Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како гледаат Јеховините сведоци на меѓуверството?

Како гледаат Јеховините сведоци на меѓуверството?

Читателите прашуваат...

Како гледаат Јеховините сведоци на меѓуверството?

▪ Според една енциклопедија, денес има околу „10.000 религии во целиот свет“ (World Christian Encyclopedia). Бидејќи конфликтите помеѓу нив воделе до неописливи страдања, многу верници гледаат излез во идејата за меѓуверство. Тие сметаат дека тоа е начин да се постигне мир и единство во овој поделен свет.

Библијата се залага за единство. Апостол Павле го споредил христијанското собрание со човечко тело, при што сите членови се „складно составени и сложно работат“ (Ефешаните 4:16). Во склад со тоа, и апостол Петар ги советувал своите соверници: „Сите бидете со еднакви мисли“ (1. Петрово 3:8).

Првите христијани живееле меѓу луѓе од различни култури и религии. Сепак, кога пишувал за мешањето на различни религии, Павле прашал: „Што имаат заедничко верникот и неверникот?“ А потоа ги опоменал христијаните ‚да излезат од нивната средина‘ (2. Коринќаните 6:15, 17). Јасно е дека Павле зборувал против меѓуверството, односно против мешањето на религиите. Зошто?

Тој објаснил дека заедничките верски активности на некој што е и некој што не е вистински христијанин би претставувале нееднаков јарем во кој секој би влечел на своја страна (2. Коринќаните 6:14). Тоа би влијаело лошо врз верата на христијанинот. Павле покажал слична грижа како еден татко што знае дека некои деца на соседите се лоши. Загрижениот родител мудро му поставува граници на своето дете со кого да си игра. Можеби на другите не им се допаѓаат неговите ограничувања. Сепак, во тие околности неговото дете би било заштитено од лошо влијание само ако биде одвоено од лошите деца. Слично на тоа, Павле знаел дека само ако останат одвоени од другите религии, христијаните ќе бидат заштитени од нивните лоши постапки.

Во врска со таа работа, неговиот став бил ист како ставот на Исус. Иако е најдобар пример за човек што се залагал за мир меѓу луѓето, Исус немал ништо заедничко со другите религии. Додека ја извршувал својата служба на Земјата, имало многу верски групи, како што биле фарисеите и садукеите. Всушност, тие религиозни фракции се здружиле за да го обвинат Исус, одејќи дотаму што сковале завера да го убијат. Но, тој им рекол на своите следбеници „да се чуваат... од учењето на фарисеите и садукеите“ (Матеј 16:12).

Како стојат работите денес? Дали сѐ уште важи библиската опомена да немаме ништо заедничко со другите религии? Да, таа опомена сѐ уште важи. Тоа е така затоа што верувањата на различни религии не можат да се спојат преку меѓуверство исто како што не можат да се спојат масло и вода иако се ставени во ист сад. На пример, кога лица од различни религии ќе се соберат за да се молат за мир, на кој бог му се молат? На троедниот бог на христијанството? На хиндускиот Брахма? На Буда? Или на некој друг?

Пророкот Михеј претскажал дека „во последните денови“ луѓе од сите народи ќе велат: „Дојдете! Да појдеме на Јеховината гора, во домот на Богот Јаковов! Тој ќе нѐ поучува за своите патишта, и ќе одиме по неговите патеки“ (Михеј 4:1-4). Резултатот ќе биде мир и единство во целиот свет, но не затоа што сите вери се обединиле, туку затоа што сите луѓе ја прифатиле единствената вистинска религија.

[Слика на страница 27]

Членови на поголемите светски религии собрани на една меѓуверска конференција во 2008

[Извор на слика]

REUTERS/Andreas Manolis