Дали сте знаеле?
Дали сте знаеле?
Што била градската порта која толку често се спомнува во библиските извештаи?
▪ Во библиски времиња, повеќето градови биле опкружени со заштитни ѕидини. Низ портата најчесто се влегувало во еден отворен простор во кој луѓето се собирале за да се видат со другите, да тргуваат и да разменат новости. На тие места се кажувале јавни објави, а пророците ги пренесувале своите пораки (Еремија 17:19, 20). Во една публикација пишува дека „речиси секоја купопродажба се извршувала на или во близина на градските порти“ (The Land and the Book). Градските порти во древниот Израел биле многу слични на плоштадите во денешните градови.
На пример, Авраам купил имот за семејна гробница од Ефрон ‚пред очи на синовите на Хет, пред сите што влегувале низ портата на неговиот град‘ (1. Мојсеева 23:7-18). А Вооз замолил десет старешини од Витлеем да седнат на градската порта додека тој, во склад со законот за деверски брак, во нивно присуство правел договор во врска со Рут и наследството на нејзиниот починат сопруг (Рут 4:1, 2). Кога градските старешини дејствувале во улога на судии, седнувале на градската порта за да ги сослушаат случаите, да донесат одлуки и да извршат пресуди (5. Мојсеева 21:19).
Каде се наоѓал Офир, кој во Библијата се спомнува како наоѓалиште на злато со висок квалитет?
▪ ,Офирското злато‘ првпат се спомнува во книгата Јов, каде се нарекува и „чисто злато“ (Јов 28:15, 16). Околу 600 години подоцна, цар Давид набавил „офирско злато“ за изградба на Јеховиниот храм во Ерусалим. И неговиот син Соломон увезувал злато од Офир (1. Летописи 29:3, 4; 1. Царевите 9:28).
Од Светото писмо дознаваме дека Соломон имал флота бродови направени во Есион-Гавер, на Црвеното Море, кои му носеле злато од Офир (1. Царевите 9:26). Според изучувачите, Есион-Гавер се наоѓал на врвот на Акабскиот Залив, во близина на денешните Елат и Акаба. Оттаму, бродовите можеле да стигнат до секое место на Црвеното Море или, пак, до подалечните трговски градови на бреговите на Африка или Индија, кои се можни локации на Офир. Меѓутоа, според други Офир се наоѓал во Арабија, каде што се најдени древни рудници на злато од кои била ископана руда дури и во денешно време.
Во врска со тврдењето дека златните рудници на Соломон се само легенда, египтологот Кенет А. Кичен напишал: „Офир не е никаква легенда. На еден хебрејски цреп [парче керамика], кој можеби потекнува од 8 век [пр.н.е.], стои една значајна кратка белешка: ‚Злато од Офир за Бет-Орон — 30 сикли [340 грама]‘. Ова е потврда дека Офир бил вистинско наоѓалиште на злато, исто како што спомнувањето на ‚златото од Амау‘, ‚златото од Пунт‘ или ‚златото од Куш‘ во египетските текстови е потврда дека таму имало наоѓалишта на злато или, пак, дека тоа било од посебен вид или квалитет карактеристичен за тие места“.
[Слика на страница 15]
Авраам на градската порта, сака да купи земја
[Слика на страница 15]
Хебрејски цреп со натпис во кој се спомнува офир
[Извор на слика]
Collection of Israel Antiquities Authority, фотографија: © The Israel Museum, Jerusalem