Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали ѕвездите влијаат врз твојот живот?

Дали ѕвездите влијаат врз твојот живот?

Дали ѕвездите влијаат врз твојот живот?

ВО ЈАСНА ноќ, гледано од место каде што нема никаква вештачка светлина, небото е како црно кадифе попрскано со илјадници ситни дијаманти што блескаат на небесната шир. Дури во последниве три и пол века човекот почнал да сфаќа колку се големи ѕвездите и колку се далеку од нас. Но, тоа е само мал почеток — допрва треба да ги разбереме огромните сили што дејствуваат во нашава неверојатна вселена.

Уште од најстари времиња, луѓето ги набљудувале прецизните движења на небесните тела по ноќното небо и промената на нивната местоположба на небесниот свод во зависност од годишните времиња (1. Мојсеева 1:14). Мнозина ќе се сложат со она што го напишал израелскиот цар Давид пред околу 3.000 години: „Кога ги гледам небесата твои, дело на твоите прсти, месечината и ѕвездите што си ги направил — што е смртниот човек, па да мислиш на него?“ (Псалм 8:3, 4).

Сеедно дали сме свесни за тоа или не, небесните тела и нивните движења влијаат врз нашиот живот на многу подиректни начини. Сонцето, нашата ѕвезда-домаќин околу која кружи Земјата, ги одредува најосновните мерки на времето што ги користи човекот — должината на денот и на годината. Месечината ‚ги покажува [годишните] времиња‘ (Псалм 104:19). А ѕвездите се сигурен водич за морепловците, па дури им помагаат и на астронаутите во насочувањето на вселенските летала. Поради тоа, некои мислат дека ѕвездите навистина можат да направат за нас нешто повеќе отколку само да ни помогнат во сметањето на времето, да ни ги покажуваат годишните времиња и да го зголемат нашето ценење за Божјето творештво. Можат ли ѕвездите да ја претскажат нашата иднина или однапред да ни укажат на катастрофални настани?

Потеклото и целта на астрологијата

Обичајот да се бараат знаци на небото според кои ќе се водиме во животот потекнува од древна Месопотамија, можеби уште од третиот милениум пр.н.е. Првите астролози внимателно го набљудувале небото. Од нивните обиди да ги бележат на карта движењата на небесните тела, да ги означат положбите на ѕвездите, да направат календари и да ги предвидат затемнувањата на Сонцето и Месечината, настанала астрономијата како наука. Но, астрологијата е нешто повеќе од набљудување на природното влијание на Сонцето и Месечината врз нашата околина. Таа тврди дека местоположбата на Сонцето, Месечината, планетите, ѕвездите и соѕвездијата не влијае само врз позначајните настани на Земјата туку го одредува и животот на секој човек. На кои начини?

Некои астролози бараат во положбата на небесните тела некакви знаци или предупредувања за иднината, а оние што ги знаат тие информации може да ги користат за различни цели. Други сметаат дека астрологијата покажува што ни е предодредено да правиме или дека може да ни помогне да утврдиме кое е најповолното време за извесни активности или потфати. Се вели дека тие информации може да се добијат ако се набљудува како се подредени важни небесни тела и ако се „пресмета“ нивното меѓусебно влијание и влијанието меѓу нив и Земјата. Се вели и дека влијанието на небесните тела врз некој поединец зависи од тоа како се подредени во моментот кога се родило тоа лице.

Првите астролози си мислеле дека Земјата е центар на вселената и дека планетите и ѕвездите се сместени во определени концентрични сфери кои се вртат околу Земјата. Исто така, мислеле дека, на своето годишно патување, Сонцето се движи по небото меѓу ѕвездите и соѕвездијата по одредена патека. Таа замислена патека на Сонцето ја нарекле еклиптика и ја поделиле на 12 зони, односно делови. Секоја зона добила име според соѕвездието низ кое поминувало Сонцето. Така биле измислени 12-те знаци на зодијакот. Се сметало дека овие зони, или „небесни куќи“, биле живеалишта на одредени божества. Се разбира, со текот на времето научниците сфатиле дека Сонцето не се движи околу Земјата, туку дека Земјата се движи околу Сонцето. Тоа откритие ѝ задало смртоносен удар на астрологијата како наука.

Од Месопотамија, местото од каде што потекнува, астрологијата се проширила во речиси сите делови на светот и се вгнездила, во различни облици, во скоро сите поголеми цивилизации. Откако Персија го освоила Вавилон, астрологијата се раширила и во Египет, Грција и Индија. Од Индија, будистичките мисионери ја пренеле во централна Азија, Кина, Тибет, Јапонија и Југоисточна Азија. Иако не го знаеме точниот пат по кој астрологијата стигнала до Маите, оваа цивилизација многу користела астролошки набљудувања слични на оние на Вавилонците. „Современиот“ облик на астрологија, по сѐ изгледа, се развил во елинизираниот Египет и имал значително влијание врз одредени верувања во јудаизмот, исламот и христијанството.

Уште пред да бидат одведени во Вавилон во 7 век пр.н.е., и Израелците дозволиле врз нив да влијае астрологијата. Во Библијата читаме дека верниот цар Јосија вложил напори да ги отстрани од народот обичаите со кои им се принесувале жртви „на сонцето, на месечината, на соѕвездијата на зодијакот и на сета небесна војска“ (2. Царевите 23:5, фуснота).

Кој стои зад астрологијата

Астрологијата е заснована врз големи грешки во врска со структурата и функционирањето на вселената. Затоа, јасно е дека не може да потекнува од Бог. Бидејќи нејзините основни поставки се темелат на невистини, астрологијата не може да биде точен извор на информации во врска со иднината. Нејзините пропусти јасно се гледаат од два интересни настана што се случиле во минатото.

За време на владеењето на вавилонскиот цар Навуходоносор, свештениците и астролозите не можеле да му го протолкуваат на царот сонот што го сонил. Даниел, кој бил пророк на вистинскиот Бог, Јехова, покажал која била причината за тој проблем: „Тајната за која прашува царот не можат да му ја откријат на царот ни мудреците, ни оние што повикуваат духови, ни свештениците што се занимаваат со магија, ни оние што ги познаваат ѕвездите. Но има Бог на небото, кој ги открива тајните, и тој му објавува на цар Навуходоносор што ќе се случи во последните денови“ (Даниел 2:27, 28). Значи, Даниел барал одговор од Јехова Бог, „кој ги открива тајните“ — а не од Сонцето, Месечината или ѕвездите — и затоа можел да му го каже на царот точното значење на сонот (Даниел 2:36-45).

Прецизните астролошки пресметки на Маите не ја спасиле нивната цивилизација од пропаст во 9 век од н.е. Ваквите пропусти не само што покажуваат дека астрологијата е измама и дека не може точно да ги предвиди работите туку ја разоткриваат и нејзината вистинска цел: да ги спречи луѓето да му се обратат на Бог за точни информации во врска со иднината.

Тоа што астрологијата се темели на невистини ни помага да откриеме од кого потекнува. Еве што рекол Исус за Ѓаволот: „Не остана постојан во вистината, бидејќи во него нема вистина. Кога зборува лага, го зборува своето, бидејќи е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44). Сатана се преправа дека е „ангел на светлината“, а демоните се прикажуваат како „слуги на праведноста“. Тие, всушност, се измамници кои имаат намера да ги фатат луѓето во мрежа од измами (2. Коринќаните 11:14, 15). Божјата Реч открива дека Сатана е тој што го овозможува „секое моќно дело... со лажни чудесни знаци и предзнаци“ (2. Солуњаните 2:9).

Зошто да не се занимаваш со неа

Астрологијата се темели на лаги, и затоа му е одвратна на Богот на вистината, Јехова (Псалм 31:5). Од таа причина, Библијата отворено ја осудува и ги советува луѓето да немаат ништо со неа. Во 5. Мојсеева 18:10-12, Бог јасно рекол: „Кај тебе нека не се најде... некој што пророкува според предзнаци, ни маѓепсник,.. ни некој што повикува духови, ни некој што ја претскажува иднината, ни некој што ги прашува мртвите. Зашто, секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова“.

Бидејќи Сатана и демоните се тие што стојат зад астрологијата, луѓето кои се занимаваат со неа се изложуваат на нивно влијание. Исто како што лицето кое зема дрога може да се најде под контрола на препродавачите на дрога, оној што има допирни точки со астрологија може да се најде под контрола на најголемиот измамник, Сатана. Според тоа, оние што ги сакаат Бог и вистината мора потполно да ја отфрлат астрологијата и да го следат библискиот совет: „Мразете го злото, а сакајте го доброто“ (Амос 5:15).

Опстанокот на астрологијата се должи на желбата на луѓето да ја дознаат иднината. Можно ли е да се дознае иднината? И ако да, како? Библијата ни кажува дека не можеме да знаеме што ќе се случи во животот на секој човек утре, следниот месец или следната година (Јаков 4:14). Сепак, таа ни открива што ќе се случи со целото човештво во блиска иднина. Ни кажува дека наскоро ќе дојде Царството за кое се молиме во молитвата Оченаш (Даниел 2:44; Матеј 6:9, 10). Исто така, ни открива дека уште малку ќе им дојде крај на страдањата и дека никогаш повеќе нема да нѐ мачи нешто (Исаија 65:17; Откровение 21:4). Наместо да му го предодреди животот на секој човек, Бог ги повикува луѓето од целиот свет да учат за него и за она што ќе го направи за нив. Од каде го знаеме тоа? Библијата јасно ни кажува дека Божјата волја е „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тимотеј 2:4).

Величественото небо и сѐ што е на него не постои со цел да ни го одреди животот, туку ни покажува дека Јехова навистина е моќен Бог (Римјаните 1:20). Тоа може да нѐ мотивира да ги отфрлиме лагите и да побараме од Бог и од неговата Реч, Библијата, сигурно водство за еден успешен живот. „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изреки 3:5, 6).

[Истакната мисла на страница 19]

Маите многу користеле астролошки набљудувања

[Истакната мисла на страница 20]

Прецизните астролошки пресметки на Маите не ја спасиле нивната цивилизација од пропаст

[Истакната мисла на страница 20]

„Има Бог на небото, кој ги открива тајните, и тој... објавува... што ќе се случи во последните денови“

[Слика на страница 19]

Опсерваторијата Ел Каракол во Чичен Ица (Јукатан, Мексико), 750-900 од н.е.

[Извори на слики на страница 19]

Страници 18 и 19, одлево надесно: ѕвезди: NASA, ESA, and A. Nota (STScI); календар на Маите: © Lynx/Iconotec com/age fotostock; познавач на ѕвездите од племето Маја: © Albert J. Copley/age fotostock; опсерваторија на Маите: El Caracol (The Great Conch) (фотографија), Mayan/Chichen Itza, Yucatan, Mexico/Giraudon/The Bridgeman Art Library