Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали тоа е навистина нечесно?

Дали тоа е навистина нечесно?

Дали тоа е навистина нечесно?

„Смени го малку извештајот за сообраќајката и сѐ ќе биде во ред.“

„Даночната управа не мора да знае сѐ.“

„Битно е да не те фатат.“

„Зошто да платиш кога можеш да го добиеш без пари?“

МОЖЕБИ веќе си чул вакви зборови кога си побарал совет во врска со финансиски работи. Изгледа дека некои луѓе имаат паметно „решение“ за сѐ. Прашањето е: ‚Дали тие решенија се навистина чесни?‘

Во денешно време, нечесноста е толку раширена што луѓето често сметаат дека лажењето, мамењето и крадењето се прифатливи начини да се избегне казна, да се заработат пари или да се напредува. Видните луѓе во општеството честопати оставаат лош пример во врска со чесноста. Во една европска земја, случаите на измама и проневера пораснале за преку 85 отсто од 2005 до 2006 год. Во тоа не се вклучени голем број поситни случаи на нечесност, кои некои луѓе ги нарекуваат „ситни гревови“. Можеби никој не се изненадил кога се дознало дека водечки личности од бизнисот и политиката во таа земја биле вклучени во еден скандал затоа што се открило дека користеле фалсификувани дипломи за да напредуваат во кариерата.

Сепак, иако нечесноста е толку раширена во светот, има многу луѓе што сакаат да го прават она што е исправно. Сигурно и ти си еден од нив. Затоа што го сакаш Бог, имаш желба да постапуваш онака како што бара тој (1. Јованово 5:3). Можеби го мислиш истото што го мислел и апостол Павле, кој напишал: ‚Уверени сме дека имаме чиста совест, бидејќи сакаме во сѐ да постапуваме чесно‘ (Евреите 13:18). Од таа причина, ајде да разгледаме неколку ситуации што можат да стават на испит нечија желба ‚во сѐ да постапува чесно‘. Исто така, ќе разгледаме некои библиски начела што можат да бидат од помош во такви ситуации.

Кој да плати во случај на сообраќајна несреќа?

Додека возела еден ден, младата Лиза * направила грешка и удрила во друга кола. Никој не бил повреден, но двете возила биле оштетени. Во нејзината земја, младите возачи плаќаат високи суми за осигурување на автомобилот, кои се зголемуваат по секоја направена несреќа. Бидејќи со Лиза бил нејзиниот постар братучед, Грегор, некој пријател им предложил да пријават дека Грегор возел. На тој начин Лиза немало да плати повисоки трошоци за осигурување. Тоа решение звучело паметно. Што требало да направи Лиза?

Осигурителните компании ги користат парите што ги уплатуваат нивните осигуреници за да ги исплатат барањата за отштета. Според тоа, ако го прифатела советот на својот пријател, трошоците за сообраќајката на Лиза би морало да ги покријат други осигуреници на тој начин што би платиле повисоки стапки за осигурување. Со тоа не само што би поднела лажен извештај туку и би крадела од другите. Истото би важело и ако даде лажни податоци за да добие повисока отштета од осигурувањето.

Законските казни можеби се силна причина да не се прават такви нечесни работи. Но, во Божјата Реч наоѓаме една многу поважна причина зошто да не постапуваме нечесно. „Не кради!“, гласи една од Десетте заповеди (2. Мојсеева 20:15). Апостол Павле им ја повторил истата заповед и на христијаните: „Кој крадел, повеќе да не краде“ (Ефешаните 4:28). Со тоа што ќе се држиш за Божјата Реч во работи поврзани со осигурувањето, нема да направиш нешто што Бог го осудува. Исто така, ќе покажеш дека го сакаш и го почитуваш Божјиот закон, а и твоите ближни (Псалм 119:97).

„Цезаревото на цезарот“

Питер е бизнисмен. Книговодителот му вели да побара даночно олеснување за „набавката“ на скапа компјутерска опрема. Таквата набавка е вообичаена за бизнисот што го води Питер. Освен тоа, иако тој воопшто ја нема купено таа опрема, владата сигурно нема да проверува дали бил направен тој трошок. Со ова даночно олеснување Питер би заштедил значителна сума пари. Што би било паметно да направи? Што би можело да го води за да донесе исправна одлука?

Апостол Павле им рекол на христијаните во негово време: „Секој човек нека им биде подложен на властите што се над него... Давајте му го секому она што му припаѓа: на оној кој бара данок — данок, кој бара давачка — давачка“ (Римјаните 13:1, 7). Оние што сакаат да му угодат на Бог ги плаќаат сите даноци што властите ги бараат од нив. Од друга страна, пак, ако законот во една земја нуди даночни олеснувања за извесни лица или фирми, нема ништо погрешно во тоа да се искористат тие бенефиции доколку се исполнуваат законските услови.

Еве уште една ситуација поврзана со плаќањето даноци. Дејвид има своја продавница. Еден муштерија го прашува колку би чинел одреден производ ако не му издаде фискална сметка. Се разбира, така производот би бил поевтин. Сепак, бидејќи нема да постои евиденција за купопродажбата, никој нема да плати данок. За мнозина ова не би било проблем, бидејќи и двете страни имаат корист. Но, Дејвид сака да му угоди на Бог. Според тоа, како треба да гледа на продавањето без фискална сметка?

Иако оној што продава на ваков начин можеби нема да биде откриен, тој всушност не го плаќа данокот што властите имаат право да го добијат. Исус заповедал: „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог!“ (Матеј 22:17-21). Исус го кажал тоа за да го исправи гледиштето на луѓето во врска со плаќањето даноци. За државата, која Исус ја нарекол ‚цезар‘, плаќањето данок е должност која треба да се исполни кон неа. Затоа, Христовите следбеници го сметаат плаќањето на сите даноци за библиска обврска.

Препишување на испити

Марта е средношколка и се подготвува за матурскиот испит. Бидејќи може да добие добра работа само ако има високи оценки, таа учи со часови. За испитот се подготвуваат и некои од нејзините соученици — ама на сосема поинаков начин. Тие планираат да користат разни електронски направи и мобилни телефони за да препишуваат и да добијат високи оценки. Дали Марта треба да прави како што прават „сите“ за да добие солидни оценки?

Бидејќи е толку вообичаено да се препишува, многумина мислат дека во тоа нема ништо лошо. Тие велат: „Битно е да не те фатат“. Меѓутоа, за вистинските христијани такво нешто не доаѓа предвид. Иако професорот можеби нема да ги забележи оние што препишуваат, има некој што сепак ќе ги види. Јехова Бог знае што правиме и ќе нѐ повика на одговорност за нашите постапки. Павле напишал: „Нема создание кое е скриено пред неговиот поглед, туку сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13). Мислата дека Бог нѐ гледа затоа што сака да знае дали го правиме она што е исправно е силна мотивација да бидеме чесни кога полагаме испити, зар не?

Што ќе направиш ти?

Лиза, Грегор, Питер, Дејвид и Марта сфатиле колку е сериозна нивната ситуација. Решиле да постапат чесно и така зачувале чиста совест и високи морални мерила. Што ќе направиш ти во слична ситуација?

Твоите колеги, соученици и соседи можеби немаат никаква грижа на совеста ако лажат, мамат или крадат. Всушност, можеби дури и ќе ти се потсмеваат за да те присилат да постапиш како нив. Што може да ти помогне да донесеш исправна одлука и покрај тоа што ќе те стават под притисок да постапиш нечесно?

Не заборавај: ако постапуваме во склад со Божјата волја, ќе имаме чиста совест и Божја наклоност. Цар Давид напишал: „О Јехова, кој ќе биде гостин во твојот шатор? Кој ќе живее на твојата света гора? Оној што живее беспрекорно и постапува праведно и ја зборува вистината во своето срце... Кој прави така, никогаш нема да се затетерави“ (Псалм 15:1-5). Чистата совест и пријателството со небесниот Бог вредат многу повеќе од материјалната корист што би ни ја донеле нечесните постапки.

[Фуснота]

^ пас. 10 Некои имиња се сменети.

[Истакната мисла на страница 12]

„Кој крадел, повеќе да не краде.“

Почитта кон Божјиот закон и љубовта кон ближните нѐ мотивираат да бидеме чесни во работи поврзани со осигурувањето

[Истакната мисла на страница 12]

„Давајте му го секому она што му припаѓа: на оној кој бара данок — данок.“

За да му угодиме на Бог, ги плаќаме сите даноци што се бараат со законот

[Истакната мисла на страница 13]

„Сѐ е... откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка.“

Дури и ако професорите не нѐ фатат дека препишуваме, сакаме да бидеме чесни пред Бог

[Рамка/слика на страница 14]

„Невидлива“ кражба

Твојот пријател го купил најновото издание на некоја компјутерска програма, и ти би сакал да го имаш. За да ти заштеди пари, ти нуди да ти ја копира програмата. Дали тоа би било нечесно?

Кога еден корисник купува некоја компјутерска програма, се согласува да се држи за ограничувањата што се изнесени во лиценцниот договор за таа програма. Можеби со лиценцата му се дозволува на купувачот да ја инсталира и да ја користи програмата само на еден компјутер. Во тој случај, копирањето на програмата за некое друго лице претставува кршење на лиценцниот договор и е незаконско (Римјаните 13:4). Таквото копирање претставува и кражба, бидејќи сопственикот на авторското право нема да ја добие заработката што му следува (Ефешаните 4:28).

Можеби некој ќе си рече: ‚Па, никој нема да дознае‘. Дури и да е така, мора да ги имаме на ум следниве зборови на Исус: „Според тоа, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12). Секој од нас би сакал чесно да му се плати работата и другите со почит да се однесуваат кон она што му припаѓа. Затоа, и ние треба да постапуваме така со другите. Не вршиме „невидлива“ кражба со тоа што би одзеле интелектуална сопственост * што не ни припаѓа нам (2. Мојсеева 22:7-9).

[Фуснота]

^ пас. 40 Во интелектуална сопственост спаѓаат материјали над кои некој има авторско право како, на пример, музика, книги или компјутерски програми, сеедно дали се отпечатени на хартија или се чуваат во електронски облик. Во оваа категорија спаѓаат и заштитни марки, патенти, професионални тајни и издавачки права.