Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Грев — што се променило?

Грев — што се променило?

Грев — што се променило?

„ИДЕЈАТА за првобитниот грев — дека уште од исконски времиња сите сме вовлечени во некоја страшна неволја — не му се допаѓа на денешниот човек. Но, не му се допаѓа ни идејата за каков и да било грев... Луѓе како Адолф Хитлер и Јосиф Сталин можеби правеле гревови, но ние останатите сме жртви на околностите и не сме виновни за ништо“ (The Wall Street Journal).

Од овие зборови се гледа дека поимот грев денес е во голема криза. Зошто? Што се променило? Зошто гревот им е толку неприфатлив на луѓето?

Во врска со ова ќе разгледаме два аспекта — гревот што сме го наследиле и гревовите што ги правиме. Првото е нешто што го имаме, сеедно дали сакаме или не, а второто е нешто што го правиме. Да ги разгледаме подетално и двата аспекта.

Извалкани од првобитниот грев?

Библијата ни кажува дека целото човештво наследило еден морален недостаток — првобитниот грев — што го направиле нашите прародители. Од таа причина сите се раѓаме несовршени, односно извалкани. „Секоја неправедност е грев“, пишува во Библијата (1. Јованово 5:17).

Меѓутоа, многу верници ја сметаат за несфатлива и неприфатлива идејата дека сите луѓе се раѓаат грешни поради некој исконски грев што тие ниту го направиле ниту, пак, се виновни за него. Едвард Оукс, професор по теологија, вели дека тоа учење „луѓето го примаат или со збунето молчење, или со отворено негирање или, пак, навидум го признаваат, но не знаат каква точно врска има тоа со животот на верникот“.

Една причина зошто на луѓето им е тешко да го прифатат концептот за првобитниот грев е она што го учат црквите во врска со него. На пример, на Концилот во Трент (1545-1563) црквата го осудила секој што тврдел дека е погрешно да се крштаваат новороденчиња за да им бидат простени гревовите. Теолозите велеле дека, ако некое новороденче умрело некрстено, поради неговите неочистени гревови никогаш немало да има пристап кај Бог на небото. Калвин отишол дури дотаму што поучувал дека новороденчињата ‚го носат своето проклетство уште од мајчината утроба‘. Тој тврдел дека нивната грешна природа му е ‚омразена и одвратна на Бог‘.

За повеќето луѓе, новороденчињата се толку невини суштества што би било нечовечки да се помисли дека треба да бидат казнети поради некаков наследен грев. Лесно е да се види зошто таквите црковни учења ги одвратиле луѓето од учењето за првобитниот грев. Сепак, некои црковни водачи немале срце да кажат дека едно некрстено новороденче заслужува да гори во пеколот. За нив, судбината на тоа бебе претставувала теолошка дилема. Иако тоа никогаш не станало црковна догма, католичката црква со векови поучувала дека душите на недолжните лица што не се крстени ќе престојуваат во една „ничија земја“, која ја нарекле лимбус. *

Друга причина што придонела полека да почне да исчезнува верувањето во првобитниот грев било тоа што филозофите, научниците и теолозите од 19 век почнале да ја оспоруваат историската точност на библиските извештаи. По појавата на Дарвиновата теорија на еволуција, многу луѓе гледале на извештајот за Адам и Ева како на обична бајка. Како последица од сето тоа, за мнозина денес Библијата е само огледало на размислувањата и обичаите на нејзините писатели, а не книга од Бог.

Врз основа на сево ова, што станало со учењето за првобитниот грев? Ако верниците се наведени да веруваат дека Адам и Ева никогаш не постоеле, логичен заклучок би било дека првобитниот грев никогаш не бил направен. Дури и во очите на оние што се спремни да признаат дека луѓето во основа се грешни, концептот за првобитниот грев е само објаснување за грешната природа на човекот.

Ако не постоел првобитниот грев, тогаш што да се каже за гревовите што ги прави секој човек?

Дали е навистина погрешно?

Кога ќе ги прашаат што, според нив, би можело да се смета за грев, многумина помислуваат на Десетте заповеди со кои се забранува убиство, неверство, алчност, предбрачен секс, крадење итн. Традиционално учење на црквите било дека секој што ќе умре без да се покае за ваквите гревови ќе биде вечно мачен во пекол. *

За да не доживеат таква судбина, Католичката црква бара од своите верници да ги исповедаат гревовите на свештеник кој наводно има моќ да ги прости. Меѓутоа, за повеќето католици, обредот на исповедање, простување и каење веќе е минато. На пример, една неодамнешна анкета покажа дека над 60 отсто од католиците во Италија повеќе не се исповедаат.

Јасно е дека традиционалното објаснување за гревот на поединецот и за последиците од него — кое го нудат црквите — не им помогнало на луѓето да престанат да грешат. Многу лица што редовно одат во црква веќе не веруваат дека она што го прават е погрешно. На пример, некои велат дека нема ништо лошо ако две возрасни лица имаат полови односи, под услов и двете страни да го сакаат тоа и да не е повредено некое трето лице.

Едно можно објаснување за ваквиот став е дека овие верници длабоко во себе не веруваат во она што им било кажано за гревот. Всушност, на мнозина им е тешко да сфатат дека еден Бог на љубовта вечно би ги мачел грешниците во пекол. Можеби таквиот скептицизам, барем донекаде, објаснува и зошто на гревот веќе не се гледа како на нешто толку сериозно. Но, и други фактори придонеле да се изгуби свесноста за гревот.

Отфрлање на традиционалните мерила

Настаните во последниве неколку века предизвикаа огромни промени во општеството и во ставовите на луѓето. Двете светски војни, безброј помали војни, како и разните геноциди, навеле мнозина да се прашаат колку навистина вредат традиционалните мерила. Тие размислуваат вака: ‚Дали е разумно во една технолошки напредна ера да се живее според мерила кои се одредени пред многу векови и кои немаат никакви допирни точки со денешницата?‘ Многу рационалисти и моралисти заклучиле дека одговорот е ‚не‘. Тие сметаат дека општеството мора да се ослободи од извесни морални пранги и суеверија, и преку образованието да се обиде да го искористи огромниот потенцијал што го имаат луѓето.

Ваквото размислување сосема ги оддалечило луѓето од Бог. Во многу европски земји, малкумина се оние што сѐ уште одат в црква. Сѐ поголем број луѓе не веруваат во ништо конкретно, а мнозина изразуваат отворено несогласување со црковните учења, кои ги сметаат за смешни и бесмислени. Ако луѓето се производ на слепата случајност и природната селекција, велат тие, тогаш зошто воопшто да се зборува за некаква вина поради кршење на моралот?

Општиот пад на моралните вредности во западниот свет во 20 век доведе, меѓу другото, и до таканаречената сексуална револуција. Студентските протести, хипи-движењето, како и раширеното користење на контрацептивни средства одиграа значајна улога во отфрлањето на она што традиционално се сметаше за пристојно однесување. За кратко време, библиските мерила беа потполно отфрлени. Новата генерација прифати еден нов морал и нов став кон гревот. Еден писател вели дека оттогаш наваму „единствениот закон беше законот на љубовта“ — што во суштина значеше масовно прифаќање на предбрачен и вонбрачен секс.

Религија што раѓа пријатни чувства

Во врска со ситуацијата во САД, во списанието Newsweek отворено пишувало: „Многу свештеници кои се натпреваруваат да останат конкурентни на ‚пазарот‘ сметаат дека не можат да си дозволат да изгубат ‚муштерии‘“. Тие се плашат дека, ако им постават високи морални барања на верниците, мнозина ќе си заминат од нивните цркви. Луѓето не сакаат некој да им кажува да бидат понизни, самодисциплинирани и доблесни, да си ја слушаат својата совест и да се покаат за гревовите. Затоа, како што стоело во весникот Chicago Sun-Times ‚многу цркви почнале да проповедаат порака која тие сметаат дека е христијанска, но со која, всушност, најважна улога му придаваат на поединецот и не го ни спомнуваат евангелието‘.

Производ на ваквото размислување е еден општ став во религиите кој го дефинира Бог со свои термини, односно цркви на кои не им е најважен Бог и што бара тој од луѓето, туку човекот и она што може да ја зголеми неговата самопочит. Нивна единствена цел е да ги задоволат потребите на верниците. Последица од тоа е религија без никакви учења. „Што ја исполнува празнината во средиштето, каде што некогаш беа христијанските морални мерила?“, прашува The Wall Street Journal. „Етика на голема толерантност, при што најважно од сѐ е ‚да се биде фин‘, и тоа ја оправдува секоја постапка.“

Логично, резултат од сево ова е ставот дека секоја религија што раѓа пријатни чувства е добра. Секој што се согласува со таквото гледиште, забележува The Wall Street Journal, „може да ја прифати која и да е вера, сѐ додека таа не му наметнува некои конкретни морални барања, односно го утешува, но не го осудува“. А црквите, од своја страна, се спремни да ги прифатат луѓето „такви какви што се“, без да им поставуваат некакви морални барања.

Ова можеби ќе ги потсети читателите на Библијата на едно пророштво што го запишал апостол Павле во првиот век од н.е. Тој рекол: „Ќе дојде време кога луѓето нема да го поднесуваат здравото учење, туку, според своите желби, ќе си насоберат учители, кои ќе им го зборуваат она што им годи на ушите. И ќе ги одвратат ушите од вистината“ (2. Тимотеј 4:3, 4).

Кога верските водачи наоѓаат изговор за гревот, негираат дека тој постои и на своите верници им го зборуваат ‚она што им годи на ушите‘, кажувајќи им работи што сакаат да ги чујат наместо она што го вели Библијата, им прават многу лоша услуга. Така им пренесуваат погрешна и многу опасна порака, која претставува извртување на едно од главните учења на христијанството. Гревот и простувањето се во сржта на добрата вест што ја пренесувале Исус и неговите апостоли. Во следната статија ќе видиш дека навистина е така.

[Фусноти]

^ пас. 9 Можеби токму поради збрката што ја предизвикало ова небиблиско учење, концептот за лимбус е отстранет од најновите католички катехизми. Види ја рамката „Нов правец во теологијата“, на 10. страница.

^ пас. 14 Верувањето дека луѓето вечно ќе се мачат во пекол нема никаква поткрепа во Библијата. Нешто повеќе за ова можеш да прочиташ во 6. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, кое носи наслов „Каде се мртвите?“ Оваа книга е издадена од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 7]

Религијата што раѓа пријатни чувства носи лоши плодови

[Рамка на страница 6]

Грев? „Застарена работа“

▪ „Еден од најголемите проблеми за црквата денес е токму оваа тема. Повеќе не се сметаме за ‚грешници‘ на кои им треба простување. Можеби некогаш на гревот се гледало како на нешто сериозно, но сега веќе е застарена работа. Затоа, иако црквата има решение за проблемот со гревот, во очите на повеќето Американци гревот повеќе не е никаков проблем — барем не сериозен проблем“ (Џон А. Студбејкер, Помл., писател на религиозни теми).

▪ „Луѓето велат: ‚Имам високи морални очекувања од себе и од другите, но свесен сум дека сите сме луѓе. Се трудам колку што можам‘. Во однос на моралот, си наоѓаме некоја златна средина со која општо земено сме задоволни и која ни дава за право да се сметаме за пристојни луѓе. Ја косиме тревата. Не паркираме зад туѓо возило. Но, ги игнорираме поголемите гревови“ (Алберт Молер, претседател на Јужната баптистичка теолошка школа).

▪ „Општеството го поздравува она што некогаш го осудуваше [како што се таканаречените седум смртни гревови]: родителите ги учат децата дека гордоста е многу важна за да стекнат самопочит; група надуени француски готвачи поднеле петиција до Ватикан во која пишувало дека не е грев да се биде сладокусец. Зависта е движечка сила зад трач-рубриките во списанијата. Алчноста е главен адут во рекламирањето, а гневот е исправен вентил за огорчените. И, понекогаш навистина сакам да ѝ се препуштам на мрзливоста“ (Ненси Гибс, списанието Time).

[Слика на страница 5]

За многумина денес, извештајот за Адам и Ева е обична бајка