократ и други.

Освен тоа, нагласувајќи ја врската меѓу Исус и логосот од грчката филозофија, кој бил цврсто поврзан со личноста на Бог, апологетите, меѓу кои бил и Тертулијан, тргнале во правец што, со текот на времето, го одвел христијанството до догмата за тројството. *

Во Библијата, зборот „душа“ се појавува преку 850 пати, од кои повеќе од 100 пати на грчки јазик. Во основа се однесува на смртните, живи суштества, и тоа не само на луѓето, туку и на животните (1. Коринќаните 15:45; Јаков 5:20; Откровение 16:3). Меѓутоа, апологетите го извртиле ова библиско учење поврзувајќи го со Платоновата филозофија дека душата е нешто одвоено од телото, невидливо и бесмртно. Минуциј Феликс дури тврдел дека верувањето во воскресение има корени во Питагориното учење за преселбата на душата. Грчкото влијание навистина многу ги оддалечило апологетите од учењата на Библијата!

Погрешен избор

Некои апологети биле свесни за тоа каква опасност би можела да претставува филозофијата за христијанската вера. Сепак, иако ги критикувале филозофите, многу им се допаѓал интелектуалниот пристап на филозофијата. На пример, Татијан ги обвинил филозофите дека не правеле ништо добро, но во исто време ја нарекол христијанската религија „наша филозофија“ и се впуштил во филозофски нагаѓања. Тертулијан го осудил влијанието на паганската филозофија врз христијанската мисла. Сепак, рекол дека сака да оди по стапките на „Јустинијан, филозофот и маченикот; Милтијад, софистот на црквите“, и други. Атенагора се нарекол себеси „христијански филозоф на Атина“. А Клемент сметал дека „христијанинот може промислено да ја користи филозофијата за да стане мудар и да ја одбрани верата“.

Сеедно колкав успех постигнале овие апологети во одбраната на својата вера, тие направиле една сериозна грешка. Која? Апостол Павле ги потсетил христијаните дека меѓу духовното оружје што им стои на располагање, најмоќна е „речта Божја“, која „е жива и делотворна“. Тој рекол дека со неа „уриваме погрешни размислувања и секаква вообразеност која се крева против познавањето на Бог“ (Евреите 4:12; 2. Коринќаните 10:4, 5; Ефешаните 6:17).

Ноќта пред да биде убиен, Исус им рекол на своите ученици: „Бидете храбри, јас го победив светот!“ (Јован 16:33). Искушенијата и неволјите што ги претрпел во светот не успеале да му ја уништат верата ниту да му ја скршат лојалноста кон Таткото. И апостол Јован, кој умрел последен од сите апостоли, напишал: „Ова е победата која го победи светот: нашата вера“ (1. Јованово 5:4). Иако апологетите сакале да ја одбранат христијанската вера, тие направиле погрешен избор со тоа што прифатиле идеи и сфаќања од световната филозофија. На тој начин, дозволиле да бидат заведени од таквите филозофии и, всушност, допуштиле светот да ги победи нив и нивното христијанство. Така, наместо да бидат застапници и бранители на вистинската христијанска вера, апологетите на раната црква, можеби несвесно, паднале во замката на Сатана, кој „се преправа дека е ангел на светлината“ (2. Коринќаните 11:14).

Свештениците и теолозите на денешните цркви масовно одат по истиот пат. Наместо да го бранат вистинското христијанство користејќи ја Божјата Реч, тие честопати ја обезвреднуваат Библијата и кога ги поучуваат луѓето се служат со световна филозофија за да го придобијат јавното мнение и влијателните кругови. Наместо да предупредуваат колку е опасно да се следат небиблиските учења во светот, тие станале учители кои им кажуваат на луѓето работи кои им ‚годат на ушите‘ со цел да си придобијат приврзаници (2. Тимотеј 4:3). За жал, како што направиле и апологетите во минатото, овие учители ја занемариле опомената на еден апостол: „Пазете се некој да не ве заведе со мудрување и со празна измама, која се темели на човечки преданија, на начелата на овој свет, а не на Христовите учења“. Исто така, потсетени сме дека „крајот ќе им биде според нивните дела“ (Колошаните 2:8; 2. Коринќаните 11:15).

[Фусноти]

^ пас. 4 Други апологети биле Квадрат, Аристид, Татијан, Аполинариј, Атенагора, Теофил, Мелито, Минуциј Феликс и други помалку познати писатели. Види во Стражарска кула од 15 мај 2003, страници 27-29, и од 15 март 1996, страници 28-30.

^ пас. 13 Нешто повеќе за верувањата на Тертулијан можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 мај 2002 год., страници 29-31.

[Истакната мисла на страница 31]

„Уриваме погрешни размислувања и секаква вообразеност која се крева против познавањето на Бог“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 10:5)

[Слика на страница 28]

Јустинијан сметал дека филозофскиот пристап е ‚безопасен и корисен‘

[Слика на страница 29]

Клемент рекол дека филозофијата е „вистинска теологија“

[Слика на страница 29]

Тертулијан со своето филозофирање го подготвил патот за учењето за тројство

[Слика на страница 29]

Татијан го нарекол христијанството „наша филозофија“

Клемент: Historical Pictures Service; Тертулијан: © Bibliothèque nationale de France

[Слика на страница 30]

Денешните свештеници и теолози одат по стапките на апологетите

[Слика на страница 31]

Апостол Павле опоменал да се пазиме од филозофии и од човечка измама

[Извори на слики на страница 29]

Клемент: Historical Pictures Service; Тертулијан: © Bibliothèque nationale de France