Исчезнала ли свесноста за гревот?
Исчезнала ли свесноста за гревот?
НЕ ТОЛКУ одамна, верниците постојано слушаа како свештеникот громогласно проповеда против таканаречените „седум смртни гревови“ — алчноста, ненаситноста, лакомоста, мрзливоста, гневот, зависта и гордоста. Беше вообичаено да зборува за лошите последици од гревот и да ги повикува луѓето да се покаат. „Денес“, вели еден писател, „во повеќето проповеди гревот е изоставен како непријатна реалност и вниманието главно е насочено кон теми што кај верниците раѓаат пријатни чувства“.
И новинарите даваат потврда дека работите навистина одат во тој правец. Еве неколку нивни коментари од весниците:
▪ „Поимите грев, каење и искупување веќе не се во мода, а популарни се ‚утешните‘ проповеди за тоа дека верникот треба да изгради самопочит и да се сака себеси“ (Star Beacon, Ештабула, Охајо).
▪ „Свесноста за гревот речиси исчезнала“ (Newsweek).
▪ „Повеќе не прашуваме: ‚Што бара Бог од мене‘, туку: ‚Што може Бог да направи за мене?‘“ (Chicago Sun-Times).
Во денешново плуралистичко и толерантно општество, повеќето не се спремни да изнесат свој суд во врска со нечиј морал. Се смета дека тоа не е учтиво. Всушност, изгледа дека најголем грев е да се даде суд за нечии постапки. Затоа, ставот на мнозинството може да се сведе на следново: ‚Иако она во што веруваш можеби е добро за тебе, не треба да се обидуваш да им го наметнеш и на другите. Денес секој си го живее животот според свои мерила. Ти не си единствениот кој знае што е исправно во морален поглед. Мерилата на другите луѓе се исто толку добри како и твоите‘.
Ваквиот став довел до промени во речникот на луѓето. Сега зборот „грев“ ретко се спомнува како нешто сериозно. Многу луѓе го користат само во вицови. Повеќе не се вели дека двајца „живеат во грев“, туку дека „живеат заедно“. Повеќе не се „прељубници“, туку „имаат љубовна врска“. Повеќе не се „хомосексуалци“, туку одлучиле да водат „алтернативен начин на живот“.
Нема никакво сомневање дека се променило она што луѓето се спремни да го прифатат како „нормално“ или да го осудат како „грев“. Но, зошто ставовите се промениле? Што се случило со гревот? И дали е навистина важно како гледаш ти на него?