Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Балсам од Галад — мевлем што лекува

Балсам од Галад — мевлем што лекува

Балсам од Галад — мевлем што лекува

ОД ЕДЕН познат извештај од библиската книга 1. Мојсеева дознаваме дека синовите на Јаков им го продале својот брат Јосиф на некои исмаелски трговци што оделе во Египет. Караванот на тие трговци доаѓал од Галад, а камилите носеле во Египет балсам и друга стока (1. Мојсеева 37:25). Овој краток извештај покажува дека, во минатото, балсамот од Галад бил многу ценет на Блискиот Исток, посебно заради неговите лековити својства.

Меѓутоа, во 6 век пр.н.е., пророкот Еремија тажно прашал: „Зар нема балсам во Галад?“ (Еремија 8:22). Што го навело Еремија да го постави ова прашање? Што е, всушност, балсамот? Дали и денес се користи некаков балсам за лекување?

Балсамот во библиски времиња

Балсам е општ назив за една миризлива, обично масна и смолеста материја што ја лачат различни растенија и грмушки. Ова масло, кое често се користело за правење темјан и мириси, во старо време било еден од луксузните производи на Блискиот Исток. Името го добило според состојките на светото масло за помазание и на темјанот што почнал да се користи во светиот шатор кратко откако Израелците излегле од Египет (2. Мојсеева 25:6; 35:8). Балсам имало и меѓу скапите подароци што царицата од Сава му ги донела на цар Соломон (1. Царевите 10:2, 10). А Естира добивала третмани за разубавување и масажи „шест месеци со балсам“ пред да се појави пред персискиот цар Ахасвер (Естира 1:1; 2:12).

Иако имало балсам во различни делови на Блискиот Исток, балсамот од Галад потекнувал од Ветената земја, бидејќи Галад бил место источно од реката Јордан. Семејниот поглавар Јаков го сметал за еден од ‚најдобрите производи од таа земја‘ и го испратил како подарок во Египет (1. Мојсеева 43:11). А пророкот Езекиел го спомнал меѓу производите што се извезувале од Јуда и Израел во Тир (Езекиел 27:17). Балсамот бил познат по своите исклучително лековити својства. Во древната литература често се спомнува лековитото и закрепнувачко дејство на овој мевлем, кој многу се користел во лекувањето рани.

Балсам за еден болен народ

Тогаш, зошто Еремија го поставил прашањето: „Зар нема балсам во Галад?“ За да го разбереме ова, треба да кажеме што се случувало со израелскиот народ во негово време. Претходно, пророкот Исаија дал еден сликовит опис на бедната духовна состојба на народот: „Од главата до петиците нема здраво место по телото. Повреди и модрици и отворени рани — ниту исчистени, ниту преврзани“ (Исаија 1:6). Наместо да признае во каква жалосна состојба е и да побара лек, народот и понатаму си терал по свое. Подоцна, Еремија можел само да жали: „Ја отфрлија Јеховината реч, па каква е тогаш нивната мудрост?“ Да му се врателе на Јехова, тој ќе ги излекувал. „Зар нема балсам во Галад?“ Ова прашање навистина нѐ тера да се замислиме! (Еремија 8:9).

На многу полиња, денешниот свет е полн со „повреди и модрици и отворени рани“. Луѓето се соочуваат со сиромаштија, неправди, себичност и недостиг на добрина, а причината е што оладила љубовта кон Бог и кон ближниот (Матеј 24:12; 2. Тимотеј 3:1-5). Многумина се чувствуваат отфрлени поради својата раса, етничко потекло или возраст. Згора на сето тоа, нивните страдања се зголемуваат поради гладот, болестите, војните и смртта. Исто како Еремија, многу искрени верници се прашуваат дали нема „балсам во Галад“ за да им се преврзат емоционалните и духовните рани на луѓето што страдаат.

Добра вест што лекува

Во времето на Исус, понизните луѓе си го поставувале истото прашање. Сепак, тоа прашање не останало без одговор. Во синагогата во Назарет, на почетокот од 30 год. од н.е., Исус читал од свитокот на Исаија, каде што пишувало: „Јехова ме помаза за да им ја објавам добрата вест на кротките. Ме испрати да им ги превијам раните на оние што се со скршено срце“ (Исаија 61:1). Потоа објаснил дека тие зборови се однесуваат на него, односно дека тој е Месијата што имал задача да пренесе една утешна порака (Лука 4:16-21).

Во текот на својата служба, Исус ревносно ја проповедал добрата вест за Божјето Царство (Матеј 4:17). Во Проповедта на Гората, тој им ветил на измачените дека нивната положба ќе се промени: „Среќни сте вие што сега плачете, зашто ќе се смеете!“ (Лука 6:21). Со тоа што го објавувал доаѓањето на Божјето Царство — порака што влевала надеж — Исус ‚им ги превил раните на оние што биле со скршено срце‘.

И денес, „добрата вест за царството“ носи таква утеха (Матеј 6:10; 9:35). Да го спомнеме како пример она што им се случило на Роже и Лилиен. Во јануари 1961 год., тие првпат чуле дека Бог ветил вечен живот, и за нив тоа било како смирувачки балсам. „Играв низ кујната кога ќе помислев на она што го учев. Многу бев среќна“, се потсетува Лилиен. Роже, кој дотогаш веќе десет години бил делумно парализиран, додава: „Благодарение на прекрасната надеж дека ќе има воскресение и дека ќе им дојде крај на сите болки и страдања, бев пресреќен и радосен што сум жив“ (Откровение 21:4).

Но, во 1970 год., им умрел 11-годишниот син. Сепак, не му подлегнале на очајот. На своја кожа почувствувале дека Јехова „ги лекува оние со скршено срце и им ги преврзува раните“ (Псалм 147:3). Надежта што ја имале ги утешила. Оттогаш поминале скоро 50 години, а добрата вест дека ќе дојде Божјето Царство сѐ уште им носи мир и спокојство.

Лекување што допрва претстои

Дали и денес има „балсам во Галад“? Да, и денес има еден духовен балсам. Утехата и надежта што ги дава добрата вест за Царството може да им ги превие раните на оние што се со скршени срца. Сакаш ли и ти да добиеш едно такво лекување? Ќе треба само широко да го отвориш срцето за утешната порака од Божјата Реч и да дозволиш таа да го исполни твојот живот. Милиони луѓе веќе го направиле тоа.

Лекувањето со овој балсам укажува на едно уште поголемо олеснување што допрва претстои. Наближува времето кога Јехова Бог ќе овозможи „лекување на народите“, и ќе им даде можност да живеат вечно. Тогаш „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“. Да, и денес има „балсам во Галад“! (Откровение 22:2; Исаија 33:24).

[Слика на страница 23]

Лековитата моќ на добрата вест за Божјето Царство и денес им ја ублажува болката на оние со скршени срца